Спутник го собори премиерот Матович
Словачкиот премиер Игор Матович, на крајот, сепак поднесе оставка во настојувањето да се прекине политичката и владина блокада во оваа средноевропска држава, иако долго се опираше да попушти пред притисоците.
Кризата трае неколку недели како резултат на т.н. „случај со руските вакцини“.
Матович оставката и ја поднесе на претседателката на државата Зузана Чапутова, која веднаш предложи нов премиер. Тоа е досегашниот министер за финансии Едуард Хегер.
Станува збор за сценарио што претходно беше договорено меѓу шефот на државата, досегашниот премиер и сите партии од владината коалиција кои и ја предизвикаа владината криза. Матович се согласи да го наследи министерот за финансии, затоа што и обајцата се од партијата Олано, која има најмногу пратеници во словачкиот Парламент во Братислава.
Владина криза во невреме
Веднаш по овој политички трансфер, сите партии во владејачката коалиција се согласија Хегер да стане новиот словачки премиер. На тој начин, практично, ништо не се има изменето на политичката сцена.
Владата и натаму ја има истата партиска структура, а земјата нема да мора да оди на предвремени парламентарни избори кои никој (очигледно) на ги сака, не само поради пандемијата.
А, токму епидемијата, а посебно вакцините се и причина за владината криза и за смената на премиерската функција.
Словачка сегашната пандемија во Европа ја доживува многу потешко отколку во претходниот прв бран, во минатата пролет. Тоа, впрочем, се случува и во сите други држави од Средна и Источна Европа, сите поранешни советски воено – политички сателити.
Во еден момент, бројот на новозаразените и посебно на жртвите во Словачка стана највисок во Европа/ЕУ, па владата мораше да признае дека нејзиното јавно здравство не може повеќе да се соочува со кризата и дека му претстои колапс.
Панична реакција
Таквата ситуација се совпадна со распределбата на вакцините на ниво на Унијата и со сознанието во Брисел дека претходно договорениот план не може да функционира, затоа што фармацевтските компании не одговорија на своите обврски. Посебно компанијата Астра/Зенека, за која се откри дека работи исклучиво за потребите на Британија, каде се наоѓаат нејзините два најголеми погони за производство на вакцини.
Во една таква ситуација, во Братислава се верува дека Матович го има „фатено паника“, па без никого да консултира, на своја рака, има побарано од рускиот претседател Владимир Путин, Русија итно да и испрати на Словачка руски вакцини.
Москва овој потег на Матович го има пречекано со големо задоволство, затоа што тоа и дава можност да го зголемува своето влијание во ЕУ, пред се, меѓу источните членки на Унијата. Сите тие се поранешни сојузници на СССР, членки на Варшавскиот Пакт и на економската заедница СЕВ (комунистичка варијанта на западната ЕЕЗ), а Русија како да сака и натаму да ги третира како „свои“.
Во секој случај, Матович и Словачка, речиси веднаш, имаат примено 200 илјади дози од вакцината Спутник Ве.
Руските вакцини – ја чекаат ЕМА
Таквиот потег на премиерот, меѓутоа, ги има разгневено другите владини партнери, членови на владејачката коалиција кои се спротивставуваат на тоа Словачка да прими руски вакцини. Коалициските партнери сметаат дека премиер на една земја- членка не смеел да бара руска вакцина за која во ЕУ нема дозвола за користење.
Во исто време тие се сметаат и за повредени што за тоа не биле консултирани од премиерот – како што тоа го налага редот. Пред оставката на премиерот, оставка поднесе министерот за економија, во обид да се смири кризата, да се одоброволат партнерските партии и за да се спаси Матович. Но, таквиот маневар не успеа.
Вревата што се крена околу вакцината Спутник, го собори Матович, но иако вакцините се во Братислава со недели, ниту една доза не е искористена. Словачките здравствени власти ја чекаат одлуката на Европската медицинска агенција ЕМА. Претпоставка е дека евентуалната дозвола за употреба на руската вакцина би требало да биде дадена до крајот на април.
Во меѓувреме, некои од земјите членки на ЕУ, итно и позајмија на Словачка 100 илјади дози – за го одржи процесот на вакцинација.