Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија: влада со „рок на траење“

BalkansCat/BigStock.com

Србија: влада со „рок на траење“

После 120 денови од парламентарните избори, одржани уште во јуни и четиримесечен период поминат (практично) со техничка влада, во која функцијата на „технички“ премиер ја имаше претседателот на државата, Србија, конечно, доби нова влада.

Нејзиното формирање го обзнани шефот на државата, а не мандаторот (Ана Брнабиќ) која и досега раководеше со владиниот кабинет, што само ја потврдува констатацијата на надворешни, независни посматрачи дека, од последните претседателски избори, без промени на Уставот, во Србија функционира претседателски систем, во кој сите надлежности како да се во рацете на еден човек – Александар Вучиќ.

Влада за 18 месеци

Според тоа, не е никакво изненадување што и составот на владата и распоредот на министерските ресори ги има определувано претседателот. Тој има одржувано и средби (во својство на партиски лидер на СНС, а не на претседател) со политички лидери кои сега се во новата владина коалиција, за која, инаку нема потреба, а за што тој нема овластување тоа да го прави.

Како и да е, токму претседателот Вучиќ објави дека сегашната влада нема да има четири годишен мандат, како што е тоа правило во секоја демократска држава, туку дека ќе работи со „скратен мандат“ и со определен рок на траење – до април 2022 година. Односно, до следните претседателски избори, кога српските гласачи во исто време ќе избираат нов состав на Парламентот (Скупштината), за нова влада и ќе гласаат за нов шеф на државата.

Нема некое силно аргументирано објаснување зашто се суспендираат низа закони со едно вакво решение, донесено уште пред новата влада да ја одржи својата прва седница во новиот состав и да почне да носи одлуки. Освен што има многу претпоставки за тоа, што се крие зад ваквата одлука.

Назадување на Ивица Дачиќ?

За едни тоа е што изборите, такви какви што беа, практично, создадоа еднопартиски Парламент. Српската напредна странка (СНС) на Вучиќ има апсолутно мнозинство, па затоа и не и беше потребно да коалицира со било кого, како што во вакви услови, не беше потребно да поминат 120 денови за да се направи влада.

Втората по големина сила во земјата, со добиени едвај 10 отсто од гласовите, одново е Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ. Долго траеше размислувањето на Вучиќ дали социјалистите воопшто треба да станат дел од власта, па на крајот, сепак, се одлучи да добијат – овој пат – само маргинална улога.

Дачиќ, навистина, сега е претседател на Парламентот, што во основа треба да биде втората по сила функција во државата, но во Белград се смета дека тоа, во пракса, не е така во Србија.

Досега на тоа место беше една маргинална личност на СНС која сега е прекомандувана во владата. Затоа во Белград се смета дека ова претставува назадување на Дачиќ во српската политичка хиерархија.

Тој претходно беше министер за внатрешни работи, заменик премиер, па премиер на Србија, а до сега беше шеф на дипломатијата и на некој начин „гласноговорник“ на Вучиќ.

Пред се, околу косовското прашање и посебно околу односите со соседите од просторот на некогашна Југославија, но над се беше „офицер за врска“ со Москва, каде важи за „руски човек“.

Незадоволство на ЕУ

Во секој случај, ЕУ остана незадоволна по српските избори откако се доби „еднопартиски“ Парламент.

Тоа Брисел го има искажано во критиките за српскиот реформски процес на патот на земјата кон ЕУ. А, таквата оценка се мисли дека би можело да биде и објаснување за тоа- зашто Србија добива влада со рок на траење.

Некои белградски аналитичари сметаат дека земјата се подготвува за воведување на претседателски систем, додека трети во ваквата долга постизборна разврска, го гледаат косовското прашање, односно, подготовките за конечното признавање на реалноста – дека Косово е независно и дека врз него српската власт нема никаква контрола веќе две децении.

Овие аргументи се употребуваат и за да се објасни смената во министерството за надворешни работи, каде на министерската функција е доведен човек од кабинетот на претседателот, иако за новиот шеф на дипломатијата, Никола Селаковиќ се зборува како за праќање „позитивен сигнал“ кон Русија и Москва.

Налутена Москва

Воопшто, прашањето на позиционирањето на Србија кон светот, како во текот на подготвувањето на новата влада, така и сега, кога се знае кој каде ќе биде во следните 18 месеци, стана главната тема околу тоа каде ќе оди земјата.

Страстите, особено меѓу силниот русофилски блок во тамошната политика, се распалија по, како што го нарекуваат некои поранешни дипломати – „бесмислениот српско-косовски договор“ од Вашингтон, за кој сметаат дека му користи само на Доналд Трамп, за неговата изборна кампања.

Овие кругови сметаат дека Белград непотребно, во невреме, има направено пресврт во својата геостратешка позиција – оддалечувајќи се од Кина, а посебно од Русија, за сметка на приближувањето до САД. Ладењето кон Москва, поради заобиколувањето на Русија при правењето на политичките „зделки“ во американскиот главен град – предизвика откажување на посетата на Владимир Путин на Белград.

Некои, сега, не веруваат ниту во вистинската причина за недоаѓањето и на Сергеј Лавров, најавена за овој викенд (велат бил во самоизолација поради коронавирусот), сметајќи дека само е најден изговор за да се прати уште една порака до Белград – за лутината на Русија.

„Погрешно имитирање на Тито“

Други пак се на мислење, дека сега е време Србија, конечно, да се определи што сака и каде сака да оди – на Исток, или пак, кон ЕУ и Западот, инсистирајќи дека повеќе не ќе може да се седи на „две столчиња“.

Дипломатски експерти сметаат дека официјален Белград мора да престане и натаму да го „имитира Тито“, односно тогашната неврзана надворешна политика, затоа што времето на поделена Европа и на поделениот свет е завршено пред повеќе од 30 години.

Погрешно е, затоа, сега да се копира титовото време, од титова Југославија. Наместо тоа треба да се стави јасно до знаење – и дома и во светот – каде оди Србија, сметаат овие експерти.

Според нив, не може да се зборува за ЕУ и за европски пат, а потоа да и се суди на Унијата, затоа што, доколку Белград е определен за ЕУ, тогаш нема да има друг приоритет. Тогаш не може Кина, или Русија да се ставаат пред Унијата, особено што Србија не е Југославија, преку која одеше границата на поделбата на Западот и Истокот.

Сега таа граница е далеку од српската територија – сега Украина е границата на Западот – проценуваат овие дипломатски експерти.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе