Aјфеловата кула ја „топат“ со лет-лампи
Снегот и студот што зафатија делови од Западна и Средна Европа, предизвикаа големи проблеми во северните делови на Франција. Посебно се погодени Нормандија и Бретања, но и главниот град, Париз.
Ниските температури, по малку невообичаени за овие делови од Европа, предизвикаа Ајфеловата кула да биде буквално, „заробена“ од снег и мраз.
Работниците и службите кои се грижат за одржувањето на овој – еден од најпознатите париски симболи, забрзано настојуваат да ја ослободат од мразот. За таа операција, меѓутоа, користат наједноставни апарати – мали, рачни лет – лампи, кои велат, единствени може да помогнат за „спасување“ на големото железно здание, што сега е замрзнато.
Техниката за топење на мразот со лет – лампи ја користат и за ослободување на платформите на кулата, на неколкуте катови на кои се поставени.
Веднаш по обилните снежни врнежи во Париз, во еден момент снегот, за кратко почна да се топи, но веднаш потоа, температурите нагло паднаа под нулата и целата Ајфелова кула преку ноќ – замрзна.
„За да ја ослободиме од мразот, мораме да ја користиме само оваа техника, колку и таа да изгледа мала и премногу едноставна за ваква операција. Никако не смееме да користиме било што друго за загревање, а уште помалку да употребуваме индустриска сол, како на улиците и патиштата, затоа што солта ќе го нагризе железото од кое е направена Ајфеловата кула и ќе предизвика корозија“ – објаснуваат луѓето кои сега ја „топат“ Кулата.
Ајфеловата кула, инаку со месеци е затворена за посетители, откако избувна епидемијата со коронавирусот и посебно, откако француските власти воведоа строги мерки за карантин во борбата со пандемијата. Исто онака, како што со месеци се затворени и париските музеи.