Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

2020: Година заробена од коронавирусот

PHOTOCREO Michal Bednarek/BigStock.com

2020: Година заробена од коронавирусот

Секоја година, во деновите кога старата и го отстапува местото на новата година, медиумите ширум светот прават преглед на настаните што ја обележале старата и при тоа се определуваат кој од сите тие настани во изминатите 365 денови, оставиле најсилен впечаток.

За 2020 година – како ретко кога досега – може да се рече дека светските медиуми лесно ќе се определат. Тоа е коронавирусот, сосема непознат на почетокот од годината што си заминува, што се разви во новата болест Ковид-19, проширувајќи се во глобална пандемија, каква Европа, Америка и светот, немаат видено во последните 100 години

Во моментот на правењето на овој преглед на Скопје/Глобал за настаните од 2020, над 82 милиони луѓе од Планетата се регистрирани како заразени, или заболени, додека 1,8 милиони се регистрирани како жртви на епидемијата. Но, во светот имаше и други настани и случувања кои и се “провлекоа“ на короната. Еве го нашиот избор.

Глобална пандемија

Короната е, значи, без конкуренција- настанот на годината.

Токму во овие денови, пред Нова година, светот продолжува да ги бележи рекордите на вирусот. САД остануваат со најголем број заразени – дури 20 милиони и со безмалку 350 илјади починати, по што следат Индија, Бразил и Русија. Во Европа, пак, Британија, а пред се Англија, бележи свои рекорди какви немаше во текот на целата година – дури 54 илјади новозаразени во само 24 часови и скоро 420 починати во еден ден.

А, се почна од Кина, од 11 милионскиот Вухан, како „потежок облик на грип“. Потоа се преквалификува во „тешка пневмонија“ од непознато потекло, за да заврши како „кластер на пневмонија“ за кој кинеските лекари не ја знаеја причината.

На 11 јануари 2020, кинеските власти објавија за првиот смртен случај од болеста што потоа сите жители на Планетата, ќе ја знаат како Ковид-19.

Вухан, Декември 2017та. Фото: Keitma-st/BigStock.com

Во март вирусот стана пандемија, а веќе во април, половината од човештвото беше во локдаун – ставено во карантин – како во дамнешните времиња на средновековието, кога цели градови биле изолирани, откако владите во светот не знаеја како да се справат со брзо раширената епидемија.

Стравувајќи од можноста од крах на економиите, затоа што луѓето седеа дома, некои работеа во домашни услови, но повеќето не работеа, владите почнаа да делат финансиска помош за да не дојде до експлозија на невработеноста. ММФ најави дека светот се соочува со глобална рецесија и со пад на светската економија од 4,4 отсто.

Целата надеж се сврте кон десетина научни лаборатории во неколку земји кои интензивно трагаа по вакцина против вирусот.

Во ноември се појавија првите знаци на надеж дека вакцина е откриена и тоа во неколку земји, но тогаш Европа и САД, пред се, ги погоди вториот бран на пандемијата.

Сепак, во рок од еден месец по откритието, новата вакцина стана спремна за дистрибуција и за масовно вакцинирање на неколку милијарди луѓе.

Иран: На работ од војна со Америка

Иран и САД беа на работ од војна по убиството на главниот командант на Иранската револуционерна гарда, Касем Сулејмани на 3 јануари, кој беше погоден во напад на американски дрон врз периферен дел од аеродромот во Багдад, каде беше во тајна посета.

Атентатот врз Иранецот, кого Американците го обвинуваат за организирање на нападите на Хезболах и на разни други милитантни шиитски групи, врз цели на Блискиот Исток, се случи само неколку денови откако проирански демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во ирачкиот главен град, со намера да навлезат во неа.

Техеран одговори со одмазднички ракетни напади врз три бази на САД и на нивните сојузници во Ирак.

Беше предизвикана материјална штета, но без човечки жртви, затоа што војниците и воениот персонал претходно бил повлечен. Постоеше закана од овој инцидент да се изроди уште еден воен конфликт во регионот, но Иран го запре ракетирањето кога по грешка, беше соборен украински патнички авион во кој загинаа 176 лица.

Британија: Најпосле Брегзит

Фото: Jakub Junek/BigStock.com

На 31 јануари, Велика Британија формално излезе од ЕУ во која членуваше уште од 1973 година, иако и беа оставени 11 месеци за да постигне договор за трговските врски по Брегзит, откако земјата на 1 јануари 2021 година, ќе го напушти заедничкиот европски пазар и царинската унија.

Овие преговори требаше да и овозможат на земјата да нема „тврд“ Брегзит, што ќе значење враќање на граничната контрола, на царините, како и на екстра тарифите при извозот на британската стока.

Единаесет месечната транзиција требаше да обезбеди и гаранции за специјалниот статус на Северна Ирска која со Република Ирска делат копнена граница, на островот која е и единствената копнена граница меѓу Британија и ЕУ.

Изгледаше дека договор нема да има, но тој сепак се постигна на Бадник, со копромис, за кој независни аналитичари сметаат дека само спречил хаотичен Брагзит, но дека британското напуштање на Унијата, сепак, е „тврдо“ за Британците.

Либан: Експлозија во Бејрут

Масовна експлозија, на 4 август го погоди пристаништето на либанскиот главен град – Бејрут, која предизвика целосно уништување на “влезната врата“ на Либан, единствената што оваа намачена држава ја има на Медитеранот.

Но експлозијата, уништи, или тешко оштети и големи делови од градот, предизвика економска и политичка криза во земјата, која последниве 30 – 40 години никако не може целосно да се стабилизира.

Во експлозијата загинаа над 200 лица, а други 6500 беа повредени.

Експлозијата за која прво се мислеше дека е масивен терористички напад, сепак, беше трагичен несреќен случај, како последица на немарноста и неодговорноста на пристанишните, но и на државните власти.

Експлодираше големо количество амониум-нитрат, истоварен од поодамна (како што и натаму се тврди) за производство на вештачко ѓубриво, но кој доколку се чува долго, на несоодветен начин и без потребните заштитни мерки, се претвора во моќен експлозив. Како што тоа се случи во Бејрут.

Австралија: Катастрофални пожари

Фото: mhcollection/Bigstock.com

Шумски пожари од катастрофални размери погодија големи делови од Австралија, што со недели не можеа да бидат ставени под контрола. Оваа земја – континент секоја година е погодена од горење на шумите, многу често од подметнати пожари, но овој пат експертите велат дека огновите беа директна последица на климатските промени.

Земјата долго време беше без дожд. Кога требаше да има влага, австралиските шуми беа суви, па една мала невнимателност предизвика Австралија да гори. Згора на се, силните ветрови во тоа време, предизвикаа пожарите да се шират со голема брзина.

Немаше човечки жртви, но затоа беше предизвикана голема материјална штета. Огновите се приближија до главниот град Канбера и до најголемиот австралиски град – Сиднеј.

Беа зафатени и подрачја со ретки растителни видови, но изгледа дека најмногу настрада животинскиот фонд – милионски број од разни диви животни и птици изгореа во шумите во кои постојано живеат.

Светот беше сведок на појавата од “црвено небо“ околу Сиднеј што го гледаа дури и луѓето во Нов Зеланд, како и на облаци чад и пепел од изгорените шуми што ветрот го разнесе на сите страни.

Русија: Случајот Навални

Фото: Rosfoto.ru/BigStock.com

Алексеј Навални кој важи за најостар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше нападнат и тешко повреден со нервниот агенс новичок, хемиско оружје, за прв пат произведено во времето на поранешниот Советски Сојуз.

За време летот од сибирскиот град Томск до Москва, Навални се онесвестил, па пилотот на авионот побарал и добил дозвола принудно да се спушти во Омск, каде му била укажана и прва помош. Неговата состојба сепак останала тешка, па на барање на една германска невладина организација, тој беше префрлен на лекување во Германија.

Кремљ ги отфрла обвинувањата дека е замешан во случајот, како и дека обидот за убиство на Навални бил извршен со новичок.

Според руските власти овој агенс одамна не се произведува. Меѓутоа, анализите на три лаборатории во три земји, потврдија дека станува збор за труење со овој смртоносен нервен агенс.

Навални го обвинува Крамљ дека стои зад обидот за убиство, а како извршител ја посочува руската тајна служба.

Како доказ за тоа, сега посочува еден снимен телефонски разговор со припадник на тајната служба кој бил наведен од Навални да зборува за атентатот, мислејќи дека зборува со висок функционер на службата.

Притоа, овој признал дека новичок бил ставен во долната облека на Навални.

Белорусија: Народот против диктаторот

Фото: mazzzur/BigStock.com

Настојувањето на вечниот белоруски претседател Александар Лукашенко да остане на власт и во следните шест години, откако владее со Белорусија од 1994 година, предизвикаа (за прв пат) по многу години масовни протести на луѓето во оваа поранешна советска република.

На претседателските избори одржани на 9 август, за кои посматрачите оценија дека не биле ниту фер, а ниту демократски, Лукашенко прогласи победа, објавувајќи дека освоил дури 80 отсто од гласовите.

Набрзина создадениот лидер на опозицијата Светлана Тихановскаја, која на таа позиција дојде сосема неискусна, затоа што лидерот, нејзиниот сопруг е во затвор, веднаш го отфрли ваквиот изборен резултат, прогласувајќи ги изборите за наместени и фалсификувани.

Таа ги повика луѓето на улица, на масовни протести, барајќи изборите да се поништат, а потоа да има нови и вистински слободни избори. И покрај бруталноста на белоруската полиција, протестите не стивнуваа, па сега демонстрантите бараат оставка на Лукашенко.

Власта почна да ги апси новите лидери на опозицијата, па Тихановскаја и нејзините соработници, мораа да се префрлат во странство, од каде сега го водат отпорот против последниот европски диктатор.

Израел: Пријателство со Арапите

Фото: argus456/BigStock.com

Со децении на ред, Израел има дипломатски односи само со две арапски земји – Египет и Јордан. Од средината на септември, меѓутоа, две други држави – Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, ги нормализираа своите односи со Израел.

Се верува дека тоа стана со менаџирање на Белата куќа, за да и се помогне на кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори, но кон овие две земји, подоцна се приклучија и уште две африкански – Судан, а потоа и Мароко.

Во тоа меѓувреме, се појавија бројни шпекулации во медиумите дека премиерот Бенјамин Нетанијаху, тајно престојувал во Саудиска Арабија, дамнешен и остар непријател на израелската држава на Блискиот Исток.

Официјален Ријад демантираше дека имало било каква средба, уште повеќе во Саудиска Арабија, но Израел ги премолчи таквите тврдења кои главно се појавија во тамошните медиуми.

Сега се тврди дека мароканското признавање на Израел е возвратна услуга за САД кои имаат ветено дека ќе ги подржуваат претензиите на Мароко да ја поседува територијата на Западна Сахара.

Кина: Тензии со Америка

Фото: Al.geba/BigStock.com

Оваа 2020 година ќе остане запаметена по силните тензии меѓу Пекинг и Вашингтон и нарушените односи, велат, најголеми по многу години.

Меѓу Кина и САД, отсекогаш имало разлики по бројни прашања – економски, политички и геостратешки – а тука е ривалитетот меѓу двете супер сили.

Но, во оваа година тие се манифестираа и низ покренатата трговска војна, низ длабоките несогласување околу Хонг Конг, по одлуката на Пекинг да ја задуши неговата полу – автономија, за да ги запре про-демократските протести на оваа некогашна британска прекуморска територија, како и обвинувањата на Американците за преголемото кинеско инфилтрирање во САД и за технолошки грабеж.

А, кавгата започна кога Доналд Трамп ја обвини Кина за глобалната пандемија, нарекувајќи ја короната како кинески вирус, иако претходно имаше разбирање за настојувањето на кинеските власти да го стават под контрола ширењето на вирусот.

Кога Америка се соочи со силината на пандемијата, а најмоќната земја во светот покажа дека нема сила да и се спротивстави на епидемијата која се ширеше низ Америка, Трамп ја обвини Кина дека ги криела податоците за вистинската состојба со короната и за вистинската силини на вирусот, па го обвини Пекинг и за тоа дека е виновен за масовно убиство на милиони луѓе.

САД: Џо Бајден го победи Трамп

Фото: Divya777/BigStock.com

На претседателските избори од 3 ноември, длабоко поделената Америка гласаше на изборите во рекорден број – како никогаш до сега.

Во острата и на моменти груба изборна кампања, која уште беше попречувана од пандемијата со коронавирусот, се судрија актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп и кандидатот на демократите, Џо Бајден, кој во администрацијата на Барак Обама беше потпретседател.

Над 80 милиони гласови има добиено победникот Бајден, резултат што го нема постигнато ниту еден претседателски кандидат пред него.

Бајден освои и над седум милиони гласови повеќе од поразениот Трамп.

Но, овие избори ќе останат запаметени по валканата игра на претседателот на заминување, кој со сите сили настојува да му ја девалвира уверливата победа на противникот и уште сега да го дисквалификува неговиот мандат – со непризнавање на неговата победа и со недокажаните тврдења дека изборите (наводно) се фалсификувани.

Ниту еден суд во САД не ги прифати тврдењата на Трамп за местење на изборните резултати, а Врховниот суд дури одби и да расправа за барањето на републиканците за прегласување во Пенсилванија.

Но, поразениот кандидат и натаму зборува дека тој е победникот и дека победата “му е украдена“.

Нагорно Карабах: Одново војна

Знамето на Нагорно Карабах. Фото: Millenius/BigStock.com

Вкупно 45 денови траеше воениот судир меѓу (муслиманскиот) Азербејџан и (православно-христијанската) Ерменија, за планинската област Нагорно Карабах, пред со посредство на Москва, да се издејствува прекин на војувањето и „замрзнување“ на војната на позициите на кои на 9 ноември се најдоа силите на двете завојувани страни.

Потпишувањето на договорот, во Баку е прогласено како победа за Азербејџанците, што е точно, според сегашниот распоред на силите на линијата од фронтот.

Во Еревен, меѓутоа, мирот е прогласен за срамно предавство на премиерот и на владата, како и понижување за Ерменија и за Ерменците. Се бара оставка на премиерот а опозицијата заговара војна за енклавата која е загубена.

Малку е веројатно дека тоа ќе се случи и покрај поддршката на Русија за Ерменија, каде Москва има своја воена база, зашто е малку веројатно дека руската страна би се вмешала во еден судир со Азерите, затоа што тоа ќе значи и судир со Турција, која во оваа војна, беше воено и политички на страната на Азербејџанците.

Ова не беше прв судир на Азерите и Ерменците за Нагорно Карабах, област која е дел од територијата на Азербејџан, а е населена со Ерменци.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе