Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Вулкан на Исланд „се разбуди“ по 800 години

Вулкан на Исланд „се разбуди“ по 800 години

Исландската метеоролошка станица соопшти дека силна вулканска ерупција е во тек, во непосредна близина на главниот град Рејкјавик.

Според првите извештаи од теренот, создадена е пукнатина на тлото долга меѓу 500 и 700 метри која се наоѓа во Фаградалсфјали, на полуостровот Рејкјанес. Последен пат ерупција на вулкан во овој дел од Исланд имало пред околу 800 години.

Ерупцијата почнала во петокот доцна вечерта, околу 21 часот, по локално време. Исландските власти кои се подготвуваа од порано за ерупцијата имаат веднаш испратено хеликоптери на крајбрежната стража во погодениот регион што е на само 30 километри оддалечен од Рејкјавик.

Црвено небо

Жители од островот, во едно мало место кое е уште поблиску, само осум километри далеку од ерупцијата, јавиле дека од прозорците на своите куќи гледаат целосно црвено небо и лава како тече по површината на земјата, која сепак е далеку од нив. Тие потврдиле дека сите жители ноќта ја минале во своите автомобили чекајќи да почнат да се повлекуваат, доколку лавата се насочи кон нивниот град.

Непосредно пред ерупцијата на вулканот, земјотрес со силина од 3,1 степени по Рихтеровата скала бил регистриран во реонот на Фаградалсфјали, со епицентар на 1,2 километри од локацијата на „разбудениот“ вулкан.

Претходно, во последните три недели жителите на овој дел од Исланд, вклучувајќи ги и оние во Рејкјавик имаат почувствувано речиси секојдневно, постојано тресење на тлото. Во тој период биле регистрирани рекордни 5о илјади земјотреси. Потресите се редовна појава пред вулканска ерупција, таму каде постојат „живи“ и одамна „угасени“ вулкани.

Заборавен и „угасен“ вулкан

Жителите на островот се навикнати на ваквите природни случувања – посебно на земјотресите и на ерупции на бројните вулкани. Но велат дека ова е прв пат сето тоа да им се случува толку близу до главниот град и прв пат после толку многу години, од еден „заборавен“ и се мислеше угасен вулкан.

Во 2010 година Исланд беше погоден од ерупцијата на вулканот Ејафјалаокул кој со денови исфрлаше вулкански пепел. Облаците од пепелта се раширија над целиот северен дел од европскиот континент, предизвикувајќи сериозни пореметувања на авионскиот сообраќај.

Сегашната ерупција на Фаградалсфјали не се очекува да има таква активност, ниту во атмосферата да исфрли големи количества вулкански пепел и прав, па затоа и не се верува дека оваа ерупција ќе ги повтори проблемите за авио – сообраќајот како онаа пред 11 години.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе