Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Инцидент на Јанша во Европарламентот

Ale_Mi/Depositphotos.com

Инцидент на Јанша во Европарламентот

Словенечкиот премиер Јанез Јанша продолжува да влегува во судир со Брисел, со ЕУ и со европските институции, незадоволен што Европа нема разбирање за неговата десничарска, националистичка политика, за неговото спротивставување на либералната демократија, која подразбира владеење на правото и слобода на медиумите – што се темелот на кои почиваат европските интеграции и целата Унија.

Еднаш тоа го направи со Европскиот совет, кога пред крајот на 2020 година, се солидаризираше со својот близок пријател и сојузник од Унгарија, Виктор Орбан, како и со Полска во нивното тврдоглаво спротивставување – парите од европските фондови, па и оние за опоравување на економиите од кризата со коронавирусот – да бидат врзани за владеењето на правото. Јанша тогаш ја нарече ЕУ „потенцијален Титаник“ уште и заканувајќи се дека ако треба – Словенија би го напуштила навреме „бродот што тоне“!

Во судир со европските вредности

Кога подоцна се преслуша што, воопшто, му има напишано на Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, а и кога виде дека ниту Орбан, а ниту Качински во Полска, за кого се вели дека е оној што вистински владее со земјата, не ни помислуваат на некаков унгарски, или полски „брегзит“, Јанша се повлече .

Едноставно, се сети дека тој, како и другите двајца, иако со низок рејтинг, се одржуваат на власт само благодарејќи на гласовите од националистичко – десничарските руралните делови од овие три земји – благодарејќи на ЕВРОПСКИТЕ ПАРИ за разни субвенции со кои (практично) си ги купуваат гласовите за да останат на власт.

А, сега, Словенецот се судри со европарламентарците, откако предизвика инцидент во текот на расправата за слободата на медиумите во неговата земја, за која веќе со месеци се зборува, како во Словенија, така и во форумите на ЕУ, дека е сериозно загрозена.

Во текот на дебатата во Европскиот Парламент – водена преку видео линк – Јанша незадоволен од тоа како тече расправата, прво ги навреди луѓето од Парламентит дека „земаат доволно пари“ за да, како што дофрли, треба да ја завршат работата на време, а потоа, ја има напуштено расправата – исклучувајќи ја врската со Стразбур. Во едни други услови, тоа би било како словенечкиот премиер да ја има напуштено салата!

Словенија „на тапет“

Темата за која се расправало, а на која требало да учествува и Јанша била – ситуацијата во Словенија – кога станува збор за почитување на демократијата, за владеењето на правото и за медиумските слободи.

За овие проблеми, оваа поранешна ЈУ република, во тоа време предводник на демократските промени, веќе со месеци е „на тапет“ и за неа во Брисел веќе се зборува како за третата екс комунистичка држава, примена во ЕУ на 1 мај 2004 година, која наместо да оди кон европските, се враќа кон старите корени на едноумието.

На почетокот од расправата во Стразбур, Јанша се спротивставил на обвинувањата дека е загрозена слободата на медиумите, тврдејќи дека тој и неговата влада не вршат притисок врз нив. Особено, што како што има речено – токму „опозицијата ги контролира словенечките медиуми“.

Но, веднаш по тоа, ја исклучил видео врската, затоа што претседавачот на конференцијата (претставник од Холандија) не дозволил да се прикаже еден десет минутен видео материјал во полза на тезата на премиерот, затоа што бил понуден само три часови пред почетокот на состанокот – па не бил преведен. Освен тоа, самиот состанок бил замислен како дебата за состојбата во Словенија, во која не било предвидена никаква видео презентација.

Различни позиции

Според европските медиуми, од видеото на Јанша требало да се заклучи дека во неговата земја јавните медиуми се слободни – дека нема врз нив никакви напади, а уште помалку притисоци од владата. Станува збор за ситуацијата,  пред се, околу РТВ Словенија, како и словенечката новинска агенција СТА., за што зборувале присутните новинари од Словенија кои инсистираат дека врз нив има силен притисок од власта.

