Северна Ирска одново во пламен
Полицијата во Белфаст, за прв пат, по повеќе години употреби водени топови за да се одбрани од насилните протести и нападите, како и за да спречи помасовни меѓусебни улични пресметки на гневните припадници на лојалистичката (протестантска) и на републиканската – националистичка (католичка) заедница во Северна Ирска.
Веќе шест вечери, едно по друго, во неколку северноирски градови, како и во Белфаст, траат насилнички демонстрации, што во овој се уште поделен град, ескалираа во први меѓуверски судири по подолго време, претворајќи ја оваа немирна британска покраина на ирскиот остров, одново запалива зона.
Северна Ирска е во пламен, уште од 29 март кога избувнаа првите судирања на демонстрантите и на полицијата, кога за прв пат насилниците покрај камења, употребија и запаливи бомби и т.н. „молотови коктели“. Засега нема сознанија за загинати, но полицијата соопшти дека 55 полицајци се повредени, десетина најнасилни демонстранти се уапсени, како и дека е предизвикана материјална штета, најмногу врз искршените и запалени полициски возила.
Старите лоши времиња
Последниот таков инцидент се случи во четвртокот вечерта во Белфаст, на „линијата на раздвојување“ – локација во градот, кај познатиот „Ѕид на мирот“. Всушност тоа е „границата“ која ги разделува двете (се уште непријателски) верски заедници, каде беше грабнат еден автобус, што потоа беше запален – за да се испречи како барикада меѓу полицајците и оние кои протестираат. Токму во тој дел од главниот северноирски град се случија и првите директни судирања меѓу католиците и протестантите, по подолго време.
Тоа предизвика загриженост кај населението „од двете страни“, затоа што тоа покажува дека „бунтот во Северна Ирска“ – како што најновите случувања ги имаат наречено некои од лондонските весници – продолжува да ескалира, заканувајќи се да прерасне во пресметка меѓу припадници на двете заедници, во која одново ќе се користи и огнено оружје.
Весникот „Метро“ на пример, на својата насловна страница пишува дека во Белфаст „се вратија старите лоши времиња“, додека „Гардијан“ зборува за потребата од итно смирување на тензиите, низ обнова на меѓупартискиот дијалог на локално ниво, со посредство на британската влада и во соработка со владата во Даблин. Се јавува дека телефонски веќе разговарале британскиот премиер Борис Џонсон и ирскиот Мајкл Мартин, а медиумите откриваат дека на најновата криза во покраината веќе реагирал и официјален Вашингтон.
Вината на Брегзит
Во еуфоријата со кампањата околу вакцинацијата и можноста Британците (Англичаните) да може да одат на одмор некаде во странство, која ја предводи Џонсон, во стилот на кампањата за Брегзит, а силно ја поткрепуваат неговите ториевски весници, кризата во Северна Ирска, во Лондон изгледа како нешто далечно – потисната од „големите успеси„со вакцинирањето. Меѓутоа, тоа не е така за Северноирците и од двете верски заедници кои стравуваат за тоа што ќе биде понатаму.
Според нив, сегашните насилнички немири се директна последица на Брегзит, на излегувањето на Британија од ЕУ, на последиците и неизвесноста што ќе донесе „слободата“ да се биде сам и надвор од Европа. А, пред се, на некои од решенијата донесени во цајтнот, пред Божик 2020 година кога беше определен и посебниот статус на Северна Ирска за трговијата со Европската Унија и посебно со Република Ирска, со која Британците ја имаат единствената копнена граница.
Републиканците (католиците) немаат ништо против да се зборува за „граница“ на Ирско Море и за „издвојувањето“ на Северна Ирска.
Дури и се задоволни од таквата позиција, иако и тие, како и протестантите, во големо мнозинство беа против Брегзит, стравувајќи токму од ваквите состојби. За републиканците сегашната позиција е како „прва фаза кон обединувањето на двете ирски територии“. Лојалистите (протестанти), пак, на тоа гледаат како на опасност за територијалниот интегритет на Обединетото кралство.
Гнев на лојалистите – протестанти
Немирите, пред крајот на март почнаа затоа што не беше покренато обвинување против висок функционер на Шин Феин кој ги има прекршено мерките за заштита од Ковид, при еден погреб на републикански сопартиец. Тоа ги разгневи лојалистите – протестанти кои случајот го поврзаа со „границата“ на Ирско Море и со „новиот статус“ на покраината во која протестантите остануваат мнозинство.
Дополнителен оган на кризата има предизвикано полициската операција, во текот на Велигденските празници, во реонот на областа Антрим, на границата со Република Ирска, против организираниот криминал во која главни актери се припадници и приврзаници на паравоената, протестантска Алстерска одбранбена организација (УДА). Токму оваа група која на времето, војувајќи со ИРА, ги правеше истите работи како и католичката паравоена милиција, стои зад сегашниот бунт во Северна Ирска.
УДА, заедно со другата лојалистичка милитантна група – Алстерски доброволни сили (УВФ) ги изведоа на улица, главно младите протестанти за да се пресметуваат со полицијата, но и да се судрат со католиците на две чувствителни локации – во Лондондери и во западен (главно католички) Белфаст.
Загрозување на мировниот договор
Официјален Лондон изминатите денови се прави како Северна Ирска да не е во пламен. Меѓутоа, загрижува што главната улога и сега ја имаат паравоените групи кои и покрај мировниот договор (април 1998 година) и натаму делуваат активно на теренот. А, формално сите треба да се расформирани.
Се мислеше дека во живот се одржуваат некои дисидентски групи на ИРА, но сегашната криза покажува дека дејствуваат и УДА и УВФ, иако сега нивната главна работа е криминалот, што Брегзит може да го блокира, или пак уште повеќе да го отвори, во хибридната состојба во која се најде покраината по британското излегување од ЕУ.
Како и да е, младите лојалисти – протестанти се незадоволни од Брегзит и се бесни на британската влада што со своето однесување – интересирајќи се само за англиските работи – за Англичаните – кои инаку го изгласаа напуштањето на ЕУ – ги има заборавено Северна Ирска и состојбите во покраината, па дури и кога станува збор за пандемијата и за вакцинацијата.
До мировниот договор од Велики петок, од пред 23 години, оваа покраина над 30 години беше во „валкана меѓусебна војна“ на локалните католици и протестанти во која загинаа над 3500 лица, а десетици илјади беа повредени.
(Д.Л.)