Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Избеган осуденик на „Златна Зора“ се крие во Србија

Ale_Mi/Depositphotos.com

Избеган осуденик на „Златна Зора“ се крие во Србија

Осудениот висок функционер на грчката крајно-десничарската, нео-нацистичката организација Златна Зора – Христос Папас – кој избега од Грција, веднаш по судењето на раководството и на припадниците на оваа поранешна парламентарна партија, откриен е дека се крие „некаде на територијата на Србија“ – јавуваат медиумите во Атина, повикувајќи се на извори во власта.

Папас е во бегство уште од крајот на октомври, изминатата година, откако судот во Атина го осуди на 13 години затвор за претворање на партијата во криминална и злосторничка организација. Грчкиот суд тогаш ја стави надвор од законот, а целото раководство и поранешните пратеници ги изведе на судење, обвинувајќи ги дека биле припадници, активисти, или поддржувачи на една таква организација.

Бегство пред затворот

Веднаш по изрекувањето на пресудата за Папас, за лидерот на Златна Зора, Никос Михалолакис, како и за уште дваесетина други грчки нео-нацисти, судот наложи сите да бидат ставени во притвор, или во услови на ограничена слобода, затоа што се обвинети за низа тешки кривични дела, па и за убиства, без разлика што пресудите не беа правосилни, бидејќи адвокатите на осудените веднаш покренаа серија жалби.

Жалбената постапка се уште не е завршена, па според тоа ниту пресудите не се правосилни, но Папас не чекајќи неговата казна да биде потврдена (како што се очекува), исчезна пред биде приведен и од тогаш стана недостапен за судските власти.

Полицијата објави дека вториот човек на Златна Зора е во бегство, па распиша потерница, а потоа покрена и т.н. и европска потерница која е задолжителна за земјите членки на ЕУ. Меѓутоа, од бегалецот немаше ни трага.

Помош од „старокалендарците“ ?

Првичната претпоставка беше дека овој нео-нацист се крие некаде на грчка територија, а подоцна полицијата призна дека Папас, сепак, е избеган во странство.

Сега, за прв пат, атинските медиуми тврдат дека бегалецот се крие во Србија, во некој од српските манастири.

Не се посочува за кој манастир станува збор, но впечаток е дека властите во Грција знаат каде е Папас, или барем се сомневаат каде би можел да биде.

Се верува дека тоа би можеле да бидат „манастирите што се тесно поврзани со малото, но влијателно православно крило при Грчката православна црква – т.н. „старокалендарци“. Тоа се свештеници на ГПЦ кои одбиваат да го признаат грегоријанскиот календар кон кој пред многу години се има приклучено грчката црква.

Според медиумите во Атина, Папас избегал преку Република Северна Македонија, влегувајќи на македонската територија, а потоа и на територијата на Република Србија, целосно преправен – со долга брада и облечен како монах – калуѓер. Се претставувал под сосема друго име и со целосно изменет идентитет и лични податоци.

Убиство на раперот Фисас

Грчките власти, сега, бараат од српските да го најдат бегалецот, да го приведат, а потоа да го екстрадираат во Грција.

Ултра – десничарската Златна Зора сега е расформирана, но во еден мачен и мрачен период од грчката политичка сцена, тамошните нео – нацисти и нивната партија беа трета политичка сила, со дваесетина пратеници кои поздравуваа со нацистичкиот поздрав и кои не се трудеа да го сокријат своето воодушевување кон нацизмот кој, инаку, во текот на Втората светска војна има направено многу зло и во самата Грција.

Знакот на партијата беше стилизирана верзија на хитлеровскиот кукаст крст.

На домашната сцена Златна Зора и нејзините партиски „јуришници“ – улични тепачи – се пресметуваа со левичарски настроените активисти, со оние кои јавно ја критикуваа и ја осудуваа нео-нацистичката идеологија, со левичарски синдикалци и посебно, со имигрантите.

Во едно такво улично дивеење тие до смрт го имаат претепано и оставено да почине на тротоар, популарниот рапер Павлос Фисас, остар критичар на Златна Зора.

Фијаско на последните избори

Тоа како да ја прекрши трпеливоста на демократската грчка јавност, па уште пред повеќе од пет години почна судење. Прво, врзано за убиството, кое ќе се покаже дека не е единствено извршено од „златнозорашите“, а потоа и на самата партија и во основа на нацизмот на територијата на Грција.

Во четири одделни постапки, на тој начин, како обвинети за разни кривични дела се најдоа 68 лица, кои беа дел од оваа партија, или нејзини поддржувачи.

Судските процеси, иако се развлекоа, благодарејќи на адвокатите, но и на делови од полицијата и обвинителството, блиски до крајната десница, предизвикаа грчките гласачи да и свртат грб на една ваква партија.

На последните парламентарни избори, Златна Зора доживеа вистинско фијаско – не успеа да обезбеди ниту едно пратенички место. Кога судот на судењето во октомври ја прогласи партијата за криминална организација – таа мораше да се распадне и да исчезне од политичката сцена.

Што се однесува до судските процеси – сигурно е само дека убиецот на раперот Фисас ќе остане во затвор – до крајот на својот живот.

Национализам и популизам

Златна Зора постои како мала, маргинална партија задоена со нацистичката идеологија, уште од осумдесеттите години на 20 век. Силно се издигна во домашната јавност со своите популистички и националистички пораки и заложби, за време на финансиската и должничка криза во Грција (2010/2018), кога стана и парламентарна партија.

Нејзини припадници и активисти се замешани во сите масовни протести во Солун, пред и после потпишувањето на грчко – македонската спогодба од Преспа што, инаку, ги користеа за жестока пресметка со грчката полиција.

Откривањето дека Христос Папас се крие во Србија, во манастир, меѓутоа, ги натера атинските медиуми да потсетат дека припадници, или приврзаници на Златна Зора учествуваа, како доброволци на српска страна, во војната во екс ЈУ, на територијата на БиХ.

„Помош за православните браќа“

Во март 1995 година, една грчка бригада, составена од доброволци, беше создадена во БиХ по налог на Ратко Младиќ. Таа броела 100 војнички обучени припадници на Златна Зора и на други грчки ултра – десничарски и националистички организации, за кои се верува дека биле дел од српските сили кои навлегоа во Сребреница.

Како што тогаш било речено, тие биле дојдени да им помагаат на „српските православни браќа“ во нивната борба со муслиманите.

Се посочува дека најголемиот број од овие доброволци, беа и опстанаа до крај поврзани со грчката нео-нацистичка партија. Тоа и не е чудно и необично, затоа што како се посочува во Атина – „верската реторика на која тие се повикуваа секогаш оди заедно со национализмот, ксенофобијата и со белата супремација“.

А, тоа од секогаш беше идеологијата на која се потпираше и која ја „продаваше“ Златна Зора во јавноста на Грција.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе