Руски агент му признал на Навални за труењето!
Рускиот дисидент Алексеј Навални успеал да наведе еден од оперативците на руската тајна служба, да му открие детали за неуспешниот обид за атентат врз него, во август годинава, со помош на отровниот нервен агенс новичок. Агентот, во телефонски разговор, во кој оперативецот мислел дека разговара со функционер на тајната служба, му признал на Навални дека убиствениот новичок бил ставен во неговата долна облека.
Во разговор за Си – Ен – Ен, Навални открива детали за тоа како течела операцијата за неговото ликвидирање, во која биле вклучени осуммина оперативци на руската разузнавачка агенција ФСБ (Федерална служба за безбедност) и како доказ го има разговорот со намамениот оперативец, за што постои аудио снимка.
Телефонско признание на „чистачот“
Тонската снимка, како и текстот направен од снимениот материјал им се разделени на некои светски агенции и европски медиуми, а самиот тој ја има поставено и на својата интернет страница. Сега се открива дека Навални им се јавувал на телефон на некои членови од групата определена за негова ликвидација!
Тоа биле шестмина теренски оперативци – извршители и двајца за кои се верува дека раководеле со операцијата. Претходно, еден истражувачки тим, по долга работа, има успеано да дојде до сознанија за лицата за кои се верува дека биле определени да го убијат овој руски дисидент.
На телефонот, Навални се претставувал како помошник на секретарот на Советот за национална безбедност на Русија, па еден од нив, „пропеал“ и тоа и повеќе и подолго отколку што Навални можел воопшто да се надева. За него се знае дејка бил задолжен да ги исчисти сите траги и да ги елиминира сите работи кои би можеле да наведат за тоа кој стои зад планираното убиство на човекот кој сега, во Русија, важи за најостриот критичар на претседателот Владимир Путин.
Пилотот го расипал планот
Американската Си – Ен – Ен го открива идентитетот на оперативецот. Станува збор за Константин Кудравцев кого Навални го намамил да разговара дури 49 минути на телефон, при што овој не знаел дека зборува со човекот што требало да го ликвидираат. Американската телевизија донесува и фотографија на Кудравцев, изнесувајќи при тоа и детали од снимениот телефонски разговор.
На прашањето од Навални – „како можеше да не ви успее операцијата“ – Кудравцев, верувајќи дека разговара со висок функционер на руските тајни служби одговара – „се уште не можеме да разбереме како се случи тоа“.
А, потоа, рекол дека најверојатно, причината за неуспехот е одлуката на пилотот – наместо да продолжи да лета кон Москва, по информацијата од посадата дека има онесвестен патник, кој е во лоша состојба – да го смени курсот на летот и принудно да слета во градот Омск.
Тоа, како и брзата интервенција на лекарите во локалната болница, директно влијаело за „неуспехот на планот“ – рекол во снимениот разговор оперативецот на ФСБ.
Поголема доза новичок
Кудравцев за кого сега се знае дека работел во Безбедносно – биолошкиот истражувачки центар на руското Министерство за одбрана, на снимката од телефонскиот разговор зборува дека „ (сите) верувале во целосен успех, со оглед дека авионскиот лет е долг и трае над три часа“. (Што ќе рече – имало доволно време новичокот да ја заврши својата работа и да го усмрти Навални).
„Никој од нас не очекуваше таква реакција од пилотот, па од тој момент, работите тргнаа наопаку“ – рекол Кудравцев.
Заклучувајќи го своето објаснување за тоа како можело Навални да го преживее нападот, оперативецот на ФСБ во еден момент открива и дека за да успее атентатот, извршителите ставиле и повеќе количество новичок од дозата која е доволна за да еден човек биде усмртен.
Тој при тоа открива и дека следниот дел отпатувал во Омск, за да ги исчисти сите траги од нервниот агенс, а посебно оние што би можеле да се најдат на облеката на Навални.
Навални ги знае атентаторите
Пред ова обелоденување на разговорот со намамениот атентатор, Алексеј Навални претходно објави дека знае кои се оние кои сакале да го убијат, споменувајќи за прв пат дека станува збор за најмалку осуммина од оперативците на ФСБ, што се откриени по деталната истрага на истражувачките платформи Белингкат (Bellingcat) и The Insider, заедно со германскиот неделник Шпигел и со американската телевизија Си-Ен-Ен.
Нивното истражување има откриено дека Навални уште во 2017 година бил определен за цел на атентат на тимот на ФСБ, како и тоа дека агентите на оваа разузнавачка агенција над 30 пати летале на локациите каде престојувал овој руски дисидент, пред тој таму да дојде и се враќале во Москва, откако Навални ќе си заминел.
Претставник на истражувачкиот тим на Белингкат изјавил за Шпигел дека оперативците кои биле определени за ликвидација на Русинот сите до еден биле обучени за манипулација со хемиско оружје.
Оружје од советско време
Навални на 20 август патуваше со авион од градот Томск, во Сибир, за Москва, кога наеднаш му се слошило, по што паднал во кома. Во болницата во Омск каде вонредно се има спуштено авионот, тој го примил првиот третман.
Два дена подоцна, на инсистирање на една германска невладина организација, беше дозволено Навални да биде префрлен во Берлин, во тамошната болница „Шарите“.
Анализите направени во три различни лаборатории покажаа дека Навални бил затруен со нервниот агенс новичок, произведен уште во времето на СССР. Станува збор за истиот агенс со кој беше затруен, во обид да се убие во Британија и побегнатиот поранешен руски разузнавач Сергеј Скрипал. Навални успеа да се опорави и сега во Германија е на рехабилитација.
Москва ги отфрла обвинувањата
Официјална Москва од почетокот ги отфрла сите обвинувања дека на било кој начин е вмешана во случајот, но минатата недела Владимир Путин ги отфрли сите наоди на истрагата која дојде до осумтемина оперативци на ФСБ. Неговиот коментар беше во стилот дека „доколку сакале да го убијат – ќе ја завршеле работата“!
Разузнавачката агенција ФСБ, пак, соопшти дека аудио-снимката од разговорот со Кудравцев „е лажна“, како и тоа дека обвинувањето за обид за убиство е „планирана провокација“.
Алексеј Навални, меѓутоа, за Си – Ен – Ен има речено дека бил шокиран од рутинското студенило во изјавата на Кудравцев. Тој во еден момент во телефонскиот разговор за операцијата има речено – „направивме се што треба“, како да станува збор за нешто што е секојдневна работа – а, не за атентат во кој требаше да се убие еден човек.
(С.Г.)