Полициски час во Париз
Француската влада воведе полициски час, или како тоа париските медиуми го нарекуваат – ноќен карантин – за девет поголеми градови во Франција, во обид да се запре ширењето на коронавирусот.
Полицискиот час ќе трае од 21 часот, до 05 наутро и ќе се применува во следните четири недели, почнувајќи од четврток вечерта, со можност, да се продолжи за уште две недели, доколку оваа мерка не ги даде посакуваните ефекти.
Покрај Париз и неговата околина, забрана за движење и излегување од дома, во текот на целата ноќ, е воведено и во Марсеј, потоа во Лил, на североистокот од земјата, како и во Сент Етијен, Руан, Тулуз, Гренобл и Монпеље.
Со полицискиот час ќе бидат опфатени околу 22 милиони жители на Франција, или точно една третина од вкупното население.
Нема ноќни забави и журки
Според епидемиолозите чие толкување го изнесе претседателот Емануел Макрон, во телевизиско обраќање, ваквата мерка ќе спречи работа на рестораните и другите објекти кои се отворени до доцна во ноќта, но и домашни посети, забави и дружења по куќите и становите, што често траат до раните утрински часови, а за кои се верува дека најмногу придонесуваат за раширувањето на заразата, во сегашниот втор бран на коронавирусот.
Владата одлучи и за воведување санитарно-здравствена вонредна ситуација што ќе почне да се применува од овој викенд.
Предвидени се казни од 135 евра, за прекршување на полицискиот час, но Макрон ги замоли Французите да ја почитуваат забраната за движење и излегување од дома, во текот на ноќните часови.
„Знам дека ова не е лесно. Разбирам дека станува збор за тешка мерка, но таа е неопходна во овие моменти и апелирам до вас- да ја почитувате“- рекол францускиот претседател.
Засега, училиштата на целата територија од земјата ќе останат отворени, а луѓето ќе може да патуваат од едно место во друго и ноќе, во деловите од Франција каде нема полициски час.
Непочитување на мерките за заштита
Франција, заедно со Шпанија и Велика Британија, се земјите со најголем раст на новозаразени лица во Европа.
Според првите проценки на европските и на германските експерти – главната причина за тоа е непочитување на основните мерки за заштита од страна на луѓето, по одлуката за олеснување на карантинот, на почетокот од летото.
Станува збор за неносењето маски на лицето и особено за непочитувањето на мерката за безбедносна дистанца од два метри, како и целосното игнорирање на сугестиите – да нема поголемо и помасовно собирање – надвор од домовите, но и дома, каде се верува дека има масовно дружење, правејќи забави и журки.
Во Франција, каде од август, бројот на заразените постојано се зголемува, во средата беа регистрирани 23 илјади новозаразени во само 24 часови.
Во Италија, која пролетоска беше најтешко погодена, па ја нарекуваа „европски Вухан“, по кинескиот град од каде тргна пандемијата, ситуацијата засега изгледа како да е под контрола, иако бројот на новозаразените постојано се зголемува, за да во средата достигне над седум илјади
Рекорди во Германија
Тоа е многу во однос на летните месеци, но е сепак, далеку под бројките во Франција, Шпанија и Британија. Расте бројот на позитивни лица и во Германија, па во четвртокот биле регистрирани над 6.600 новозаразени, што е најмногу во текот на еден ден, од почетокот на епидемијата!
Германските власти веднаш се определија за затворање на рестораните и баровите во 23 часот, а најавија дека ќе има карантин за секое место каде бројот на заразени на 100 илјади жители, ќе достигне број од 50 пациенти. Со новите мерки, забранети се и приватни собирања – тие не смеат да се организираат доколку на нив има повеќе од десет лица, од само две семејства.
Слична мерка има воведено и Холандија, како и Белгија. Белгиските власти предупредија на опасноста земјата, од средината на ноември, да остане без слободни кревети во болниците, додека во регионот на Каталонија, во Шпанија, која веќе неколку месеци се војува со вирусот, од четвртокот на полноќ, целосно се затворат сите ресторани и барови, во следните 15 денови.
Чешка најмногу погодена во ЕУ
Европа, уште пред да започне сезоната на „обичниот“ грип, е сериозно погодена од вториот бран на пандемијата, што трае веќе седум месеци.
Овој пат, вирусот многу потешко ги има зафатено и земјите од Источна Европа, како Чешка и Полска.
Владата во Прага одлучи да ги затвори училиштата кои штотуку почнаа со наставата и сите барови во земјата, затоа што оваа средноевропска земја, членка на ЕУ, сега е прогласена за најтешко погодена во Европа. Дури 581 лице е регистрирано како заразено на 100 илјади, што не е забележано во ниту една од друга земја на Унијата.
Во Полска, пак, во 24 часови – меѓу средата и четвртокот – има 116 починати од последиците на ковид, како и рекордни досега, повеќе од 6.600 новозаразени. Голема здравствена криза е регистрирана и во Русија- многу поголема отколку на почетокот на пандемијата и покрај силните мерки за блокирање на заразат.
Во само еден ден, Русија има регистрирано без малку 14 илјади новозаразени лица и 290 починати во 24 часови. Од почетокот на епидемијата, се заразени и заболени 1,4 милиони лица, или нешто над 10 отсто од населението, а 23.500 се починати.
Хрватска води во регионот
Во реонот на Балканот, а посебно на просторот на екс Југославија- во Хрватска продолжува да расте бројот на новозаразените.
Во четвртокот се регистрирани над 800 лица и десет починати за само 24 часови. Високи бројки, од над 700 заразени во еден ден, податоци какви немаше и во екот на најголемиот налет на вирусот во регионот, има и во Словенија.
Таму расте и бројот на починатите, што создава тревога во земјата која во еден момент се прогласи за „ослободена од короната“.
Раст на новозаразени од короната има и во Црна Гора, во БиХ и во Македонија, како и во Србија.
Во оваа земја, без некоја подлабока елаборација за причините, се најавува целосна забрана за организирање свадби и секакви прослави. Епидемиолозите во Белград сега признаваат дека од коронавирусот досега се заразени и заболени околу 20 отсто од вкупното население.
(С.С.Г.)