Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Вакцината на „Фајзер“ пред сите други?

Sertur_vetan/BigStock.com

Вакцината на „Фајзер“ пред сите други?

Изјавата на американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (“Pfizer”) за тоа дека веруваат оти нивната вакцина против коронавирусот е ефикасна во над 90 отсто случаи, покрена силен бран на оптимизам низ светот.

Дури и Светската здравствена организација (СЗО) која досега беше крајно внимателна околу бројните вакцини што разни компании и научни институти ги подготвуваат и ги најавуваат, овој пат изрази задоволство дека меѓународната заедница ќе може да и застане им застане на патот на вирусот и на пандемијата.

Оптимизмот што го покрена соопштението на „Фајзер“ се заснова врз резултатите од раните сознанија од испитувањето на третата, последна, фаза од тестирањето на вакцината, што натера некои експерти да проценуваат дека таа би можела да се појави како готова за употреба и да се дистрибуира во следните месеци.

Непознато времетраењето на заштитата

Од пред крајот на јули, оваа американска компанија, заедно со германската фирма „Бионтек“ („Biontech”) имаат направено проби во кои биле вклучени 43.500 учесници.

Доверба во вакцината има изразено и американскиот епидемиолог и експерт за заразни болести др. Ентони Фаучи, кој за медиумите во САД има речено дека првите дози би можеле да им се даваат на луѓе, уште во почетокот на следниот месец – во декември.

Според овој познат производител на лекови, би можело до крајот на оваа 2020 година, низ светот да се пласираат 50 милиони дози, во следната 2021 година – уште 1.3 милијарди.

Извршниот директор на „Фајзер“ Алберт Бурло, сепак, признал, во изјава за Си-Ен- Ен дека компанијата и натаму не знае колку долго може да трае заштитата од вирусот, од кој досега, на глобално ниво, се заразени 53 милиони луѓе, а 1.3 милиони се починати.

Чување на минус 75 степени

Во меѓувреме се јавува дека компанијата почнала да прави тестови на вакцината и со 12 годишници. Некои американски здравствени експерти, меѓутоа, изразуваат загриженост што овој производ на „Фајзер“ е „тежок и компликуван“ за чување.

За него е потребна температура од минус 75 степени Целзиусови, а тоа е температура која не може да се обезбеди во класичните фрижидери или замрзнувачи.

Како и да е, веќе 39 илјади доброволци ја имаат примено и втората доза од оваа вакцина, во рамките на тестови што се направени на 42 меѓународни локации и на 30 американски и при тоа се внимавало луѓето да имаат различна расна и етничка припадност.

Многу брзо, по соопштението на компанијата, вакцината падна „заразена“ од политиката.

Вакцина и политика

Прво, на онаа во Америка, каде и претседателот на заминување Доналд Трамп и новоизбраниот претседател Џо Бајден, го поздравија успехот на научниот тим и на сите другите во компанијата.

Трамп, на Твитер, има напишано дека „станува збор за одлична вест“. Бајден, пак, изјави дека соопштението од „Фајзер“ е „знак за надеж“.

Тој во исто време, предупредил дека светот е се уште далеку за да може да каже дека короната е победена. Новоизбраниот претседател им честитал и на „сите жени и мажи кои имаат придонесено да се дојде до овој резултат“.

А, потоа, насекаде низ САД и светот, за ултра-десничарите, на социјалните мрежи, како и оние во политиката, веста за вакцината стана политика.

Кампањата ја водат оние кои навиваа за Трамп на изборите во САД и кои го третираат Трамп како „победник“, поддржувајќи ги сите негови поранешни изјави за вирусот, за заштитата, за вакцинирањето и за пандемијата, како епидемија “од малку потежок грип“.

Десничарите зборуваат за „заговор“

Ова друштво ја искористи веста на „Фајзер“ за да „открие„некаков „таен заговор“ против Трамп.

Тие сметаат дека веста била сокривана, дека се чекало да поминат изборите, за да му се напакости на десничарскиот претседател и за да му „се помогнало“ на Бајден.

Ваквата хистерија на крајната десница, од Америка е префрлена и во делови од Европа, па и на Балканот.

Во овој регион, главниот „твитераш“ Јанез Јанша продолжува да води „своја војна“ со победникот на изборите на САД, одбивајќи да му ја честита победата.

Актуелниот словенечки премиер е од оние кои тврдат дека веста за вакцината на американската компанија била „сокривана од јавноста“ за да му наштети на Трамп!

Неговиот близок идеолошки сојузник, Унгарецот Виктор Орбан, сепак, му честита на Бајден, иако претходно призна дека навива за Трамп.

Но, Орбан се огласи дека во борбата со вирусот ќе ја користи вакцината произведена во Русија. Тоа е сосема спротивно од одлуката на ЕУ, да резервира кај „Фајзер“ 300 милиони дози од нивната вакцина за населението во Унијата.

(А.Е.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе