Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Блокиран Суецки Канал

PhilHarland/Depositphotos.com

Блокиран Суецки Канал

Суецки канал е целосно блокиран за сообраќај, откако еден голем брод – со контејнери – се „заглави” во каналот и го запре сообраќајот.

Станува збор за еден од најфреквентните водени патишта и највиталните поморски траси во светот, затоа што низ Каналот кој го дели африканскиот континент од Азија, минува дури 12 отсто од светската трговија.

Бродот кој е долг колку четири фудбалски игралишта – или вкупно 400 метри, а широк 60 метри – се заглавил во каналот, откако се има испречено по целата ширина на овој воден пат. Тоа предизвика повеќе од 30 други бродови да се наредат во ред на северниот влез, а други три на јужниот – и да чекаат негово одблокирање.

Но, нивниот број постојано расте, па египетските власти веруваат дека на двете страни „можеби има и стотина бродови од различна големина“ – што се на ред за поминување.

Силните ветрови причина за инцидентот

Бродот се заглавил поради силните ветрови што го имаат зафатено регионот. Силината на ветровите била толку голема што дури и овој огромниот теретен брод, тежок 200 илјади тони, како да е играчка, го имаат изместено од курсот по кој пловел, па тој, буквално, се свртил во место и поради големината се испречил на средината на водениот пат, набргу откако го поминал т.н. јужен влез во Суецки Канал.

Бродот „Ever Given“ што плови под панамско знаме, a оперира за тајванската транспортна компанија „Еvergreen“ патувал од Азија, од Кина кон холандското пристаниште Ротердам. Станува збор за ново пловило, затоа што е изграден во 2018 година и е опремен со најмодерна навигациска и компјутерска опрема.

Инцидентот се случил во 07,40 часот во вторникот по локално време. Според првите извештаи, нема повредени, но не се знае дали има оштетувања на бродот.

Потребни се неколку денови

Во управата на Каналот велат дека спасувачки екипи, како и реморкери настојуваат да го вратат бродот со контејнери на неговата првична траса и да го ослободат патот за сообраќај. Меѓутоа, засега, немаат голем успех и признаваат дека станува збор за тешка и компликувана операција.

Транспортни експерти изјавиле дека за целата операција, најверојатно, ќе бидат потребни неколку денови.

Египетските власти ги имаат отворени некои стари, паралелни канали покрај главниот пат, за да тој може барем делумно да се ослободи.

Економски експерти проценуваат дека вакви блокади на витални транспортни патишта може да предизвикаат пореметување, или повеќе да создадат последици врз глобалната трговија, но не веруваат дека привремената блокада на Суецки канал, би можел тоа да го предизвика, особено што поводот е условно речено – поморска „сообраќајка“.

Скок на цената на нафтата

Блокадата, сепак, веќе предизвика да се зголеми цената на суровата нафта.

На берзите за нафта во светот, „црното злато“ во средата се нудеше поскапо за 4 отсто. Најмногу затоа што меѓу заробените бродови на двете страни од Каналот има „најмалку 20 танкери кои превезуваат сурова нафта“.

Суецкиот Канал ги поврзува Медитеранот со Црвено Море и претставува најкраток пат меѓу Азија и Европа. Каналот е долг 193 километри и е отворен во 1869 година.

Алтернативен пат е пловењето околу Африка, јужно од Ртот Добра Надеж, но таа траса е далеку подолга, а тоа значи и поскапа. Низ Суецки Канал – дневно минуваат по околу 50 разни бродови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе