Пет опасни грешки околу короната
Во вториот налет на коронавирусот во Европа, Франција по втор пат оваа година воведува карантин, за целата земја, овој пат во траење од еден месец.
Пред неговиот почеток, од последниот октомвриски викенд, колони возила забрзано го напуштаа Париз за да се префрлат во селата, каде карантинот (сметаат) нема да ги погоди, како доколку би останале во градовите.
Германскиот канцелар, Ангела Меркел, чија влада одлучи да ги заостри мерките за заштита, а во низа делови од земјата воведе и карантин, ги предупреди Германците да се подготвуваат за „долга и тешка зима“ доколку мерките не дадат позитивен резултат.
Едноставни, но ефикасни
Во САД, пак, продолжува да се зголемува дневниот раст на новозаразените лица – достигнувајќи над 91 илјада, за 24 часови, што делува како своевиден одговор на короната на инатењето на претседателот Доналд Трамп со епидемиолозите.
Тие од поодамна го предупредуваат дека неговото спротивставување на носењето маски и неприфаќање на сериозноста на вирусот, може да предизвика само раширување на епидемијата.
Најодговорните во борбата со глобалната пандемија – епидемиолозите – затоа продолжуваат да апелираат да се почитуваат мерките кои ги понудија уште пролетоска, кога вирусот ни беше префрлен од Кина.
Тоа се – носењето маска за лицето, одржувањето дистанца од два метри, миење на рацете и избегнувањето мешање со повеќе луѓе, надвор од најблиското семејство.
Мерките се крајно едноставни, но експертите велат и натаму остануваат како најефикасни и неопходни, доколку се сака да се победи пандемијата, пред да се откријат вакцина и лек против болеста Ковид.
Особено што сега се предупредува дека и кога ќе се започне со вакцинирањето против овој вирус, мерките за заштита ќе треба да останат на сила и над се – и тогаш да се почитуваат, до некое време, кога ќе може светот да рече дека ја победил оваа најголема пандемија во последните 100 години.
„Опасни грешки“
Експерти за борба со разни вируси и зарази, меѓутоа, постојано укажуваат и на заканите што постојат за луѓето на „сите страни“ – во продавниците за храна, при одењето на „обичен шопинг“, па и на улиците, по парковите.
За експертите тоа се локациите на кои луѓето најчесто прават „опасни грешки“.
А, оние на кои работата им е да војуваат со вирусите, велат дека таквите грешки се секојдневни и при тоа посочуваат на пет.
Првата е користењето на јавните тоалети, посебно оние во големите трговски центри или хипер-маркети.
За нив, епидемиолозите велат дека се опасни места за зараза во кои има многу вируси, а сега се вистинско легло за коронавирусот, затоа што голем број разни луѓе ги допираат вратите, кваките, славините и сите разни други „ситни“ предмети кои се таму поставени.
Втора најчеста грешка, се смета пробањето облека, или чевли во продавници во вакви центри – од истата причина како и за тоалетите.
Голем број луѓе во текот на денот ги имаат допирнато, облекувано, или држено во раце, па затоа советот е да се одбегнува шопингот, за извесно време, или барем да се користат ракавици и друга заштита.
Закани во супермаркетите
Како трета (постојана) грешка се смета користењето на количките, или кошниците во самопослугите и во супермаркетите. Тие се опасна „прикриена“ закана, ако претходно, со специјалните препарати за дезинфекција, не се исчистат рачките, или држачите со кои се турка количката.
И овде, како алтернатива за тоа, претходно, да се исчистат, се гумените заштитни ракавици.
Се смета дека таква закана демне и од рачките на големите фрижидери кои се отвораат за земање разна замрзната храна.
И тие се, секој ден, изложени на траги оставени од безброј раце поради многубројното користење, а тоа значи и можност на нив да има траги и од короната.
Затоа, оваа четврта грешка на луѓето е означено како голема закана, доколку фрижидерите во маркетите се отвораат – со незаштитени раце.
Вирусот не отстапува
И, како пета од заканите (грешките) кои обично се прават секој ден, е човек да се најде во турканица, во продавница, при било какво купување, без маска, каде и не може да се стои на пропишаната оддалеченост од два метри.
Маската во овој случај е незаменлива, што на крајот и не мора да биде така, доколку не се испочитуваат и другите мерки.
Епидемиолозите, затоа, предупредуваат- на максимална претпазливост. Колку и сето ова веќе да станува заморно и некои луѓе да ги прави нетрпеливи и нервозни. Па, затоа и не ги почитуваат безбедносните мерки.
Во меѓувреме, короната продолжува да се шири да го наплатува својот данок во крв. Сега се јавува дека за прв пат, заразен од овој вирус е регистриран и на далечните, пацифички Маршалски острови.
Во Хрватска, земја во балканскиот регион не престанува да расте бројот на новозаразените, па веќе се регистрирани над 2800 лица во период од 24 часови.
Во Унгарија, која и онака е неколку години целосно затворена и оградена, за да се сочува „чистотата“ на унгарската нација, не се успева да се запре коронавирусот.
Во средата, во само еден ден, е забележан рекорд во смртноста од 65 пациенти.
(С.Г.)