Британците (сега) сметаат дека Брегзит е грешка
Големо мнозинство Британци веруваат дека одлуката за напуштање на ЕУ било погрешна.
Според истражувањето на агенцијата „ЈуГав“ 51 отсто сметаат дека било грешка што се гласало за Брегзит, наспроти 38 отсто кои остануваат уверени во исправноста на ваквото определување. Околу 11 отсто од анкетираните одговориле дека немаат никакво мислење околу ова прашање.
Кога аналитичарите на оваа респектабилна агенција за испитување на јавното мислење ја анализирале анкетата и притоа ги исклучиле неопределените, излегува дека дури 57 отсто Британци (сега) смета дека погрешиле кога гласале за излегување од ЕУ, додека други 43 отсто не мислат така.
Агенцијата „ЈуГав“ соопшти дека ова е досега највисок процент на гласачи кои Брегзит го оценуваат како грешка.
Загубени во преговорите
Истражувањето е правено во време кога се приближува крајниот рок за постигнување договор за уредување на пост-Брегзит односите меѓу Британија и ЕУ и кога Лондон и Брисел настојуваат да постигнат договор за слободна трговија.
Краен рок за тоа е крајот на оваа година, кога истекува 11 месечниот период на транзиција, што и беше оставен на Британија за да се спогоди со Унијата за своите идни односи, затоа што договореното ќе треба, потоа, да биде и ратификувано , пред божикните и новогодишните празници.
Лондон веќе не е дел од ЕУ од 1 јануари 2020 година, спроведувајќи ја одлуката на британските гласачи на референдум, одржан во 2016 година, за излегување на земјата од Унијата. Од почетокот на оваа година земјата е во фаза на транзиција, во која таа ги користи сите благодети од членството – пред се, единствениот пазар и царинската Унија- за да полесно се прилагоди кога целосно ќе остане сама.
Разликите остануваат
Во овој период треба да се постигне и договор за слободна трговија, што многу би и помогнало на британската економија.
Но како сега стојат работите, шансите сето тоа да се заврши во следните 30 денови се намалуваат, затоа што преговорите се заглавени во британското инсистирање на „принципите на кои се темелел референдумот.
А тоа е „британската независност“ на која инсистираат премиерот Борис Џонсон и тврдите брегзитери во редовите на неговата конзервативна партија, сите во Англија.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барније уверува дека Брисел сака да се постигне договор, но дека Унијата не може да ризикува со иднината на сите 27 земји членки, за да ги задоволи амбициите на британските евроскептици и на Даунинг стрит 10, договорот за излегување од ЕУ, да биде уреден така како што му одговара на Лондон.
Двете страни се повикуваат на некакви „црвени линии“ што само покажува дека се поизгледно е оти на крајот – Брегзит ќе биде без договор со Брисел, што сите британски економски и финансиски експерти го сметаат за најлошото решение и најтешко за самата Британија.
Разочарани гласачи
Целиот овој процес на излегување се развлече на повеќе од четири години, што на британските гласачи им овозможи многу подобро и многу поточно да ги согледаат последиците од напуштањето на ЕУ, што во екот на еуфоричната антиевропска еуфорија што ја покренаа евроскептиците и антиевропските сили, предводени од англиските националисти, не можеа да ја согледаат.
Особено што и сега , премиерот Џонсон зборува дека сака договор со ЕУ и дека настојува до него да се дојде, а во исто време им порачува на неговото гласачко тело, каде се и мнозинството брегзитери, дека на Британија „ќе и биде добро и подобро кога ќе биде сама“ – надвор од Унијата.
Велика Британија влезе во ЕУ во 1973 година, во време на конзервативната влада на тогашниот премиер Ед Хит.
Десет години траеше преговарањето, откако уште во 1963 година, владата на еден друг конзервативец, Харолд Макмилан побара од тогашната ЕЕЗ да биде примена во полноправно членство.
(Д.Л.)