Мелбурн и Окланд (одново) во карантин
Мелбурн, во Австралија, главниот град на сојузната држава Викторија и Окланд, најнаселениот град во Нов Зеланд, одново се во карантин, затоа што и во двата града се врати коронавирусот.
Карантинот значи задолжително останување дома, што значи да не се излегува освен за најпотребниот шопинг (за храна и за неопходни домашни потреби) и за одење на работа, за пружање нега, како и за телесни вежби на отворено.
Карантинот предизвика, уште еднаш да се испразнат улиците на Мелбурн, а тенискиот турнир што е во тек – првиот од серијата на Гранд Слем турнирите – ќе продолжи без гледачи.
Напад на британската корона
И во австралискиот град, како и во Окланд, предвидено е сегашниот карантин да трае кратко.
Во Мелбурн првично се најави дека ќе трае до среда, но сега се најавува дека карантинот ќе биде продолжен.
Во новозеландскиот главен град, пак, е најавено локдаунот да трае десет денови, затоа што тие се соочени со британскиот вид на короната кој се шири побрзо и напаѓа поширок круг од населението (и помладите).
Во Мелбурн има 17 новозаразени лица и се повторува случајот жариште да биде еден изолиран хотел за луѓе кои веќе биле во карантин, во кој луќето кои ги чуваат излегуваат и надвор што властите ги плаши дека на тој начин го рашириле вирусот.
Враќање на вирусот
Во Окланд, по подолго време има едно починато лице, а се регистрирани и двајца новозаразени, што инаку се случува по подолго време и откако властите во оваа далечна островска земја веќе прогласија дека ја победиле короната и дека островот е ослободен од пандемијата.
За починатиот се вели дека починал како последица на Ковид-19 и дека претходно бил задржан во изолација. Лекарите велат дека немало знаци дека работите ќе се развиваат во една ваква насока, но дека сепак, наеднаш, настапиле компликации, па пациентот не можел да биде спасен.
Згора на тоа Окланд (неочекувано) има 45 активни случаи, а како што се соопштува Нов Зеланд нема почнато со вакцинирањето.
Нов Зеланд затворен цела 2021?
Исто се случува и во Австралија – и двете земји кои дури сега ги примаат првите дози вакцини од „Фајзер“ и од „Астра/Зенека“, а се очекува вакцинацијата да започне од идната недела.
Како и да е, Нов Зеланд ќе остане и понатаму затворен за странци и за посети.
Властите велат така ќе биде се додека целосно не се совлада короната и додека целото население не биде вакцинирано и обезбедено од зарази од надвор. Тоа, меѓутоа, значи дека оваа пацифичка земја ќе биде затворена до крајот на оваа година.
И двете земји, меѓутоа, се многу далеку од она што му се случува на светот и посебно на САД и на Европа – кога станува збор за заразените и за починатите.
Австралија има 29 илјади регистрирани случаи со коронавирус и 909 починати. Во Нов Зеланд, пак, досега има само 25 починати.