Москва предупредува: не се приближувајте до Крим
Официјална Москва продолжува со своите заканувачки, воинствени постапки врзани за ситуацијата во и околу Украина – натрупувајќи и натаму оружје и воена опрема на руско-украинската граница, во отцепените Луганск и Донецк (Донбас) и на анектираниот полуостров Крим – оставајќи простор за стравувањата дека Русија се подготвува за инвазија врз територијата на Украина.
Во тој стил, руската страна, во вторникот, ги предупреди и САД, уште пред да влезат два американски бродови во Црно Море, да го одбегнуваат Крим за – како што е речено – нивно добро!?
Истовремено, сите други држави се предупредени да не ја снабдуваат Украина со оружје, но колку што се знае тоа се однесува, пред се, за соседна Турција која со владата во Киев има потпишано договори за испораки на современо вооружување, уште во 2019 година.
Американски бродови во Црно Море
Оваа недела, два американски воени бродови треба влезат во Црно Море (на чии брегови, инаку, излегуваат три земји членки на НАТО – Турција, Романија и Бугарија) откако тие претходно добија дозвола за минување низ Босфор, за што, според една меѓународна конвенција, е потребна согласност од Турција.
Русија уште тогаш ја прекори Анкара за ваквото свое решение, порачувајќи и да се држи до одредбите од конвенцијата.
Сето ова доаѓа непосредно по итната средба на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот претседател Володмир Зеленски, во Истанбул, кога од турска страна е изразена заложбата за мирно разрешување на сегашната криза околу Украина и за мирна разрешница на состојбите во источните делови од оваа земја. Но, во исто време на Киев му е дадена целосна турска поддршка за украинскиот територијален интегритет.
При тоа, Ердоган има речено дека Турција не ја прифаќа анексијата на Крим.
Воинствениот Рибаков
Така не мисли Москва која јасно става до знаење дека нема никаква намера овој полуостров да и го врати на Украина, па во таа атмосфера се вклопува и недипломатската и воинствена изјава на рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рибаков.
Тој е познат како политичар кој обично отворено го кажува она што го мисли неговиот шеф, министерот Сергеј Лавров, како и Кремљ и затоа не изненадува неговиот тон, порачувајќи им на Американците да се држат подалеку во Црно Море, затоа што ризикот од инцидент е мошне голем.
„Нема што да бараат американски бродови блиску до нашиот (руски) брег. Тоа е чиста провокација со цел да се тестираат нашите воени сили. Си играат со нашите нерви, но нема да успеат“ – има речено Рибаков.
И, притоа им се заканил – „нека се држат подалеку од Крим и од рускиот црноморски брег, зашто тоа е за нивно добро“.
Анкара го вооружува Киев
Од Москва на Анкара и е испратено предупредување добро да ја анализира ситуацијата, обвинувајќи ја одново Украина и владата во Киев дека „постојано даваат воинствени изјави“, Се смета дека станува збор за изговор, затоа што главнината на предупредувањето е – Турција да престане да им испорачува оружје на Украинците.
На Киев веќе му се испорачани шест (турски) дронови, вооружување и опрема за нив, како и техника за градење на патролни чамци за украинската воена морнарица.
Продолжувањето на тензиите и воинственоста на Москва предизвикува загриженост, посебно во Европа, па ЕУ ја повика Москва на воздржаност и на избегнување натамошна ескалација. Од Русија е побарано доследно да го примени договорот од Минск, од 2015 година.
Руската страна, меѓутоа, бара Украинците да го применат овој договор потпишан во главниот белоруски град пред шест години, обвинувајќи го Киев дека зборува за дипломатија, а подготвува „агресија на Донбас“, инаку територија што проруските бунтовници ја имаат заземено во април 2014 година.
Бајден-Путин на телефон
Русија, пак, ги отфрла повиците на Брисел за разумно однесување и за смирување на распалените тензии, уште заканувајќи се дека ќе ги прекине односите со ЕУ, доколку Унијата наметне нови санкции против Москва, како што тоа го навести Лавров за време посетата на Каиро.
Во меѓувреме, американскиот Пентагон сосема мирно реагираше на воинственоста на Рибаков, па соопшти дека двата американски брода никого не провоцираат, туку дека одат во водите на Црно Море во, како што е речено, рутинска посета.
Од Вашингтон, меѓутоа, беше соопштено дека претседателот Џо Бајден, по втор пат откако беше извршена смена во Белата куќа, телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Разговорот се однесувал за најновата криза околу Украина. Притоа Бајден му предложил на Путин средба, на што, како е речено – од руската страна не бил добиен никаков одговор.