Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Почина Шон Конери – првиот Џејмс Бонд

Почина Шон Конери – првиот Џејмс Бонд

Британскиот актер Шон Конери, почина на Бахамите, каде живееше последниве години- соопшти неговото семејство. Починал мирно, во сон. Во изјавата на семејството се вели дека од пред извесно време „не се чувствувал добро“. Имаше 90 години.

Шкотланѓанин по потекло, роден 1930 година во Единбург, тој почетоците на својата актерска кариера ги има врзано за Лондон. Прво, во театарот во 1951 година, кога дебитирал на една тамошна сцена. Во 1953 година настапил на телевизија, додека првата позначајна улога на филмот ја имал во 1958 година, покрај тогашната филмска ѕвезда Лана Тарнер.

Најомилениот Бонд

Во светот на филмот Конери, сепак, ќе остане запаметен по своите седум улоги во седум различни филмови за британскиот таен агент Џејмс Бонд кој е во служба на нејзиното кралско височество и има кодирано име 007. Според една анкета направена во Британија, тој е прогласен за најомилениот актер во ликот на Бонд.

Серијата за овој лик од криминалистичко-авантуристички романи на Ијан Флеминг, започна со филмот „Др. Но“, снимен во 1962 година, на Карибите, во Јамајка, каде живееше и пишуваше авторот на романите.

Потоа, следуваа „Од Русија со љубов“, па „Голдфингер“, „Операцијата Гром“, „Само два пати се живее“ и „Дијамантите се вечни“, снимен во 1971 година. Изгледаше дека тоа ќе биде разделба со Конери како Бонд, но тој во 1983 година уште еднаш, се појави во овој лик, во филмот „Никогаш не вели – никогаш“.

Во 1987 година, за улогата на полицаецот Малоне, во филмот за полицаецот Елиот Нес – „Недопирливи“- Шон Конери доби Оскар, откако претходно ја освои и наградата Златен Глобус. Има настапено во голем број филмски остварувања, меѓу кои еднаш кај Стивен Спилберг, во „Индијана Џонс“ и кај Џорџ Лукас, во еден од неговите филмови за „Војната на ѕвездите“.

Британски витез и шкотски сепаратист

Златен Глобус има добиено три пати, а два пати беше добитник на британската филмска награда Бафта. Британската кралица Елизабета, во 2000 година го има одликувано за неговите постигнувања во филмот. Беше прогласен за витез на британската империја.
Од филмот целосно се повлече во 2011 година, откако претходно се појави и во улогата на продуцент. Последниот филм го има снимено уште во 2003 година- „Лигата на исклучителните џентлмени“.

Иако беше британски витез, Конери беше силен поддржувач за отцепување на Шкотска од Британија и за прогласување на земјата како независна држава. Беше член на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) и пропагатор на референдумот за независност во 2014 година.

Сегашниот Џејмс Бонд, актерот Даниел Крајг по повод смртта на Шон Конери рекол: „Тој има одбележано едно време и во секој случај ќе остане запаметен како Бонд, пред сите другите“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе