Москва без царскиот гастрономски салон
„Елисаветски Емпориум за храна“ – како што е името на фирмата и на зградата во Москва, едно од позначајните обележја на градот од некогашните царски времиња, е затворен после 120 години континуирано работење.
Овој архитектонски и според внатрешното уредување најраскошен гастрономски салон, што е лоциран на улицата „Тверскаја“, во центарот на рускиот главен град, е отворен во 1901 година, во времето на царска Русија. Остана да работи и после револуцијата во 1917 година, а беше отворен и во времето на Советскиот Сојуз, како своевидно огледало на новиот политичко – економски систем.
Ковид и немање туристи
„Елисаветски“ го надживеа советскиот комунизам, но пропадна сега и тоа се објаснува со пандемијата со коронавирусот и (велат) со правно компликуваната зделка при продажбата на зградата. Таа сега е празна и без својот инвентар, што е сосема различно од блиското минато кога беше полна и со купувачи (најчесто странски туристи) и со најразлична храна и прехранбени производи.
Според весникот „Москоу Тајмс“ од 2005 до 2015 зградата била сопственост на градот Москва, а со трговскиот дел управувала една приватна компанија која имала цел синџир од „обични“ супермаркети. Во 2015 градот и ја продал зградата на оваа компанија, но таа западнала во криза, па во 2019 година ги има распродадено сите свои супермаркети за да го сочува гастрономскиот салон – „Емпориум“.
Инсајдер на компанијата признал дека Ковид и немањето странски туристи во Москва го предизвикале неговото затворање.
Царски и комунистички времиња
Зградата, пак, е некогашен имот на руската принцеза Зинаида Волконскаја.
Таа во текот на 19 век во зградата има организирано приеми и дружења на луѓе од уметничкиот, музичкиот и литературниот круг на тогашна Москва. На тие дружења доаѓал и поетот Александар Пушкин.
Подоцна зградата ја има купено едно богато руско семејство кое ја преуредило во богат и за богати наменета продавница – салон за луксузна храна. За семејството Елисееви се вели дека се збогатиле со увоз на вино и овошје во царска Русија.
Во 1917 година, „Емпориум“ бил национализиран. Но, останал да работи, така како што бил од порано уреден и во времето на СССР. Сега како место каде советската елита и посетителите на тогашната Москва, можеле да најдат и да купат производи што ги немало на друго место – како кавијар, на пример.