Оваа земја која до пред извесно време беше посочувана како пример за другите од екс ЈУ, сега се јавува како европски проблем, а настојувањето на Јанша да ги дисциплинира медиумите и новинарите (по унгарски модел) веќе е интернационализирано – кога станува збор за медиумските слободи. Расправи претходно се одржани во одборот за граѓански слободи, за правосудство и внатрешни работи, како и во Европскиот Парламент на пленарна седница.

Целата оваа криза околу Словенија добива на тежина затоа што токму оваа членка (и нејзиниот премиер) треба да претседаваат со ЕУ од 1 јули, што кај другите предизвикува недоверба со оглед на однесувањето на Јанша, посебно по неговиот недипломатски и во основа и непристоен инцидент што го предизвика околу американските избори.

Мешање во изборите во САД

Тогаш Јанша не само што застана зад повторниот избор на Доналд Трамп и се вклучи во лажните приказни на трамповци дека изборите се „наместени“, туку и го навреди новозибраниот претседател на САД, Џо Бајден, прогласувајќи го за неспособен за функцијата на која го избраа американските гласачи.

Словенечкиот претседател тогаш мораше да интервенира, испраќајќи честитка за Бајден и настојувајќи да не дојде до целосно замрзнување на словенечко – американските односи. Како и да е, Американците дури и ништо да не преземат, сепак, нема да го заборават односот на актуелниот словенечки премиер кој по силата на својата позиција дома, би требало од јули, па до крајот на оваа година, да ја предводи Европа.

И, тоа во времето кога ЕУ и Америка настојуваат, заеднички, по годините на Трамп кој целосно ги растури односите со Европејците – сојузници на САД, да работат на враќање на меѓусебната доверба.

Конечно, Бајден за прв пат, беше вклучен во расправата околу вакцините во текот на последниот Самит на ЕУ (преку видео линковски врски) заедно со сите други европски лидери, одржан во четвртокот и во петокот.

Војна со домашните новинари

Што се однесува до медиумите, словенечките новинари, барем оние кои ги бранат принципите на медиумската независност, во Стразбур имаат потсетено на состојбите во нивната земја, во времето кога Јанша ја предводи владата.

Прво, тоа дека тој само што стана премиер има поднесено тужба против домашните медиуми (!) до Советот на Европа оквалификувајќи ги како „последните остатоци на комунизмот“.

Потоа, најави дека ќе го запре финансирањето на словенечката новинска агенција СТА, за наводно непрофисонално работење (Јанша не бил задоволен како агенцијата ја има покриено неговата тогашна средба со Виктор Орбан). Подоцна уследи и судир на владата (премиерот) со редакцијата на весникот „Дело“, а на крајот дојдоа и заканите со смена на главните уредници и на РТВ Словенија и на агенцијата СТА.

Радикално свртување

Во исто време, во словенечката медиумска јавност, со помош на парите на унгарски бизнисмени, врзани за Орбан и за неговата десничарска идеологија, дејствуваат низа медиуми чија цел е да се популаризира премиерот, неговата партија, со која управува откако е Словенија независна држава, да се напаѓаат европските вредности и европската либерална демократија .

Всушност, тоа е истото она што го прават и оние македонските медиуми – телевизиски станици и цела низа портали – сите платени со странски пари, од разни унгарски про – орбан бизнисмени, за да се спротивставуваат на проевропската и прозападна влада во Македонија.

Тоа тргна во времето на власта на режимот, кога газдата на сите тогашни весници определуваше дури и каков може да биде насловот, за да биде во функција на деспотот кој потоа побегна во Будимпешта, за да не оди на издржување на затворската казна. Од таму, преку својата партиска инсталација во јавната администрација и со помош на партиските медиуми, тој и натаму ја води партијата, онака како што ја водеше и Македонија 11 години.

Јанез Јанша, инаку, во својата кариера има направено радикално свртување – од деклариран левичар и уредник на „Младина“ – орган на некогашниот Сојуз на социјалистичката младина на Словенија, како и студент по (тогаш) постоечкиот факултет за општонародна одбрана и заштита (ОНО), во силен анти левичар, ултра – десничар и националист кој војува против вредностите што некогаш ги има брането.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе