Бајден се одлучи за Блинкен на чело на дипломатијата
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, именувал неколкумина членови на неговиот надворешно-политички тим, меѓу кои се наоѓа и идниот државен секретар на САД, во Стејт департментот.
По повлекувањето на сегашната администрација, на чело на американската дипломатија , Бајден го именувал Ентони Блинкен.
За советник за национална безбедност е предложен Џејк Саливен, за амбасадор на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд , а за шеф на државната безбедност Алехандро Мејоркас.
САД се враќаат во светската сцена
Поранешниот државен секретар Џон Кери, пак , Бајден го предвидува за позицијата специјален претставник на претседателот на САД, за климата и за климатските промени, што се означува како најава за враќање на Американците на меѓународниот договор за климата. Договорот го потпиша поранешниот претседател Барак Обама, а Доналд Трамп, демонстративно излезе од него- означувајќи го како „ штетен за САД“.
Најголемо внимание, во американската јавност, сепак, предизвика именувањето на идниот прв човек на Стејт департментот, Блинкен. Тој е дипломат и долгогодишен помошник на Бајден.
Томас-Гринфилд имаше висока дипломатска функција во админисрацијата на претседателот Барак Обама. И Саливен доаѓа од редовите на тој тим. Во текот на изборната кампања, во 2016 година, Саливен беше еден од советниците на Хилари Клинтон. За Мејоркас, пак, се знае дека е адвокат, од кубанско- американско потекло кој во претходната администрација на демократите беше заменик секретар за државна безбедност.
Бајден работи од дома!
Џо Бајден и понатаму работи од својот дом, во сојузната држава Делавер, составувајќи го својот иден тим и работејќи на планот за пренос на власта , соочувајќи се една ( за американски прилики) апсурдна ситуција – за прв пат досега – администрацијата на заминување да одбива да учествува и да соработува онаа која треба да ја наследи.
Таквата ситуација е последица на однесувањето на поразениот републикански кандидат кој не успеа да освои уште еден мандат, иако на собирите низ Америка зборуваше дека ќе го прегази Бајден. Сега одбива да признае дека загубил на изборите од 3 ноември.
Тој упорно тврди дека изборите, наводно, биле „лажирани“ , па затоа и не им дозволува на специјализираните владини агенции да го отворат процесот за пренос на власта , што нормално, во ова време веќе требаше да биде покренат.
Во понеделникот, доцна вечерта по американско време, Трамп, сепак, на Твитер објави дека им дал налог на овие агенции да почнат да работат на тој план.
„Направете го тоа што морате“ – има запишано на својот профил.
„Срамотење на Америка“
Во истата порака, тој и натаму одбива да го признае поразот. Тврди дека неговата битка за „докажување на вистината“ продолжува, како и дека е убеден оти на крајот тој ќе докаже дека бил во право!.
Неговиот тим правници кој го предводи Руди Џулијани, едно време американска политичка ѕвезда, продолжува да „трага по докази„ за тоа дека имало „заговор“ за да победи Бајден – по секоја цена.
Републиканските лидери во Сенатот и во Конгресот, засега , го подржуваат Трамп во- како што велат- правото да бара „ ревизија на изборните резултати“.
Меѓутоа, поранешниот републикански гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи кој му помагаше на Трамп во 2016 година , а и за овие избори, одлучи јавно да се спротивстави на постизборното однесување на актуелниот шеф на државата.
Според него, целата оваа ситуација станува „срамна“ за Америка. Кристи уште рекол дека правниот тим на Трамп „претставува национална срамотење“ на САД.
(В.А.)