Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

И Шекспир се вакцинира против короната

Sertur_vetan/BigStock.com

И Шекспир се вакцинира против короната

Велика Британија стана првата земја во светот која почна со вакцинирање на населението против смртоносниот коронавирус, откако една 90 годишна жена, од дом за стари лица во Северна Ирска, како и 81 годишен маж од англискиот град Ковентри, први ги примија вакцините на „Фајзер/Бионтек“.

Поголемиот публицитет, посебно на социјалните мрежи, сепак, го собра вториот пациент – поради своето име. Човекот од Англија се вика Вилијам (Бил) Шекспир. За британските медиуми има изјавено дека се надева оти почетокот на вакцинирањето ќе биде пресвртниот момент во борбата на светот со вирусот.

Еуфорична атмосфера

Почетокот на вакцинирањето во британската јавност беше примено еуфорично, како да станува збор за крај на епидемијата, па вакцинирањето на жената во една од болниците на британското јавно здравство (НХС) во Северна Ирска, беше поздравено со аплауз на персоналот од болницата.

Настанот стана главна вест и во Европа и во САД, каде лекарите и медицинскиот персонал војуваат со вирусот кој и натаму се шири, зголемувајќи го бројот на жртвите.

Британија има нарачано 40 милиони дози од вакцината за население од 65 милиони, која ќе треба да се примат на два пати. За тоа ќе се користат можностите на 50 болнички центри во Британија. Приоритет во вакцинирањето на почетокот имаат постарите луѓе, оние кои живеат во домови за стари лица, како и здравствените работници.

Според упатството на производителот, имунитет на короната, сите овие кои сега ја примаат, ќе го стекнат во почетокот на јануари, со создавање на имуни тела.

Во вистински момент

За разлика од медиумите, луѓето се повнимателни кога станува збор за очекувањата од новата вакцина, искажувајќи резервираност кон насловите во весниците – дека ова е „светло на крајот од тунелот“.

Најмногу затоа што некои сметаат оти вакцината е произведена премногу брзо, како и дека (наводно) не е доволно испитана. Како аргумент за сомнежите се наведува мислењето на некои медицински експерти во оваа област, според кои за добивање вакцина која ќе обезбеди имунитет за цел живот, се потребни повеќе години истражувачка работа.

Медиумите прогнозираат дека за вакцинирање ќе се определи околу една третина од британската популација. Особено што вакцинирањето во Британија е на доброволна основа.

Како и да е, сите се согласуваат – како медицинските експерти, така и мнозинството од луѓето – дека произведените вакцини, а ги има (и ќе ги има) уште неколку, се појавуваат во вистинскиот момент во борбата со кинескиот вирус.

Тоа е во екот на вториот бран во Европа, каде во некои делови (како на Балканот, на пример) има „удрено“ со поголема силина, отколку пролетоска и во време кога луѓето од здравството се максимално истрошени од едногодишната борба со пандемијата, додека луѓето се веќе фрустрирани од долгото живеење во услови со разните ограничувања и забрани.

Политизација на вакцинирањето

Појавата на вакцината, како и почетокот на вакцинирањето, затоа се смета дека сето тоа – колку, толку – може да го амортизираат и да помогнат за да јавноста низ Европа почувствува некаква релаксација во, на изглед, безнадежноста дека (некој и нешто) ќе може да го запре вирусот.

Без разлика што експертите предупредуваат дека вакцината и вакцинирањето нема да доведат до некакво нагло запирање на пандемијата, а тоа, пак, значи дека мерките за заштита од короната и натаму ќе мора да останат.

Целата оваа атмосфера во Британија, меѓутоа, остава впечаток на политизација на масовното вакцинирање.

Односно, како да е дел од една смислена популистичка политика на ториевската влада и посебно на премиерот Борис Џонсон кој не ретко на овој план сака да го копира американскиот претседател, на заминување. Уште повеќе што во оваа година Џонсон има изгубено доста од својот рејтинг.

Грешки на стартот на епидемијата

Најмногу околу неснаоѓањето поврзано со пандемијата, грешките на почетокот од коронавирусот и заложбите за колективен имунитет, наместо со класичните мерки на заштита кои ги спроведуваат епидемиолозите низ светот, до оставањето на домовите за стари и за немоќни луѓе, како и персоналот во во нив, без никаква заштита.

Пролетоска, владата и министерството за здравство дури и не ги броеја заразените и починатите во овие домови. Тоа траеше се додека медиумите и јавноста не предупредија на таквата погрешна и нехумана политика на владата.

Сето тоа придонесе бројот на заразените и на починати во Британија, уште од тогаш да е двојно повисок од една оној во Германија со нејзините над 80 милиони население и да продолжува и подоцна, во текот на летото кога, пак, од популистички потреби премиерот ги олесни мерките за заштита – кога не требаше.

Конечно, Џонсон го загуби својот, претходно, висок рејтинг токму во политичките игри кои ги правеше и продолжува да ги прави околу Брегзит, таму каде се мислеше дека може најмногу политички профитира, имајќи ги зад себе англиските евроскептици.

Брегзит вакцина

Прво, кога одлучи да го менува веќе парафираниот меѓународен договор со ЕУ (во делот околу Северна Ирска) и второ, затоа што со своето развлекување во правењето договор за пост – Брегзит со Брисел – за да биде онака како им одговара на Британците – настојува повеќе да им угоди на тврдите брегзитери и на англиските националисти, а помалку за интересите на земјата и на сите нејзини жители.

Сега знае дека мнозинството Британци сметаат дека се погрешило со референдумското изјаснување за напуштање на ЕУ, но тој, сепак, и натаму зборува – како за договор со Брисел, така и за напуштање на Унијата (на 1 јануари) без никаков договор. Уште и продолжувајќи да ја уверува домашната јавност дека и во такви услови на Британија ќе и биде подобро без ЕУ.

Во една таква политичка клима, брзата одлука да се почне со вакцинирањето (додека Унијата тоа го најавува за февруари) добива силен политички предзнак. Не толку дека вакцината е опасна и ке им наштети на луѓето, колку што се сака на гласачите да им се покаже дека ториевците и нивната влада, први, пред сите во Европа, се погрижиле за здравјето на луѓето. Во Лондон се смета дека не е ни малку случајно што првиот вакциниран пациент е токму во Северна Ирска.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе