Бегство од Иран преку планина
Британско-иранскиот научник Камал Ахмади кој во Иран беше осуден на девет години и три месеци затвор, пред да биде одведен на издржување на казната, успеал да побегне од земјата, пеш, пробивајќи се преку опасни планински превои, за да на крајот се најде на безбедно – во Лондон.
Британските весници кои пишуваат за неговите доживувања – како затвореник во злогласниот ирански затвор Евин и како бегалец, на патот за дома, во Британија – ги пренесуваат неговите зборови дека после се што има доживеано во затворот, знаел деке ќе мора да избега од земјата во која е роден, доколку сака да остане жив и одново да се види со своето семејство и со својот малечок син.
Измислени обвинувања
Ахмади по апсењето и до судењето бил во затворот, каде бил оставен во самица 100 денови, секој ден изложен на брутални испитувања. Иследниците барале од него да признае дека е поврзан со „непријателска земја“ за која (наводно) тајно работел, против интересите на иранската држава.
Тој, меѓутоа, е само антрополог.
Во Иран престојувал истражувајќи случаи на генитално сакатење на младите жени во Иран, што во оваа земја и натаму се практикува во името на наводната заштита на „моралот, женската честитост и одбраната од неморалното однесување“ кај младите.
Но, неговото научно истражување од властите било означено како „антидржавно работење“. Во ноември минатата 2020 година бил уапсен и набргу изведен на судење.
Бил обвинет и осуден за „правење заговор со странски сили“, како и на парична казна од половина милион фунти! Сепак, бил пуштен од затворот, со кауција, додека ја чекал одлуката на жалбениот суд.
Со лаптоп преку планина
За лондонските весници има речено дека се одлучил на бегство, затоа што знаел дека иранските судии од второстепено ниво, редовно, ја повторуваат првичната пресуда. Така било и во неговиот случај.
Не чекајќи да биде одведен назад во затвор, Ахмади побегнал, носејќи ги со себе само својот лаптоп, на кој биле податоците од неговите истражувања и книгата со неговите написи за примерите на бруталната кастрација врз младите Иранки, кои порано ги имал објавувано.
Иранската граница ја минал газејќи низ длабок снег од повеќе од 1,5 метри и низ магла, бегајќи постојано од иранските погранични патроли. Тие сега се значително побројни по атентатот и убиството на иранскиот нуклеарен физичар Мохсен Фахризадех.
„Јас сум Курд по потекло. Ги познавам некои од планинските патеки, но ова што го направив, сепак, беше опасна мисија“ – рекол овој научник за медиумите во Лондон.
Шверцерски патеки
Како што објаснил тој се движел по патеките по кои минуваат носачите на шверцувани предмети кои тајно се внесуваат од Турција и од Ирак, за да се одбегнат санкциите на САД – најчесто алкохол, делови за автомобили, лекови, цигари и разни други предмети кои потоа „под рака„се продаваат на иранските пазари.
Многумина од носачите на тие опасни патувања, натоварени со илегална стока, се откриени од патролите, кои ги убиваат на самото место, или пак, умираат од смрзнување во планините, доколку се најдат зафатени од снежните виулици.
Камал Ахмади е еден од бројните Иранци кои живеат во Велика Британија, дојдени таму по падот на власта на поранешниот шах, или избегани од сегашната иранска теократска држава.
Сите се натурализирани Британци и имаат британски пасоши, но ги имаат задржано и старите ирански.
Случајот Загари – Ратклиф
Британија признава двојно државјанство, но не и Иран, па секој од овие луѓе кога сакаат најлегално да престојуваат во својата татковина, за да се видат со своите блиски, секогаш ризикуваат да бидат уапсени (како ирански државјани). Секогаш со лажни и измислени обвинувања. Најчесто, за делување против интересите на државата.
Такво е обвинувањето против Ахмади, а така е уапсена и осудена на седум години затвор и Назанин Загари – Ратклиф.
Таа има допатувано во Техеран пред повеќе од пет години, за да се види со родителите, но таму била уапсена и осудена, за (наводно) заговор за соборување на власта во Иран.
Доколку, навистина, била заговорник, сигурно би била осудена на смрт. Но, оваа сопруга и мајка во Британија, е осудена со релативно ниска затворска казна. Сега, како што се приближува времето да биде ослободена, властите најавуваат дека би можела одново да биде обвинета и уште еднаш судена. Само за да остане и натаму во затвор.
(Д.Л.)