„Локдаун”: збор на годината
Речникот на британската издавачка куќа „Колинс“ го прогласи зборот „Локдаун“ – во слободен превод, карантин – за збор на 2020 година.
Англискиот збор „локдаун“ е создаден од зборовите „Lock” (во превод на македонски – да се заклучи нешто) и од зборот „Down” (што, буквално значи долу).
Во Британија, или во САД, на пример „Lockdown” значи – затворање, заклучување, или уште и блокада, изолација, а во случајот со актуеланата пандемија со коронавирусот – овој збор се употребува за да означи – карантин.
Преку раширената корона и болеста Ковид, зборот навлезе во низа јазици низ светот, најчесто и без да се преведува.
Во објаснувањето на редакцијата „Колинс“ се вели дека овој збор се дефинира како „наметнување строги ограничувања за патување, за социјално дружење, како и за пристап до јавни простори“.
Според нив, овој збор е избран затоа што претставува „обединувачко искуство за милијарди луѓе низ целиот свет“
Поводот е, секако, кинескиот вирус што никако не може да се совлада, па само затоа и годинешниов избор на збор на годината, поминува во знакот на пандемијата.
Дури шест од првите десет рангирани зборови се врзани за епидемијата, а во таа „шесторка“ се – коронавирус, потоа самоизолација, или социјално дистанцирање.
Според „Колинс“ зборот „локдаун“ годинава бил употребен над 250 илјади пати повеќе, отколку во минатата година, кога бил користен четири илјади пати.
Во потесниот избор за збор на годината биле и зборовите „ТикТокер“ што се дефинира како „лице кое редовно дели, или се појавува во видеозаписи на апликацијата „ТикТок“, или зборот, всушност, кратенката „БЛМ“ за – „Black Lives Matter” (Црните Животи Вредат).
За редакцијата на „Колинс“ станува збор за „движење кое води кампања против расно мотивираното насилство и угнетувањето“.