Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Грофот Игнатиев (одново) против Европа

Belish/BigStock.com

Грофот Игнатиев (одново) против Европа

Официјална Софија која во времето пред и по бугарското претседателство со ЕУ, настојуваше Македонија, Балканот и Европа да ги увери во својата изменета, европска посветеност, во само неколку месеци сето тоа го растури.

И беше потребна само една изасилена внатрешна, политичка криза, за да потсети на старите времиња, па сите да разберат дека нема ништо од европеизацијата на Бугарија.

Наместо да и го отворат патот на Македонија кон ЕУ, како што ветуваше, Бугарија и го затвори тој пат.

Стави вето и подигна блокада на почетокот од пристапните преговори на Скопје со Брисел, копајќи што подалеку во минатото и користејќи ја историјата, каква Софија ја продава за единствено валидна, за да ја уценува Македонија.

Излегува како бугарската страна да зборува за добрососедство и за пријателство, а всушност, да не сака да гради добрососедски и искрени, пријателски односи, што полека и чекор по чекор ќе се градат и ќе се уредуваат во духот на Европа. Толку многу за ова зборуваше бугарскиот премиер, кога претседаваше со ЕУ.

Но, кога дојде времето, тоа да се покаже Бојко Борисов и неговата влада, на Македонија, на регионот, на Европа и на Германија и Ангела Меркел, како претседавачи на Унијата, им удрија шлаканица.

Духот на Сан Стефано

Практично, го блокираа патот за навлегување на Европа во Македонија и во регионот, тогаш кога токму Берлин се избори во Унијата, за да обезбеди консензус за потребата – конечно – и ова парче од европскиот континент, да стане и политички дел од него.

Токму Софија, преку своите некогашни санстефански, големобугарски идеали и претензии кон Македонија, најде изговор за да го оправдаат негирањето на македонската национална посебност и македонскиот јазик.

Нешто што значи повреда на човековите права за сите етнички Македонци, повреда на правото на самоопределување и на европските правила и принципи, преку кои самата Бугарија има влезено во ЕУ.

Бугарската блокада, всушност, е истото она што го има смислено и креирано грофот Игнатиев, во 1878 година, кога во рамките на руско – турскиот мировен договор, по војната во која е ослободена Бугарија, вметнува создавање држава, распослана од Црно Море, па се до Јадранот, за да биде блокада за европското (западното) навлегување кон југот на континентот.

Таа замислена творба на Игнатиев, инаку дипломат руски во Царигард, прв пат е презентирана во Сан Стефано, во близината на Цариград, каде се одржувале мировните преговори и каде таа творба се означува како бугарска територија, на која живеат „бугари“.

Повторување на историјата

Во основа, тоа е само план за држава која ќе им користи на руските, царистички и империјални интереси.

Од Москва е определено, новоослободената Бугарија да ја преземе таа улога, што од тогаш се претвора во историски сон за некаква „голема Бугарија“,  како и платформа врз која се градела националистичката политика за „бугарски територии“ на Балканот.

Мир со Отоманската империја, тогашна Москва успева да постигне, но „санстефанска Бугарија“ како од тогаш милуваат да ја нарекуваат софиските историчари, никогаш нема да заживее.

На Берлинскиот конгрес, истата таа година, Европа ја присилува Русија да се откаже од планот да создаде „брана“ на Балканот за свои потреби, па Бугарите никогаш нема да дојдат до својата „голема држава“ – освен во двете светски војни.

На два пати властите во Софија застанаа на страната на анти-западните сили, за да на два пати – по три години – се сместат на таа територија. Секогаш тврдејќи дека тоа се нивни територии (!?) на кои живее „бугарско“ население.

Ваквата прошетка по ЕВРОПСКАТА историја и по она што е општо познато за Балканот, излегува дека е потребно и сега после целата серија од новокомпонирана историја што доаѓа од Софија.

Софиски уценувања

Политичари, дипломати, екс амбасадори, сега како приучени историчари, настојуваат да уверат дека историјата што од таму се нуди е една и единствена и дека само таа може да биде вистинската – кога станува збор за Македонија, за етничките Македонци и за нивниот јазик.

И за тоа нудат да се преговарало, иако знаат дека за идентитет на еден народ – никој и никаде не зборува по улици. Знаат дека за тоа, едноставно, не се преговара, како што не се прегорало за нивното потекло, за нивниот јазик, за нивното бугарско пословенување.

Ниту пак, за вакви работи се пишуваат меморандуми.

Оваа денешна Софија очигледно е дека го одбра грофот Игнатиев (кому вечно благодарната Бугарија му има подарено улица во центарот на бугарскиот главен град), за да може да се пресметува со Скопје, со владата на Република Северна Македонија, со нејзините главни преговарачи, доведувајќи го во крајно непријатна ситуација нивното настојување да ја стават својата земја на европскиот пат.

Служејќи се со разните уцени и закани, со постојаното измислување „грешки и пропусти“ (кои ги нема), со наметнувањата небулозни барања и со обвинувања, без основа, прикажувајќи ги Македонија и нејзиниот сегашен политички врв, заедно со сите Македонци, како непријатели на Бугарија и на бугарскиот народ.

Казнување со вето

Тоа и до тој степен, не го правеше ниту комунистичка Бугарија (и тогаш) служејќи им на советските (руски) интереси, во идеолошките пресметки со екс Југославија, преку грбот на Македонија со т.н. „македонско прашање“.

Сега, во времето од 21 век, шефот на бугарската дипломатија ја кодоши македонската влада во Брисел и пред другите во ЕУ дека земјата – кандидат (Македонија) која ги поминала сите претходни филтри и проверки за ЕУ, вклучувајќи и верификација од Софија, наводно, продолжува да живее со „своите комунистички уверувања“ и дека како таква била закана за Унијата!!??

Едно вакво тврдење само го покажува лицето на софиската политика – кога на Македонија и треба пријателство и добрососедство, како услов за старт на преговорите со ЕУ, земјата – сосетка и нејзината влада да се прикажуваат како непријатели и без добри намери да ги разрешува своите проблеми со соседите.

Не и помина тоа на министерката Екатерина Захариева меѓу колегите во Унијата. Но, цврсто решена да се пресметува со Брисел и посебно со Берлин, кога станува збор македонското европско интегрирање, остана на тоа дека Скопје треба да се казни – со вето.

Бугарија и соседите

А, непријатели имаше Бугарија на почетокот од нејзиното (пребрзо и прерано) влегување во ЕУ.

Имаше непријатели во Турција, која не можеше да го заборави однесувањето на комунистичкиот диктатор Тодор Живков и неговото насилно покрстување на бугарските Турци во “Бугари“, во осумдесеттите години на 20 век, кои потоа се определија на масовен егзодус, правејќи од југоисточна Бугарија зона на етничко чистење.

Имаше Софија проблеми и со Грција, околу комунистичкото минато и имотите на оние кои се избегани од Северна Грција во Бугарија, по грчката граѓанска војна. Дури и со Романија Софија имаше нерасчистени сметки.

Со соседна Србија, работите одеа полесно – во „санстефанскиот агол“ на српска територија (југоисточниот дел од државата) живее бугарско етничко малцинство, што двете страни брзо го прифатија како готов факт.

Само Македонија и тогашниот, вмровски премиер, брзо прифатија да и помагаат на Софија, предлагајќи двете земји да направат и да потпишат договор за добрососедство и соработка.

Дури актуелниот македонски премиер, го затвори договорот, го потпиша и го ратификува во Парламентот во Скопје, со противење на сегашните вмровци, кои се претворија во десничарски националисти и лажни патриоти.

Компромиси на Софија за во ЕУ

Како Бугарија тогаш ги разрешуваше сите овие проблеми со соседите непријатели – вистински и потенцијални?

Со правење компромиси – со сите, при што Бугарија која тогаш бркаше преговарачки процес, за да влезе во ЕУ, во пакет, другите источно-европски држави кои беа пред неа на тој пат.

Тие немаа такви проблеми со соседите, како што имаше изградено комунистичка Бугарија со сите околу неа. Сепак, ништо од тоа што требаш да се реши, како што Унијата сега бара од балканските кандидати, не се уреди.

Турците во Бугарија добија своја партија која преку нејзиниот вешт лидер стана дел од владите во Софија.

Со Романија работите се „замачкаа“ затоа што и Букурешт беше во пакетот за ЕУ со Бугарија, па ниту самиот не инсистираше се да се уреди по европски, а ниту ЕУ која брзаше да ја прибере кај себе Источна Европа не гледаше дали навистина се е онака како што треба да биде.

Со Грција, пак, за двете беше најважно да не се покренуваат никакви малцински прашања. Пред влезот во ЕУ, на Софија не беше потребно да отвора стари рани и да зборува за малцинство – сметајќи ги (нормално) како бугари Славомакедонците – колку и да ги има.

Тоа прашање лесно и едноставно го имаат разрешено уште Живков и поранешниот грчки премиер Андреас Папандреу. Формулата беше едноставна – кај нас (во Бугарија) нема Грци, а кај вас (во Грција) нема Бугари.

Старо-нова формула

Тоа беше време пред ЕЕЗ да стане ЕУ и кога малцинствата, во Источна Европа и во тогашниот комунистички свет, беа заедници со колективни права, а не поединци, како дел од определена етничка заедница.

Денешна Софија, изгледа, дека таа своја стара, живковистичка формула, сака да и ја нуди и на Македонија (за т.н. Пирински крај и за целата бугарска територија), но тоа го прави на крајно непријателски начин – со настојување при тоа да се негира јазикот на Македонците и етничката посебност, иако никој од Скопје не бара територија од Бугарија, а ниту брои малцинство.

Како и да е – за Македонија, соседна Бугарија се определи за отворање фронт, верувајќи дека во кусиот рок што беше оставен до пред Нова година – ќе ги оствари своите санстефански сонипта.

Што би рекле двајцата македоно-убијци, Иван Михајлов и Тодор Александров – прво автономија за Македонија, а потоа следи соединение со „мајката Бугарија“. Или според, бугарското ВМРО – СМД на Каракачанов – дури ако на некој начин и се создаде држава Македонија – таа ќе остане бугарска – територијално и национално.

Договор во европски дух

Овие работи од минатото и од редовите на сегашната бугарската националистичка десница, меѓутоа, станаа дел од актуелната политика на Софија кон Скопје. Според она што го зборува тамошната шефица на дипломатијата – ние од секогаш сме биле “бугари“, па дека Тито ни го создал јазикот и националниот идентитет и дека сме требале да прифатиме дека имаме бугарски корени.

Во одењето кон компромис за надминување на блокадата, може да се зборува за делови од заедничка историја, или за настани и луѓе што ќе се одбележуваат и кај нас и кај нив. Тоа е веќе во духот на европската традиција, но никако не може да се бара да се чепка по нашиот идентитет.

Тоа македонската страна не го прифаќа, ниту го прифатила во досегашните разговори, па затоа ветото на Софија остана, како што остана и бугарската позиција кон нашето “покрстување“ за да може тамошната влада да издржи до нивните избори во март 2021 и на нив да победи.

Со плановите на рускиот гроф од пред 142 години, како и со царистичко – комунистичката историографија за – „една држава – еден народ“.

Тешко е да се поверува дека Игнатиев бил толку видовит, за да предвиди дека дури и по 150 години ќе успее со својата замисла – да ја запре Европа во Западен Балкан, со бугарска помош.

Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе