Швајцарија против носење бурки на јавно место
Швајцарците со тесно мнозинство, на референдум се определија против покривањето лицето на муслиманките на јавни места. За ваквото решение се определија 51,2 отсто од гласачите, соопшти швајцарската влада.
Во домашната јавност се верува дека станува збор за забраната да се носи бурка која не само што целосно го покрива женското лице, туку и го сокрива идентитетот на жената, или за носењето нагиб, каде е оставен отвор само за очите, иако во соопштението на владата за референдумот не се споменува ниту една од носиите кои ги носат некои од жените со исламска вероисповест, со кои се покрива лицето.
Поделена јавност
Иницијативата за референдумот ја потекна десничарската, швајцарска национална партија. Оваа партија, уште во 2009 година, успеа преку референдумско изјаснување да истурка закон со кои се забранува подигнување минариња покрај исламистичките верски објекти, како нешто што е сосема спротивно на швајцарската традиција.
Блок од левичарски партии и разни групи за човекови права се спротивставуваа на закон против покривање лицето кај муслиманките, тврдејќи дека тој е „апсурден, непотребен и исламофобичен“.
Јавноста во Швајцарија остана до крај силно поделена околу ова прашање, што го покажува и крајниот резултат од гласањето.
За едни, закон околу бурката бил неопходен, како мерка против ширењето на радикалниот ислам, како и орудие во борбата со тероризмот, согласувајќи си дека под целосно покриеното лице (и тело) не мора да биде само жена, туку дека може така да се прикриваат и терористи.
Противниците на законот сметаат дека тој е, пред се, сексистички и ксенофобичен.
Забрана и за демонстрантите
Така или не, Швајцарија сега има закон каков што во Европа имаат само неколку држави – Франција, Белгија, Австрија, Бугарија и Данска.
Новиот закон, освен за жените муслиманки, забранува покривање на лицето и оставање отвор само за очите и при разни демонстрации, на кои демонстрантите исто така знаат да се облекуваат за да го сокријат идентитетот од полицијата. Покривање на лицето кај муслиманките не е забрането само во нивните верски објекти.
Два од вкупно 26 швајцарски кантони – Тичино и Сент Гален – од порано имаат донесено вакви мерки. Во овие два кантона се предвидени парични казни за непридржување на законот.
Повеќе европски земји се обидоа во домашната јавност да протуркаат една ваква, или слична мерка. Посебно, во екот на бранот терористички напади и експлозијата на радикалниот ислам во времето на т.н. Исламска држава (ИД). Се водеа силни полемики околу тоа, но најголем дел од континентот остана без ваков закон, како што е швајцарскиот.