Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Брнабиќ: На 20 илјади вакцини им истекува рокот!

Ale_Mi/Depositphotos.com

Брнабиќ: На 20 илјади вакцини им истекува рокот!

Српскиот премиер Ана Брнабиќ во интервју за една тамошна телевизија има изјавено дека Србија имала „повеќе од 20 илјади вакцини Астра/Зенека (во залиха) на кои им истекува рокот на траење, на почетокот од април“ .

Според нејзиното објаснување вакцините требало итно да бидат искористени, или во спротивно да се уништат, затоа што после тој рок стануваат неупотребливи.

Брнабиќ во интервјуто рекла дека само поради тие причини, владата во Белград се има одлучено да ги отвори границите, за странски државјани од државите – сосетки, за да дојдат и да се вакцинираат во Србија, додека нивните земји очекуваат да ги примат пратките со вакцини од разни фармацевтски компании.

„Нема политичка заднина“

„Сакавме да помогнеме“ – рекла српската премиерка, која притоа ги има отфрлено приговорите во дел од јавноста во нејзината земја, дека во целата таа операција има „многу политика и политичка заднина“.

Таа смета дека „од Србија во целиот регион била испратена слика за солидарноста“ поврзано со вакцинирање на граѓани од неколку соседни земји кои во текот на изминатиот викенд се вакцинирале во центрите за вакцинација во Белград или во Ниш.

„Верувам дека тие луѓе ќе ги повикаме и за ревакцинација и во тоа не гледам политика“ – има изјавено Ана Брнабиќ.

Белградските медиуми тврдат дека околу 20 илјади странци – најмногу од БиХ, пред се, од српската енклава Република Српска, потоа од Црна Гора и од Македонија, но и од Хрватска, како и од Албанија, се вакцинирале изминатиот викенд во Србија.

Хрватска, навистина, е членка на ЕУ, но се соочува со кусок на вакцини поради доцнење на испораката, токму од британско – шведската компанија Астра/Зенека, чија залиха од вакцини во Србија за малку ќе беше фрлена, доколку не беше повикот до граѓаните во соседството да дојдат и да се вакцинираат.

Чистење на залихите

Чистењето на залихите од вакцини и тоа во последните десетина денови пред да истече рокот за траење, не е така протолкуван во самата Србија.

Критичарите на целата оваа операција се гневни на својата влада и воопшто на целиот процес на вакцинација за кој сметаат дека се одвива хаотично и нетранспарентно, како и дека низа работи се сокриваат од домашната јавност.

Прво, се смета дека има политика во целата оваа солидарност, затоа што првично, белградските медиуми имаат јавено дека станува збор за иницијатива на Стопанската комора на Србија, за вакцинирање на стопанствениците од регионот.

Од владата, меѓутоа, бил испратен друг повик – до сите во соседството кои сакаат да се вакцинираат, откако претходно ќе се пријават. За да на крајот, со Астра/Зенека се вакцинираат сите странци кои ќе застанат во редот пред центрите за вакцинација.

Сокриена вакцина?

Потоа, на владата и се замера што досега се криела оваа вакцина, од домашното население и притоа се прашува- зошто таа не била дистрибуирана за српските државјани, во екот на кампањата.

Особено што од владата беше соопштено дека во текот на викендот – се вакцинирале и српски државјани – со руската и со кинеската вакцина.

Конечно, критичарите на оваа владина акција забележуваат – зошто воопшто се купувани толку вакцини, за да потоа се дојде во ситуација  да се фрлаат. Тие се гневни што земјата и понатаму прави залихи, главно од руски, но изгледа дека доминираат  кинески вакцини, за кои  се најавува дека ќе дојдат – како подарок, кога излегува дека Србија има доволно резерви кои и онака имаат ограничена трајност.

И, сето тоа, за да подоцна – „солидарно“ им се нудат на соседите.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе