Новата власт ќе го менува Ѓукановиќ!
Новата коалициска влада во Подгорица се закани дека актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ би можел да биде сменет од функцијата, доколку го „прекршил Уставот“, потврдувајќи само дека земјата продолжува да живее во длабока политичка криза.
Премиерот Здравко Кривокапиќ изјави дека „тој (Ѓукановиќ) продолжува да ја третира државата како свој феуд“. Со поостар тон се огласи потпретседателот на владата Дритан Абазовиќ, чија мала партија е „кинг мејкерот“ во коалицијата.
Без него и гласовите на неговите пратеници не би опстанала оваа коалиција, па поради тоа тој се почесто се однесува како паралелен премиер. Токму Абазовиќ му се закани на Ѓукановиќ со сменување.
Одново за верскиот закон
На заканата, шефот на државата реагираше така што, прво и порача на владата дека не знае да го чита Уставот, а потоа на политичките противници од пост-изборната коалиција, им забележа „да не ја бранат државата од него“.
Според неговата изјава, тој само ја почитувал собраниската (и уставна) процедура при блокадата на новите закони што ги има донесено мнозинството на Парламентот.
Острите препукувања и кризата настана откако претседателот Ѓукановиќ одби да ги потпише новиот закон за верски слободи (познат како закон за Српската црква во Црна Гора), како и уште неколку економски закони.
Меѓутоа, создадената нервозна атмосфера, исполнета со популизам и со политички маркетинг и од двете страни, сепак, настана поради верскиот закон.
Токму тој закон предизвика остра политичка криза, влошување на интер-етничките односи во најмалата поранешна ЈУ република, посебно меѓу етничките Црногорци и етничките Срби, а максимално ги влоши односите меѓу Подгорица и Белград.
Посебно откако Ѓукановиќ ги обвини српските власти дека преку СПЦ и нејзината „деструктивна политика“ во државата, настојуваат од Црна Гора да направат некој вид „Република Српска“ .
Нова верзија на законот
Претходната верзија на овој закон, што го изработи владата составена од министри од партијата на Ѓукановиќ, настојуваше да ја стави под контрола СПЦ и да ја израмни со статусот на сите други верски заедници, што српската црква категорично го отфрлаше. Уште повеќе што законот го опфаќаше и пописот на имотот на сите верски заедници.
Згора на се, Ѓукановиќ настојуваше да обезбеди враќање на автокефалноста на Црногорската православна црква, која постоела во време на првата независност на државата, како Кнежевство Црна Гора, меѓународно признаена на Берлинскиот конгрес во 1878 година.
Црна Гора ја губи независноста, а црквата својот статус и како посебна црква, со влегувањето во новосоздаденето кралство Југославија – во 1919 година.
Според Ѓукановиќ, СПЦ не може и понатаму да владее со Црна Гора, затоа што преку неа Белград, во основа, ја негира посебноста на црногорскиот национален идентитет, а со контролата врз православието си остава простор да ја има оваа држава под своја контрола.
СПЦ го порази Ѓукановиќ
Така или не, српското свештенство со силна српска и (руска) поддршка успеа да ја мобилизира целата јавност во оваа мала држава (помалку од 600 илјади жители), против Мило Ѓукановиќ кој, пак, цели 30 години ја има власта во свои раце – како партиски лидер и еднаш како премиер, а потоа и како претседател.
На изборите во крајот на август, неговата партија за прв пат не обезбеди доволно мнозинство за да формира влада, иако остана најбројна партија во Парламентот.
Една од првите мерки, на новата влада беше да го смени верскиот закон и таа тоа го направи. Сега и СПЦ и Белград се задоволни, па затоа и доаѓаат обвинувањата од владејачката просрпска партија Демократски фронт, дека Ѓукановиќ со својата постапка ја „минира државата“.
А, во основа, тој има реагирано и според Уставот и според правилникот на Парламентот.
Законите се донесени без мнозинство, затоа што е броен гласот на еден пратеник чиј мандат не бил верификуван до 29 декември кога е извршено гласањето.
Претседателот не ги има потпишано законите, затоа што се донесени незаконски. Сега (формално) законите ќе се вратат во парламентарна процедура, за да се дојде до ново гласање.
После второто гласање, на кое се очекува одново да бидат усвоени, претседателот Ѓукановиќ нема повеќе право да одбие да ги потпише.