Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Европа не го сака Помпео во посета

Европа не го сака Помпео во посета

Мајк Помпео ја откажа својата посета на Европа и на Брисел, која требаше да биде негова последна како државен секретар на САД, откако неколкумина европски високи функционери одбиле да се сретнат со него.

Прво, министерот за надворешни работи на Луксембург, а потоа уште неколкумина други функционери на ЕУ одбиле да се сретнат со Помпео, објаснувајќи дека сега не е најдоброто време за средби и за разговори.

Настаните на Капитол Хил

Помпео инаку требаше да разговара со луксембуршкиот шеф на дипломатијата Жан Аселборн, но тамошното министерство ги известило Американците дека за тоа нема услови.

Државниот секретар, потоа, во Брисел требаше да се сретне и со белгискиот министер за надворешни работи и со функционери на ЕУ. Сепак, наместо тоа, во вторникот доцна вечерта Стејт департментот објави дека целата посета се откажува.

Европските медиуми, повикувајќи се на неидентификувани дипломатски извори, објаснуваат дека откажувањето уследило поради настаните од минатата среда и насилничкиот упад на трамповите ултра – десничарски приврзаници во Конгресот на САД.

Тоа се оценува како обид на Доналд Трамп за пуч против изборните резултати, откако претходно, јавно, ја повика толпата да одат во Конгресот, практично, за да ја попречат верификацијата на изборната победа на Џо Бајден.

Задоцнета осуда

Државниот секретар Помпео се огласи со осуда на дивеењето на насилниците на Каптиол Хил што како никогаш досега ја има понижено американската демократија. Неговото реагирање, сепак, остана забележано како задоцнето, затоа што дојде по серијата оставки во Белата куќа и во администрацијата, каде незадоволни од она што се случуваше оставки си дадоа и тројца министри.

Тој не даде оставка на функцијата – му остана лојален на Трамп, иако десетина дипломати, на необичен начин, со заедничко писмо, побараа од него да му сврти грб на Трамп, во интерес на државата и нејзиниот престиж во светот. А, кога се огласи со осуда, Помпео, воопшто не ја коментираше улогата на Трамп во настаните што ја потресоа Америка.

Во Европа, меѓутоа, уследи остра реакција на она што се случуваше на Капитол Хил во Вашингтон, со осуда на настаните и на разулавеното однесување на крајната десница и локалните расисти кои единствени, до крајот му останаа лојални на претседателот на заминување. Луксембуршкиот министер Аселборн, во осудата на однесувањето на Трамп, дури го нарекува „криминалец“.

Посетата на Помпео на малото кнежевство, каде требаше да има и низа други средби, уште тогаш беше откажана – од домаќините.

Прекината традиција

Официјален Вашингтон одбил да ја коментира одлуката да се откаже патот во Европа, иако првиот американски дипломат во Брисел требаше да се сретне и да разговара и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ова требаше да биде посета која последниве децении, некако, како да стана традиција – државниот секретар на САД пред крајот на актуелната администрација да се сретне со европските дипломати и со претставници на земјите сојузници на САД.

Мајк Помпео, од своја страна, откако стапи на функцијата, важеше за некаков “ стабилизатор“ и „амортизер“ на непредвидливите надворешно – политички потези на Трамп кој целосно ги запостави светот и меѓународните односи.

Токму Помпео, со Стејт департментот беа тие кои го одржуваа континуитетот на американската надворешна политика – колку тоа и да беше воопшто можно со трамповиот изолационизам и извлекувањето на САД од сите меѓународни договори и спогодби. Посебно ако тие беа направени во двата мандати на Барак Обама и претходната демократска администрација.

Контроверзни потези

Помпео на два пати, во кус рок, беше и на Балканот и при тоа ја посети и Македонија.

Но, во финишот на оваа администрација на САД, тој (веројатно под притисок на Трамп) влечеше потези кои никако не беа усогласени со сојузниците, или можеа да бидат прифатени и подржани од нив.

Го продлабочи судирот со Иран, откако го обвини Техеран дека подржува и сервисира тероризам, тврдејќи дека таму уточиште имаат отпадниците на талибанците и на Ал Каеда.

Потоа, како терористи ги оквалификува побунетите Хути во Јемен, а Куба, со која претходната администрација максимално ги релаксира односите, одново ја означи како земја која спонзорира тероризам, но затоа Северна Кореја и нејзиниот диктатор со кој Трамп дури три пати се среќаваше, ги остави да се однесуваат без контрола, и покрај меѓународните санкции.

Во Европа, како најголем грев на Помпео, му се припишува неговата изјава од крајот на ноември, по изборите, кога самоуверено рече дека „идната администрација на САД одново ќе ја формира Трамп и дека тој ќе биде дел од неа“, иако беше јасно дека републиканците и Доналд Трамп, на изборите од 3 ноември доживеаја пораз.

Беше очигледно дека и тој верува во лажните тврдења дека изборите се „фалсификувани и наместени“.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе