Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нова кавга околу вакцината на Астра/Зенека

bizoon/Depositphotos.com

Нова кавга околу вакцината на Астра/Зенека

Среде новиот налет на (сега) мутираните видови на коронавирусот во Европа, од кои е погоден и Западен Балкан, како и во екот на и онака забавената вакцинација, 13 земји членки на ЕУ го прекинаа користењето на вакцините од Астра/Зенека и веднаш предизвикаа нова кавга околу оваа фармацевтска компанија и нејзината вакцина.

Причината за ваквата одлука се регистрираните десетина смртни случаи на пациенти кои претходно биле вакцинирани со оваа вакцина – главно од згрутчување на крвта. Засега е познато дека згрутчување било забележано кај 37 вакцинирани лица.

Згрутчување на крвта

Прва за ваква одлука се одлучи Данска, откако на една возрасна жена, која претходно била вакцинирана, набргу починала поради згрутчување на крвта. Тоа ја натера владата во Копенхаген веднаш да го запре вакцинирањето со вакцините на Астра/Зенека.

Одлуката беше означена како привремена, додека не се добие мислење по новата експертиза која беше побарана од ЕМА (Европската медицинска агенција) која, претходно, ја има одобрено оваа вакцина за употреба во земјите на ЕУ.

Веднаш по Данска, употребата на оваа вакцина ја запреа и Норвешка и Исланд. Малку подоцна, нивниот пример го следеа и Кипар, Латвија, Шведска и Бугарија. А кога во понеделникот, привремена блокада за оваа вакцина ставија и четирите најголеми земји – членки Германија, Франција, Италија и Шпанија, силно се подигна температурата во блокот од 27 земји, но и во ЕМА и во Светската здравствена организација (СЗО).

Унијата не успеа да постигне согласност за ова, затоа што Белгија и Полска се спротивставија на запирање на вакцинирањето, кога веќе е започнато, после многу проблеми околу испораката и распределбата на вакцините.

Лондон ја брани компанијата

Другите членки, колку што се знае, останаа некако „неутрални“.

Пред се, Унгарија која овојпат молчи, но таа и онака е единствена што не го испочитува редот, па на своја рака внесе руски и кинески вакцини, иако тие немаат дозвола за употреба на територијата на ЕУ (од каде треба да им се разделат вакцини и на земјите од Западен Балкан).

Тоа се однесува и за Словачка која итно побара (и веројатно, поради тоа) веднаш доби од Русија една интервентна пратка. Околу оваа работа за малку ќе беше соборен словачкиот премиер, затоа што сето тоа го има изведено на своја рака. А, тука е и Чешка која, инаку, сега се соочува со мошне висока смртност, најголема во Европа.

Во целиот случај, меѓутоа, неповикани се вклучија Британците, одново бранејќи ја својата компанија и нејзината вакцина.

Британија се фали, а тоа посебно го прават проториевските лондонски весници, дека е далеку поуспешна од ЕУ во вакцинирањето. Тоа и не е чудно, затоа што треба (теоретски) да вакцинира популација од 65 милиони жители, додека ЕУ, на пример, има работа со 450 милиони луѓе (без земјите од Западен Балкан) – што е несразмерно нееднаква задача.

Британците пред ЕУ

Факт е, меѓутоа, дека Британија има вакцинирано 36 отсто од населението, според нејзините службени податоци, додека ЕУ 10,6 отсто. Тоа во секој случај ја прави британската операција за брзо и масовно вакцинирање прилично успешна.

Но зад овој успех се крие и нешто друго – некоректното и егоистично однесување на Лондон. Британија се обвинува за таен договор со Астра/ Зенека, за тоа – фабриките на британска територија да работат САМО за потребите на Британија и на британската влада.

Ваквата зделка, зад грбот на ЕУ, која со оваа компанија имаше и има договор, предизвика да се распадне претходно направениот план за распределба на вакцините по земји-членки, при што како првично мерило за распределба требаше да биде бројот на населението.

Освен тоа, Британија, со Израел и со САД, создадоа ситуација на „национализам“ во вакцинирањето и преку правењето директни зделки со фабриките, кои се полакомија по екстра профитите, предизвикаа „катастрофално нехумана ситуација“, како што ја нарекоа од ОН – десет најбогати и најмоќни земји во светот да располагаат со 75 отсто од дозите со вакцините.

Политика и интереси

Лондонските проториевски весници, меѓутоа, се нафрлија врз ЕУ, а посебно врз големата четворка во Унијата, дека (безмалку) продолжува да се пресметуваат со нивната Астра/Зенека, не верувајќи во стравувањето дека нејзината вакцина може да предизвикува „несакани нус-појави“, посебно на постари лица.

Сите земји кои сега го запреа вакцинирањето со Астра/Зенека, инаку, претходно донесоа одлука вакцината да не им се дава на лица постари од 65 години, иако некои од нив (Германија и Франција) го подигнаа лимитот до 70 годишна возраст.

Медиумите во Британија, а и Даунинг стрит 10, на одлуката на Европејците – сепак – повеќе гледаат како на политичко – економска мерка, реванш кон британската фирма и како можност да се истурка напред Фајзер, преку неговите фабрики на европска почва. Секако, за ваквото верување, Лондон нема никаква основа, но факт е дека зад острата реакција на британските медиуми – има ПОЛИТИКА и ПОЛИТИЧКИ ИНТЕРЕС.

Пред се, за да не се дозволи создавање паника во Британија кај оние кои веќе ја имаат примено едната доза од Астра/Зенека, дека може да им се случи некоја контра – индикација. А, втората работа е дека доколку ЕУ сложно остане на сомнежот кон оваа вакцина, или дури ја прогласи за небезбедна, тогаш Британците кои се со неа вакцинирани не ќе може да патуваат во земјите на ЕУ – на одмор и летување – бидејќи ќе бидат третирани како невакцинирани и неимунизаирани патници.

Поделеност кај експертите

Одлуката на овие 13 земји од ЕУ, меѓутоа, предизвика различни мислења и кај експертите во Унијата.

Прашањето е – дали, сепак, одлуката не е избрзана и не е погрешно донесена, затоа што би можела да има повратен удар.

Едноставно, би можела да биде злоупотребена од моќната европска антиваксерска дружина, која ова може да го искористи за покренување нова кампања против вакцинирањето. Тоа, пак, би можело да му нанесе штета на целиот започнат процес на имунизација, на што предупредува СЗО.

Европската медицинска агенција (ЕМА) оваа недела треба да пресуди. Но, засега, продолжува да ја брани вакцината на Астра/Зенека, тврдејќи дека според досегашните сознанија нема докази дека појавените контра – индикации се последица на вакцината, па дека затоа, треба да се продолжи со нејзината употреба. Освен тоа, експерти, проценуваат дека нема сознанија ниту за тоа дали појавата на згрутчување претставува случајно совпаѓање, или пак пациентите биле и онака подложно на тоа.

Конечно, засега е познато само за 37 случаи на згрутчување на крвта во ЕУ, а во сите земји-членки, со оваа вакцина се вакцинирани околу 17 милиони луѓе, што е сепак, крајно мал процент.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе