„Потребно е повеќе од извинување“
Веран Матиќ, специјален пратеник на претседателот на Република Србија , за решавање на прашањата за исчезнатите во Хрватска, присуствуваше на годишнината од злосторствата извршени во хратскиот град Вуковар и тој е првиот од Белград кој (официјално) има положено венец и им има оддадено почит и на српските и на хрватските жртви на брутално насилство, при распаѓањето на екс Југославија.
Неговото присуство на тој терен што се уште меѓу националистите од двете страни на границата, е предмет на расправии и повод за ширење меѓунационална омраза, само по себе е важен момент во процесот од неопходното помирување на двата соседни народи- Србите и Хрватите.
Цивилизациски гест
Иако неговата функција во српската државна хиерархија изгледа периферна, затоа што тој не е никаков функционер, сепак тој има положено венец од шефот на државата од која доаѓа. Тоа, пак, во одмерувањето на силите и за тоа кој прв ќе попушти, во балканските стандарди е исклучително важно за суетите на политичките лидери и за негувањето на лажниот патриотизам.
Матиќ , меѓутоа, предизвика силно бранување во јавноста , за тоа што го направи пред споменикот во Вуковар. А, тоа е дека за прв пат, дури и на просторот на земјите од поранешна Југославија, некој да се охрабри и да клекне на коленици- за да им одаде почит на невините жртви во еден безмилосен и ужасно непотребен воен судир.
Со овој човечки, цивилизациски гест, што за односите меѓу двете земји може да биде и историски тој (всушност) симболично, побара простување за злосторставата на некогашната ЈНА и на разните српски, паравоени милиции, извршени тие денови на вуковарскиот терен, како првата стапка кон српско-хрватското помирување.
Време за помирување
„Клекнав на коленци во Вуковар затоа што досегашните извинувања веќе се излитена и истрошена работа„- рекол Веран Матиќ, во својата прва изјава за еден белградски весник.
-Отидов со венец на кој пишува -од специјалниот пратеник на претседателот на Србија- и таму почувствував дека треба да направам нешто повеќе. Затоа, клекнав на едната нога за да му дадам значење и на она, што во моментот, се случува во Хрватска – има речено Матиќ.
Тој смета дека морал да направи нешто што е препознатливо. „ Не сакав да го копирам ( поранешниот германски канцелар) Вили Брант ( во Варшава, пред многу години). Само сакав мојот гест да асоцира на неговиот“.
„Мислам дека само така луѓето ќе разберат која е мојата порака“- има речено Веран Матиќ, поранешен новинар и долгогодишен директор на белградското радио Б-92 , кој веќе две години ја има улогата на претставник на претседателот на Србија за прашањата врзани со исчезнатите во воените судирања.
Разногласијата остануваат
Како и да е, неговата порака од Вуковар сите не ја разбраа онака како што треба. Во хрватската јавност неговата постапка беше примена со одобрување. Во српската, пак, тој многу повеќе беше критикуван и осудуван , отколку што беше подржуван.
Неговиот гест, на социјалните мрежи беше оквалификуван дури и како „ навреда и негирање на српските жртви“, што не е така. Но, и тој како и оние кои не се оптоварени со национализмот и омразата, на сето ова гледаат со други, светли очи.
За нив, станува збор за еден мал, а сепак, охрабрувачки гест, што би можел да доведе до време на постепено простување и помирување меѓу Белград и Загреб и до елиминирање на непријателството во кое, сега, повеќе веруваат мнозинството Срби и Хрвати.
Притоа, и едните и другите знаат дека помирувањето нема да значи заборавање на мрачното и мачно минато и на се она што се случуваше во деведесетите години на 20 век, на тлото на некогашната заедничка држава.
(С.Г.)