Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Ковид урива рекорди

Madeleine Steinbach/BigStock.com

Ковид урива рекорди

Во два дена, едно по друго, во изминатиот викенд, Светската здравствена организација (СЗО) почувствува потреба да предупредува на заканата од сегашнава, октомвриска, експлозија на пандемијата со коронавирусот, која (одново) урива рекорди.

Од ден, на ден бројот на новозаразените, во само 24 часови, постојано се зголемува и речиси, секаде ги надминува забележаните бројки од пролетоска.

Според соопштението на СЗО објавено во неделата, ден пред тоа, бил регистриран светски рекорд, кога станува збор за бројот на новозаразени лица и тоа трет ден по ред, што се означува како знак за тревога.

Посебно, во Европа, која како и во април и сега е изложена на најсилниот удар и одново не успева да се избори со најстрашниот вирус што во последните 100 години се има појавено на континентот.

Враќање на карантинот

Низа епидемиолози, СЗО, како и некои политичари во рамките на ОН, укажуваат на потребата од заедничка координација и усогласено дејствување во борбата со вирусот.

Засега, меѓутоа, веќе осум месеци не може да се издејствува.

Па, додека се чека на откривање на вакцината и на лекови против Ковид и се трага по начинот, како евентуално да се изведе една заедничка операција, секоја држава во Европа/ЕУ реагира онака како што налага ситуацијата на нејзината територија, иако при тоа, сите, посегаат по решенијата што веќе ги носеа во текот на март, април и мај.

Најмногу, со враќање на карантинот (овој пат) во помал обем и на помал простор, како и со воведување „полициски час“ во текот на ноќта – за да се блокира собирањето по куќите, организирањето забави и журки и за да се оправда затворањето на ноќните клубови и забраната за собирање на улично „дружење“.

Овие собирања и до сега беа меѓу забраните и меѓу работите кои ТРЕБАШЕ да се почитуваат, но не се почитуваа- речиси насекаде низ Европа – а тоа, според епидемиолозите, е една од главните причини за сегашната експлозија на вирусот, започната уште пред почетокот на сезонските грипови.

Шпанија: вонредна состојба до мај!

Шпанија засега отиде најдалеку, воведувајќи одново ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, што владата во Мадрид бара да трае во следните шест месеци, дополнета со ПОЛИЦИСКИ ЧАС на територијата на целата земја, од 23 часот ноќе, до 06 часот наутро. Од оваа мерка се исклучени Канарските острови.

Ваквата одлука на владата на премиерот Педро Санчез доаѓа во време кога земјата секојдневно бележи раст на новозаразените, што ја направи Шпанија, да биде првата земја во ЕУ која ја надмина бројката од над еден милион заразени од корона.

Тоа ја прави државата да изгледа како да се соочува со неконтролиран раст на новозаразените.

„Ситуацијата низ која минуваме е екстремна“ – рекол премиерот во обраќањето преку телевизија, забележувајќи дека воведување вонредна состојба, во овој момент, изгледа како најефикасно решение за блокирање на растот на заразените.

Засега, новите мерки ќе траат 15 денови, колку што дозволува Уставот, а потоа владата од Парламентот ќе побара вонредната состојба и полицискиот час да се продолжат во следните месеци, се до првата недела во мај 2021 година!

Најтешко во Франција

Франција со своите 52 илјади регистрирани новозаразени за 24 часови, како и пролетоска е со Шпанија најтешко погодена во ЕУ, иако засега, не се најавува копирање на шпанските мерки.

Владата во Париз уште пред тоа, воведе „ноќен карантин“ во францускиот главен град и уште во дете други поголеми градски центри и ги забрани сите побројни собирања, како и затворање на кафулиња, барови и ресторани. Но рекордите што ги бележи Франција во текот на изминатиот викенд, покажуваат дека ефектите од овие мерки не се чувствуваат.

Италија, каде кинескиот вирус најмногу удри на почетокот од пандемијата во март и април, а областа Ломбардија ја претвори во „европски Вухан“ есенва (засега) е зад случувањата во Шпанија и Франција.

И оваа земја бележи забрзан раст на новозаразени, со 22 илјади во еден ден и 128 починати пациенти, но засега владата на премиерот Џузепе Конте се определува на постепено заострување на веќе активираните мерки.

Ново е дека кафулиња, барови и ресторани ќе затвораат веќе во 18 часот, додека кината, теретаните и базените ќе бидат целосно затворени.

Словенија: забрането патување

На екс ЈУ просторот, на кој Македонија за прв пат, изминатиот викенд, забележа 22 починати, каде Црна Гора од „корона фри држава“ стана една од најтешко погодените на континентот, а БиХ бележи рекорди во бројките со дневно заразени лица и смртност каква немаше пролетоска, Словенија која во јуни прогласи дека го елиминирала вирусот (!) сега се најде во групата земји од ЕУ кои се најтешко погодени од вториот бран на вирусот.

Со заразеност од 626 лица на 100 илјади жители, оваа европска земја со население колку и во Македонија е при самиот врв во ЕУ/Европа. И тоа се случува во изминатите 14 денови.

Словенија има околу две илјади заразени за 24 часови, 18 починати во еден ден, и со процент на заразеност од 30 отсто од популацијата.

Владата во Љубљана, врз основа на планот за борба со пандемијата, затоа се одлучи да се врати на мерката што ја имаше употребено во април и мај – а, тоа е да го забрани движењето на Словенците од една општина во друга.

Односно, од вторник, луѓето не ќе може да ја напуштаат општината во која постојано живеат, што е ригорозна мерка, еднаква на шпанската, но за која велат дека била мошне благотворна при првиот бран од пандемијата.

„Заштита на јавното здравје“

Во Словенија од сабота има карантин, трговијата не работи, освен за храна и за основни потреби на граѓаните, нема бербери и фризери, одење во тератани и на базени, во кина и театри, а училиштата што беа отворени како во нормални услови, сега се префрлаат на интернет-настава.

Мерката за забрането движење меѓу словенечките општини се најде пред Уставниот суд, со образложение дека ги ограничува човековите слободи, но Судот ја отфрли претставката.

Според уставните судии „Нема ништо неуставно во одлуката на владата, затоа што станува збор за заштита на јавното здравје“.

Сепак, еднаш неделно, владата ќе треба да ја објасни ситуацијата со заразата за да оваа мерка се одржува подолго време.

Соседна Хрватска, исто така, бележи рекорди кога станува збор за новиозаразени и смртноста, па Штабот за борба со коронавирусот, кому за овие состојби, Парламентот (Саборот) му ги има пренесено сите свои овластување во борбата со вирусот, се определи за значително заострување на мерките кои досега беа во сила.

А, тоа значи, нема одржување никакви јавни настани, ниту собирање на повеќе од 50 лица.

Словачка: Останете дома

Свадбите ќе се сведат на 30 лица, колку и на погребите, а приватните собирања не смеат да се поголеми од 15 лица.

Сите спортски настани мора да бидат без публика, Забрането е точење алкохол после 22 часот, а маски се задолжителни на ОТВОРЕНО, ако не може да се одржува дистанца до два метри. Во затворено остануваат задолжителни.

Овие построги мерки, засега, се со рок од 14 денови.

Ширењето на заразата, есенва ја погоди многу потешко и Словачка, која затоа воведе ЗАБРАНА ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ од дома- освен за одење на работа, за продавници за храна и за потреби на луѓето и за до амбуланта.

За 24 часа, сега има и по три илјади заразени, па премиерот Игор Матович нареди карантин за целата земја, но и масовно тестирање за најголемиот број од населението, за да се има слика за тоа каква е вистинската состојба.

Борисов во карантин

Вонредни мерки воведува и Данска, исто така, со забрана точење алкохол во ноќните часови, со забрана собирање на јавни места и со ограничување на приватни забави со најмногу десет лица, колку што е определено и за јавни приредби.

Холандија која има десет илјади дневно заразени, што е десет пати повеќе од Данска, се определи за делумен карантин, од 14 октомври, како и со затворање на барови, ресторани и кафулиња.

Србија навести дека веќе следните денови очекува и по над илјада новозаразени во еден ден, додека Бугарија признава дека во моментот има над 18 илјада заразени. Меѓу нив е и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Тој се тестирал два пати и во двата случаи се покажало дека е позитивен на вирусот, па е ставен во карантин.

Во изолација од саботата е и претседателот на државата, веднаш штом се вратил од посетата на Естонија.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе