Кипар: федерација или две независни држави
Без малку 47 години се поминати откако тогашните влади во Атина и Анкара, секоја од свои интереси, предизвикаа политичко-безбедносна криза околу островот Кипар. Кризата беше толку голема и длабока што за малку ќе предизвикаше грчко – турска војна.
До војна, сепак, не дојде, но од тогаш, овој медитерански остров остана поделен на два дела – на јужниот грчки и на северот – турски.
На југот, населен со етнички Грци, денеска постои државата Република Кипар која е меѓународно призната, а од мај 2004 година е членка и на Европската Унија. На северот, во кој живеат само етнички Турци, егзистира како засебна територија т.н. „Република Северен Кипар“, што се одржува со политичка, економска и воена поддршка од турската држава.
Меѓутоа, само владата во Анкара ја има призаено северната територија на островот како независна држава. За ОН и за меѓународната заедница, таа беше и останува „окупациона зона“ на која се уште има странски (турски) воени сили.
Пропаднат енозис
Кризата настана кога тогашната воена хунта во Грција, која беше на власт по воениот удар од 1967 година, ја подржа локалната грчка кипарска, националистичка и крајно десничарска организација на грчки офицери во пензија кои прогласија Енозис – што ќе рече – обединување на Кипар со Грција.
Откако, претходно, го соборија од власт архиепископот Макариос кој беше претседател на државата, од нејзиното ослободување од британскиот колонијализам.
Иако грчки свештеник, но Кипранин, тој успеваше да одржува сожителство и баланс меѓу двете етнички заедници. Тие беа поделени – секоја на својата „национална“ територија, но сепак, колонијалното ропство ги има научено да живеат заедно, врзани еден кон друг, на малиот остров.
Енозисот на полковниците во Атина и на оние во Никозија, целосно пропадна.
На „обединувањето“ Турција и тогашниот премиер Булент Еџевит, одговорија со испраќање армада на островот. Турските сили за кратко време ја освоија целата северна територија на Кипар, се до пред главниот град Никозија, во чија околина, со меѓународна интервенција, беше повлечена „зелена линија“ – како привремено решение.
„Зелената линија“ стана граница
Сите изминати децении се правеа напори за повторното обединување на островот, но „зелената линија“ се уште постои како гранична линија, а двете етнички заедници, сега гледаат сосема различно на работите. Сосема се изменети и состојбите околу Кипар и во поширокиот регион, како и политичките прилики во Атина, а посебно во Анкара.
Турција, има нова генерација политичари, а земјата под цврстото водство на Реџеп Таип Ердоган е до непропазнавање измената од онаа земја во 1974 и во годините потоа.
Економски, политички и воено таа прерасна во регионална сила, на која ЕУ веќе не и е потребна, па таквата позиција ја прави Анкара и арогантна и тврда за правење компромиси. Посебно кога станува збор за нејзиниот стар непријател – Грција, со која освен за Кипар, двете земји имаат и цела низа други нерасчистени сметки.
Официјална Анкара и порано и сега не ја признава државата Кипар и тоа е едно од прашањата поради кои (и да сака) Турција не би можела да продолжи по напуштениот европски пат. Но, непризнавањето на Република Кипар, од минатото лето, стана проблем и за решавање на кризата која избувна во реонот на источен Медитеран, за кој Турците и Грците уште еднаш почнаа да ѕвецкаат со оружјето.
Нафта и гас од Медитеранот
Станува збор за кризата околу истражувањето и идната експлоатација на гасот и нафтата на морското дно, за кое како претенденти се јавуваат повеќе играчи. Пред се, владата во Никозија која смета дека станува збир за кипарски води, потоа Атина како нејзин патрон од надвор и другите од ЕУ и регионот.
Едните затоа што и Кипар и Грција се членки на ЕУ, а другите затоа што се блиску до сега, новата стратешки виталната зона од која може и тие да се офајдат.
Турските власти непризнавајќи ја кипарската држава, сметаат дека Турција е таа која има право да истражува на дното на Медитеранот, пред Кипар, како земја која и самата излегува на Средоземието со својот јужен брег. Но, и преку „Република Северен Кипар“ која Турците бараат да биде меѓу оние кои претендираат на нафтата и гасот, кои наводно ги има и до брегот на северната страна од островот.
Летоска, Турција испрати свој брод истражувач на поморското дно, трагајќи за наоѓалишта на гас и нафта, што беше придружуван од дури четири воени бродови на турската морнарица. Грција веднаш реагираше испраќајќи во реонот свои бродови и авиони, па интервенираше Франција, како членка на НАТО и земја од зоната на Медитеранот, која застана во заштита на кипарскиот суверенитет.
Анкара против федерација
Станува јасно дека кризата околу нафтата ќе се компликува поради нерешената ситуација на Кипар. Исто така, ќе се компликува и кипарско прашање кое е оставено нерешено толку многу години, затоа што сега сите, уште повеќе ги зацврстуваат своите позиции кои и онака беа тврди и непопустливи.
Идејата на меѓународната заедница е создавање федерација врз национална основа. Грците и Турците тврдат дека сакаат решение, но сосема различно гледаат како тоа да се постигне. Грчката страна, едноставно, не сака да се наруши стариот, некогашен унитарен систем на еден Кипар, со две етнички заедници. Тоа значи дека и федерацијата за нив е „опасно“ решение.
Кипарските Турци (и Анкара) досега веруваа дека едно такво решение би можело да помогне за повторното обединување на островот. Но, од пред извесно време тие зборуваат за тоа дека треба да се напушти идејата за создавање федерација и наместо тоа да се создадат две, независни држави, една покрај друга – држава на кипарските Грци и на кипарските Турци.
Атина за обединет остров
Во Никозија и во Атина, како што може и да се очекува, не сакаат ниту да слушнат за тоа. Двете страни, затоа, имаат покренато широка дипломатска активност, за тоа решението за кипарското прашање да се бара само во рамките на резолуциите на ОН.
Турската страна, својата иницијатива ја брани со бројните досегашни неуспеси да се дојде до решение со помош на ОН. Освен тоа Турците не прифаќаат ЕУ да се вклучи во преговарачкиот процес, затоа што ја сметаат за пристрасна, бидејќи станува збор за две членки на Унијата.
Брисел, сепак, не мисли така, а Франција и Италија веќе се определија за кипарската страна и за зачувување на интегритетот на државата. Сега заинтересирани и како играчи во потрагата по гасот и нафтата во источниот Медитеран.
За крајот на април, ОН закажа неформален состанок за кипарското прашање на кој се повикани само двете кипарски заедници, Грција и Турција, како и Британија, некогашната колонијална сила на островот. Целта е да се види дали има шанси за продолжување на преговорите. За ЕУ нема покана. Засега, Унијата останува надвор од играта.
(А.А.)