Фаучи: Одговорност на Кина за пандемијата
Угледниот американски епидемиолог, др Ентони Фаучи ги обвини Кина и тамошните власти дека имаат голема одговорност за неконтролираното раширување на (сега веќе) на сите добро познатиот коронавирус низ светот, во времето на неговото појавување, пред повеќе од една година, во Вухан, во кинеската провинција Хубеј.
Фаучи едно време беше во тимот експерти кои требаше да ја советуваат и да и помагаат на американската администрација, за тоа како да се справува со епидемијата која брзо се ширеше низ САД, но потоа се најде на удар на Доналд Трамп кој (во својот стил) започна да се однесува како да знае повеќе за заразата и од самите здравствени експерти, девалвирајќи ја на крајот и нивната стручност.
Отсуство на транспарентност
Во разговор за познатиот американски интернет весник „Аксиос“, Фаучи смета дека вината на кинеските власти е во тоа што уште од почетокот (на појавувањето на вирусот) кај нив отсуствува транспарентноста, поврзана со короната, како и нивната неспремност да ги поделат своите сознанија со американските медицински истражувачи, а токму тоа, според него, овозможи Ковид – 19, лесно и брзо да се рашири надвор од Кина.
Овој весник сега потсетува дека пред една година, неговите репортери разговарале со Фаучи за (тогаш) „мистериозната пнеумонија“ што се има појавено во Вухан и тој уште тогаш изразил сомневање дека „можеби станува збор за корона“, но изјавил дека Кинезите не веруваат во тоа и уште зборувале дека „болеста не е инфективна“!
Американскиот епидемиолог сега вели дека на почетокот отсуствувала сериозноста, околу тоа како да се дејствува и што да се преземе во врска со „пнеумонијата“ што се покажа дека не е тоа, но низа работи никому (надвор од Кина) не му беа познати. Особено што Кинезите не беа воопшто отворени за да кажат што, воопшто, им се случува и што се случува во повеќе милионски град, каков што е Вухан и во целата провинција на која и припаѓа.
Асимптоматско ширење на вирусот
Едноставно, ниту медицинските експерти, а ниту властите во Кина имаа намера да зборуваат и да ги поделат сознанијата што секако ги имале – посебно околу асимптоматичното пренесување на вирусот – за што се разбра многу подоцна.
Надвор од Кина, лекарите и сите стручњаци не знаеја дека вирусот делува сосема различно од САРС, иако заразените и заболените покажуваа симптоми, слични на „постариот брат“ на коронавирусот.
Затоа, др Фаучи инсистира дека доколку Кина порано и побрзо откриеше за неговото асимптоматско ширење – ваквото сознание ќе променеше многу работи и многу состојби немаше да бидат такви како што се развија и какви се уште присутни. Пред се, за потребата веднаш да се нареди задолжително носење маски на лицето и одржувањето дистанца меѓу луѓето, како и за над се избегнувањето контакти меѓу луѓето.
Кина не дозволува независна истрага
Реакцијата на американскиот епидемиолог доаѓа по одбивањето на Кина да прифати меѓународен тим експерти за да го истражуваат вирусот на самото место – таму каде тој прв пат се појави и од каде тргна низ таа земја, а потоа и низ светот. Кинезите не дозволија да се истражи како се пренесува вирусот, а над се да се разбере – од каде и од што тргна во својот сега веќе смртоносен поход.
Кога прв пат дозволија, една меѓународна екипа да влезе во земјата, предводена од Светската здравствена организација (СЗО), властите во Пекинг започнаа со типичните кинески политички игри – одбирајќи кој може, а кој не може да влезе во Кина, по што одново се загуби многу време, а веројатно се загубени и многу витални докази за да се испитува вирусот и да се откријат неговите корени.
Наводно, односите меѓу Пекинг и СЗО, сега, најпосле, биле средени и Кинезите се согласиле екипа стручни лица да влезе во земјата и да истражува.
Политичките бариери на Трамп
Како и да е Фаучи се согласува дека изминатата една година борба со пандемијата, каква немало сто години, има обезбедено низа поучни сознанија за тоа како експертите, лекарите и светот треба да се борат со вакви епидемии.
Пред се, тоа е потребата од брза и отворена комуникација – транспарентност – која се потврди дека е клучна за брзата интервенција против една пандемија. Тоа во случајот со коронавирусот ја немаше, туку напротив, се направија бариери кои таа комуникација ја попречија и тие беа како од политички, така и од други причини.
Вториот проблем беа (и се уште се) погрешните информации и ширењето (главно преку интернет) на невистини и лажни вести и информации кои имаат нанесено голема штета. Третата работа е политичкиот раздор (кога станува збор за Америка) што се направи, па вирусот стана политичко, а не здравствено прашање, како последица на трамповото однесување и препреките што ги правеше за брз, навремен, одговор на јавното здравство (во САД) на нападот од вирусот.
Вакцината најголем успех
Она најпозитивното во оваа година, според Ентони Фаучи е реакцијата на истражувачките центри и тамошните научници кои не чекајќи да им се даде налог, тргнаа во потрага по технологијата за создавање вакцина.
„Нивната работа и постигнувањата се најсветлиот момент во измината година помината со коронавирусот“ – рекол Ентони Фаучи за „Аксиос“.
Реакцијата на овој американски епидемиолог и експерт во оваа област, се совпаѓа со годишнината од првата регистрирана жртва на вирусот во Кина, во Вухан, забележана на 11 јануари 2020 година.
Една година подоцна, во светот има регистрирано околу 92 милиони заразени и заболени лица и дури над 1.955.000 милиони починати. Бројки кои минатата година во ова време никој не можеше ниту да ги замисли во најцрните предвидувања.