Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Во војна сме со вирусот, не едни против други“

Divya777/BigStock.com

„Во војна сме со вирусот, не едни против други“

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, во своето обраќање до Американците по повод Денот на благодарноста, повика на единство во борбата со коронавирусот и изрази надеж дека „мрачната сезона на поделби“ ќе биде заменета со период на единство.

„Мораме да имаме во предвид дека ние сме во војна со вирусот, а не едни против други“

…рекол Бајден, порачувајќи уште дека станува збор за моментот кога сите Американци мора да останат цврсти и одново да се посветат на она што, според него, е најважно – да останат заедно.

Порака на Бајден

Бајден објави дека Денот на благодарноста го прославува во својот дом, заедно со сопругата во најтесниот круг на семејството, на тој начин давајќи им пример на сите граѓани дека во годинешниве услови на пандемија – мора да се остане дома и да се слави во сосема мали групи.

Празникот инаку е ден на семејното празнување, кога се собира целото семејство, за да бидат заедно. Поради ваквата традиција, Американците патуваат низ целата држава за да дојдат во домот, најчесто на родителите, за прославувањето.

Овој пат, не само Бајден, туку и властите повикаа да не се патува низ државата, туку секој да остане таму каде престојува, за да вирусот кој и онака продолжува да се шири, не се прошири во уште поголеми и алармантни размери.

Дури и претседателот на заминување, Доналд Трамп, овој пат беше кооперативен и соопшти дека никаде нема да патува и дека за празникот ќе остане дома.

Поинаква реторика

Според Џо Бајден, САД мора да го запре ширењето на коронавирусот, меѓу другото и затоа што Америка тоа им го должи на лекарите, на медицинските сестри и болничарите, како и на сите вработени во првите борбени редови.

Општ е впечатокот на американската јавност дека после четири години, Америка можеше одново да слушне едно поинакво обраќање, наместо реториката на делби и омраза, измешани со популизам и не ретко во кавгаџиски тон.

Таквата атмосфера која ја создаваше Трамп со своите твитови, но и со јавните настапи, не само што ја раскара политичката сцена, туку како ретко кога досега и во поново време, ја подели државата.

На десничари, ултра – десничари и расисти, на едната страна, наспроти либерални демократи и оние кои веруваат во традиционалните американски вредности. Потоа, на бели и на црни, на религиозни конзервативци и на оние со модерни визии за иднината на државата и најмногу – на „патриоти“ и на „предавници“.

Можеби во САД ваквата делба е новокомпонирана, во изминатите четири години. Но, таа поделба со години на ред, подјадува од внатре повеќе западнобалкански општества, а посебно македонското.

Македонски делби

Цели 30 години, домашните националисти, десничари, популисти и сите оние кои од страна им се приклучуваат (за да задоволат некакви свои лични интереси), шират омраза, внатре во Македонија, меѓу етничките Македонци, како и кон сите надвор, кои не им се вклопуваат во некаквите „црвени линии“ кои ги испишуваат кога им треба национализмот, за дневно-политички потреби.

Исто толку години, ова друштво на, главно, фрустрирани типови, ги третира своите неистомисленици и политички противници во (наводни) „предавници“ на македонската кауза и на македонството, прикажувајќи се себе си како „патриоти“, иако токму тие прават предавство и на државните и на националните интереси.

Така се однесуваа кога државата, за прв пат излегуваше на меѓународната сцена, како меѓународно-правно признат субјект, при влегувањето на Македонија во ОН.

Така правеа кога здружени со лажните „патриоти“ меѓу отпаднатите, некогашни социјал-демократи, сега на брзина, претворени во „комити“, државата го направи големиот исчекор, со влегувањето во НАТО. А, така се однесуваат и сега, кога Македонија треба да почне преговори за влез во ЕУ.

Правење криза во невреме

Во секој случај, на државата и е потребно единство, а не поделби, во услови на неразумната, наметната бугарска блокада на патот кон ЕУ, околу тоа кој како (ќе) ја толкува историјата.

И, такво единство во секоја друга држава би го постигнале, кога треба да се исполни државната стратегија. Со давање поддршка на неопходноста да се направи компромис, за да не остане земјата сама надвор од ЕУ, уште со Косово и БиХ.

Но, наместо тоа, шареното друштво на божемни „патриоти“, се обидува да создаде политичка криза, кога таа е најмалку потребна.

Повикува на партиски пуч и ги дисквалификува оние кои ја бијат битката за Европа – третирајќи ги како „предавници“.

Националистичката десница, пак, се пресметува со своите дома, за да собере политички поени, па згора на тоа уште и се фали дека ќе прави блокади за да го тероризира сопственото население!?

Затоа, по малку тажно делува потсетувањето на зборовите на Џо Бајден, за тоа дека короната е противникот, а не се тоа Американците „од другата страна“. И, во Македонија противникот е вирусот, сега дополнет и со бугарското уценување. Па поради тоа, не би требало и ние да сме едните наспроти другите.

„Патриоти” и „комити“

Впечаток е дека оние во САД, сепак, како и многу пати порано, ќе ги стават државата и нејзините интереси на прво место, па ќе попуштат со внатрешните тензии, барем додека не го испратат Трамп во историјата.

Македонското искуство, меѓутоа, сурово потсетува дека ова не е Америка.

Овдешното искуство уверува дека овде нема сили, нема ниту човек во блокот на лажните „патриоти“ и на исто таквите „комити“ кој ќе може да се издигне над фрустрациите и болната суетност, за да се обезбеди единство, а не за да се продолжи со делбите, околу тоа дека (наводно) некој, на македонскиот европски пат – прави „предавство“.

Конечно, компромисот кој се брка во цајтнот (ако воопшто се постигне), се прави само во интерес на државата и на идните генерации нејзини граѓани.

А, тоа не ги интересира оние кои во своите канцеларии, примајќи апанажа, или живеејќи удобно од бизнисите добиени во времето на бившиот режим, прават политички заговори.

Нивниот „патриотизам“ завршува со излегување на улица и со уличарење, или со нарачани, отровни писанија на Фејсбук. Тие и онака, никогаш и ништо немаат направено за државата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе