Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Борисов не влезе во историјата

Anton Chalakov/BigStock.com

Борисов не влезе во историјата

Бугарскиот премиер Бојко Борисов не ја искористи својата голема шанса да биде величан во сопствената земја и почитуван во странство, посебно во соседна Македонија, отворајќи и го патот на ЕУ и на Европа кон регионот на Западен Балкан.

Во неговата земја тврдат дека поради сето тоа можеше да влезе и во историјата, но наместо тоа врз него сега се истура фијаското на неговата соседска, балканска и европска политика.

Наместо политичар со визија стана „историчар“ – како и низа други премиери, претседатели, комунистички диктатори и политичари, пред него.

А, се мислеше дека Борисов е новиот човек на бугарската политика, лидер на проевропска партија, која ја има власта во Бугарија, во три изборни мандати.

Политичар кој гледа напред кон иднината, а не свртен назад во минатото, кое достига далеку – до идеите на еден руски гроф кој на Бугарите им го има продаден сонот за „голема држава“ над нејзините вистински можности и граници, или уште подалеку, до раното средновековие, кога било извршено покрстувањето и пословенувањето на неговиот народ.

Заложник на ВМРО/бугарско/

Не ги надрасна своите претходници, па на Република Северна Македонија, наместо да и помогне да ги почне преговорите за влез во ЕУ, тој ја попречи на тој пат – ставајќи блокада и вето во Унијата, иако претходно на владата во Скопје и на македонската јавност и ветуваше и лобирање и помош.

И, после се, она што го направија тој и неговата влада, сега се обидува да се оправда со старата, веќе излитена фраза дека „не сака да биде прогласен за предавник на (бугарските) национални интереси“.

На тој начин, наместо да се најде во историјата како носител на европеизацијата на регионот, Борисов ќе се памети како лош „историчар“ – толкувач на една, од Европа, отфрлена историографија, затоа што токму таа има создадено многу зла на Балканот и затоа што наместо пријателство, се уште гради омраза и создава непријателства.

Според поголемиот дел од јавноста во Бугарија, Борисов ја прокоцка својата шанса, затоа што дозволи да биде уценет од бугарското ВМРО, за т.н. „македонско прашање“.

Уцената е толку силна, што тој не може ниту оставка да поднесе, кога самиот би се одлучил, па затоа се трага по тоа дали има и (ако има), што е она со што еден мал коалициски партнер и (велат) една маргинална партија, го изложи на јавно уценување премиерот.

Демаскирање на каракачановци

Во анализите се демаскира лажниот „патриотизам“ и експанзионизмот на бугарските вмровци (кон територијата на Македонија), па се вели дека тоа е партнер на Борисов кој спроведува „револуционерна“ дејност и тоа внатре, во соседните држави, правејќи притоа алузија на името на партијата.

За неа велат, дека ја има урнисано владата во Софија, а со ветото кон Скопје ја има протресено и за Бугарија кауза – да се има срдечни, пријателски и „братски“ односи со западниот сосед, сега кога земјата им е во ЕУ.

Бугарската редакција на Дојче Веле оди чекор понатаму, па прашува дали партијата на Каракачанов и целото тоа вмровско друштво, кое инаку толку многу се вљубени во минатото и во историјата, се сетиле да се дистанцираат од зулумите низ југозападна Бугарија, низ Македонија (тогаш како Вардарска бановина во Кралство Југославија), или да се дистанцираат од тероризмот и политичките убиства, во дваесеттите и триесеттите години на 20 век, меѓу кои како жртви ќе се најдат и еден висок бугарски министер и кралот на Југославија.

Според авторот на написот, такво оградување од ВМРО нема и никогаш немало.

Тој ги обвинува софиските вмровци дека сега од целата нивна ајдучија во минатото, од криминалите што ги имаат правено, сега „херојството“ се сведува на пресметки, навреди и дисквалификации кон сите оние кои не ги поднесуваат и кои во Бугарија бараат да исчезнат од политичката сцена.

Апсурдни барања

Но, над се, се посочува нивниот последен „зулум“ со кој го уништија, како што се вели, „бугарскиот интерес “ – сонот за тоа да се тргне „југозападната граница“ (што Борисов, со министерката Екатерина Захариева и со Каракачанов, сметаат дека им е загрозена) .

На тој начин, што во една необврзувача резолуција на Европскиот Парламент се споменало малцинство, што никој од Скопје не го бара уште од времето на идеолошките бугарско – руски – југословенски несогласувања, на тогаш поделена Европа, што Софија, со сегашнава „проевропска“ влада, го смета за територијални претензии!

Мнозинството тамошни аналитичари се согласуваат дека најголемиот дел од домашната јавност и не разбира што Бугарија, воопшто, бара од Македонија.

Еднаш тоа е незапочнатиот коридор осум, за кој и не се знае дали го нема започнато македонската, или пак, бугарската страна, а потоа следи замерката е дека Македонците „не ги сакале Бугарите“, како и тоа дека „не се радувале кога Бугарија влезе во ЕУ“!?

„Наместо помирување – конфликт“

Потоа, излезе дека Софија, сепак, им го признава идентитетот на Македонците, ама не и македонскиот јазик. Во списокот на замерките, според Дојче Веле се наоѓа и барањето од Скопје таму да не тврдат дека имало фашистичка окупација, туку дека тоа било „ослободување“.

Конечно, како врв на оваа неразумна политика е „обвинувањето дека Македонците се уште не се декомунизирале“, како и дека имаат „тоталитаристички, историски наратив“!?

Според аналитичарот на германското Дојче Веле – програма на бугарски, сето тоа го бара владата во Софија во која (каква хипокризија) – вицепремиер е историчар, но и поранешен агент, доушник и оперативец на Државната безбедност (бугарска Удба) за кого се знае и кодираното има „Иван“.

Непристрасни софиски аналитичари, затоа, се согласуваат дека ништо од сето ова не може да се исполни, а и нема. Тие се на мислење дека она што на крајот ќе остане е дека двата соседни народи, наместо кон помирување, се повеќе одат кон конфликт и кон целосно разделување.

Работи ли Софија за некого?

Она што во Бугарија сега се истражува е дали има некој и нешто што би наведувало дека бугарското вето за Македонија во Брисел, е задача што софиската влада ја извршувала за некој друг.

Па, еднаш тоа е Русија која и онака подолго време ровари низ Западен Балкан. Во Македонија, настојувајќи да се дискредитира актуелниот премиер Зоран Заев, затоа што практично ја истисна Москва која се смести овде со благослов на поранешната режимска власт, на избеганиот екс премиер, осуден за криминал и ја врати назад Македонија на патеката кон евро – атланските интеграции.

Се договори, конечно, со Грција, па Македонија стана членка на НАТО и доби „зелено светло“ за почеток на пристапниот процес, што сега го блокираше владата на Борисов.

Во Софија се шпекулира дека сето ова може да е и „српско масло“ со кое се сака забавување на Скопје кон Европа, за да не се случи Македонија да ја премине Србија на патот кон европското интегрирање.

Тоа, секако, би и нанело политички удар на сегашната власт во Белград која и онака – седејќи на две столчиња – сака на Западот во ЕУ, ама не се откажува од специјалното партнерство со Русија и со Кина – целосно стагнира на патот кон Европа.

Одбивајќи, притоа, да се направи прогрес кон признавање на новата реалност на Балканот – косовската независност.

По природен пат

Има мислење и дека можеби зад ветото на Борисов стои Париз! Станува збор за московска верзија, според која Емануел Макрон останува на позицијата дека не треба да се брза со проширувањето на ЕУ, не во овој момент, но и затоа што (во согласност со Русија), настојува да му се даде простор и време на Белград да го затвори прашањето околу Косово.

Аналитичарите, сепак, не сакаат да веруваат во ваквите теории на заговор, иако сите овие три можности за бугарското сервисирање на туѓи желби, не се неверојатни и неможни.

Тие се повеќе наклонети кон тоа дека во случајов станува збор, сепак, за фијаско на ГЕРБ и на Борисов кои дозволија едно ВМРО, такво какво е познато во бугарската политика, да предизвика судир со Скопје, кога за тоа нема причина .

Излегува само дека Борисов доживеа да го надигра, надмудри и да го кутне на плеќи Каракачанов и да му ја уништи целата досегашна работа на европеизацијата на Западен Балкан, за што и дома и во Европа се тврдеше дека е мошне успешна и дека ги задоволува и бугарските интереси.

А, решавањето на работата е мошне едноставна – со Македонија во ЕУ нема да има „македонско прашање“. Нема да има ниту територијални „претензии“, или како што вели еден бугарски аналитичар – сите „проблеми“ што сега ги редат во Софија, ќе исчезнат по „природен пат“.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе