Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Коронавирусот против Трамп и Бајден

1photo/BigStock.com

Коронавирусот против Трамп и Бајден

На помалку од 30 денови до американските претседателски избори, тамошната јавност повеќе се занимаваат со коронавирусот и со епидемијата, со тоа дали треба, или не треба да се носат маски, отколку со тоа кој од кандидатите како е рангиран, а уште помалку со изборните теми и прашања околу кои би требало спорат – актуелниот претседател Доналд Трамп и противкандидатот, Џо Бајден.

На изборните прашања како да подзаборавија и медиумите и политичките аналитичари, што можеби и не треба да изненадува, затоа што пандемијата и на глобално ниво, никако не се смирува, а во САД таа и натаму бележи „црни“ рекорди – Америка е земја со далеку најмногу заразени во светот, како и со над 210 илјади починати лица.

„Запалена атмосфера“

Целата оваа атмосфера, меѓутоа, уште повеќе се „запали“ откако стана јасно дека претседателот на држава, каква што е САД, не успеа ниту тој, а ниту тие околу него – неговиот лекарски тим, пред се, да спречат коронавирусот да влезе во Белата куќа и потоа да се рашири во епидемија, со која се зафатени и шефот на државата и „правата дама“ на САД, но уште и десетина советници и соработници.

Врв на сето тоа, е итното префрлање на Трамп во воената болница во сојузната држава Мериленд и уште побрзото „заздравуање“ на претседателот и напуштање на болницата, откако самата Бела куќа, претходно, објави дека неговата здравствена состојба била посериозна отколку што тоа првично било јавено.

Таквата процедура која, колку што се знае, досега не беше употребена и против далеку п0ниско рангирани, обични луѓе низ Америка и светот, а не за претседателот на САД, предизвика бурна реакција – и таму и низ светот, отворајќи веднаш простор и за бројни шпекулации и теории на заговор.

Теории за заговор

Најмногу околу тоа, дека Трамп воопшто и не бил заразен, или дека ако и бил позитивен, имал сосема слаби симптоми и не бил заболен од Ковид.

Или, дека сето тоа драматично соопштување за заразувањето, па уште подрамaтичното префрлање во болница, било само добро смислено сценарио за финишот на претседателската кампања, за да се сврти расположението на гласачите (на негова страна), затоа што е јасно дека во овие моменти, Трамп не важи за фаворит.

Ваквите приказни се најбројни на социјалните мрежи, особено по кампањското шетање (во автомобил) околу болницата, само триесетина часови по приемот на болничко лекување и откако претседателот – после неполни три денови – објави дека е здрав!

Односно, како што рече – се чувствува помлад за 20 години и се враќа на работа, објавувајќи уште и дека ја продолжува предизборната кампања.

Атмосферата на недоверба кон шефот на државата, за тоа дали е болен, или здрав, затоа што никако не може толку брзо да биде излекуван и тоа непосредно пред изборите (веќе гласале четири милиони Американци, преку пошта) – меѓутоа, силно ја потхрануваат и лекарите околу него.

Билтени без објаснување

Неговиот главен лекар, др. Шон Конли, одново ја има изненадено домашната јавност, кога во средата, извештајот за состојбата со Трамп го започнал со зборовите – „Претседателот утринава рече дека се чувствува добро“!

А, потоа, самиот да објасни дека неговиот „пациент“ нема треска веќе четири денови, како и дека во последните 24 часови ги немал ни симптомите на болеста.

Ништо Конли нема речено за тоа дека Трамп, ако бил и лесно заразен, треба да остане во изолација и карантин.
Да не се појавува во јавноста, ниту да биде блиску до здравите членови на неговата администрација, затоа што, како што тврдат епидемиолозите тој е заразен и сега, надвор од болницата, ја шири заразата.

Наместо тоа, се најавува дека претседателот ќе се појави и во следната ТВ дебата (во Флорида на 15 октомври), што за лекарите надвор од неговиот здравствен тим е апсурдно решение и опасно- како за него, како заболен човек, така и за сите другите.

Најгруба кампања досега

Во ова меѓувреме, Трамп прво демонстративно ја тргна маската од лицето, веднаш штом се врати во Белата куќа, од болницата и (од својата канцеларија) ја продолжи жестоката, а Американците велат, најгрубата досега изборна кампања во историјата на САД.

Тој продолжува да го напаѓа и да го дисквалификува Бајден – кого го нарече глупав човек – со ниска интелигенција, која медиумите намерно ја прикривале, правејќи вести само за коронавирусот!?

Вината за тоа што се продолжува со информирањето за пандемијата, Трамп им ја припишува на најугледните медиуми во САД, кои од почетокот на својот мандат ги означува како создавачи на „лажни вести“, само затоа што не ја одобруваат неговата внатрешна, конзервативна и популистичка политика со која успеа да ја подели Америка – идеолошки, расно и социјално.

Претседателот, на пример, наеднаш одлучи да се прекинат меѓупартиските преговори околу доделувањето економска помош, поради пандемијата, а потоа продолжи да праќа контроверзни пораки во неговиот добро познат стил за минимизирање на коронавирусот.

Пред се, со тоа дека во САД, секоја година, од „обичен“ грип умираат луѓе, дури и повеќе отколку од короната.

Бајден го зголемува водството

Ваквото однесување на Трамп, неговото, како што се нарекува арогантно инаетење, со епидемиолозите кои се спротивставуваат на неговото потценување на вирусот, предизвика тој да ги губи позициите во домашната јавност.
Доколку сега би се одржало гласањето, актуелниот претседател би добил 41 отсто од гласовите, додека неговиот политички противник би освои 57 отсто.

Тоа, сепак, се уште не значи дека изборите се решение.

Но, според низа аналитичари, факт е дека се повеќе американски гласачи се согласуваат оти не би можеле да му дадат доверба на човек кој целосно игнорира една ситуација, од која САД не може да се извлечат веќе седум месеци.

Голема гласност во јавноста, затоа, доби изјавата на Мишел Обама, поранешната „прва дама“ на САД, која ги повика Американците да гласаат за Бајден, како од тоа да им зависи животот.

Според неа, Трамп веќе седум месеци „продолжува да нема никаков план за вирусот“, обвинувајќи го дека исто толку време ја игнорира епидемијата и не носи маска, со што само ги охрабрува и другите да го следат неговото однесување.

„А, една толку едноставна работа, како ставањето маска на лицето, може да спаси бројни човечки живото“ – има речено Мишел Обама.

Прашања без одговор

Лекарите и здравствените експерти, од друга страна, продолжуваат со стручното анализирање на здравствената ситуација околу претседателот.

Тие сметаат дека (ако бил болен) тогаш многу рано е отпуштен од болница.

Дури и оние од воената болница, каде беше три денови, кои се согласиле претседателот да се врати во Белата куќа, имаат речено дека – можеби тој и не е сосема здрав“!

Независни здравствени експерти, сметаат дека јавноста мора да знае барем три основни работи.

Пред се, колку бил заболен претседателот. потоа, дали сметаат дека три денови во болница биле доволни и конечно – дали (лекарите) се свесни дека со одлуката да го пуштат од болниците, преземаат на себе голем ризик – како околу здравјето на Трамп, кое би можело нагло да се искомпликува, така и за сите околу него – да се заразат.

Овие прашања уште повеќе стануваат важни, откако се разбра дека претседателот им забранил на лекарите од болницата да ги објават наодите од снимките на неговите бели дробови – виталните органи во телото врз кои се нафрла коронавирусот.

Неизвесна дебата

Демократскиот кандидат Џо Бајден, во изјава за Ен-Би-Си има изјавено дека е „добро, ако претседателот заздравува“.

Според него, после ова искуство, претседателот ќе може на Американците да им ја открие вистината за вирусот и за болеста. Освен тоа, тој сега би требало да им покаже дека треба да се носат заштитни маски.

Околу ова се зборува и во врска со следната ТВ дебата, овој пат во Мајами, во сојузната држава Флорида. Бајден рекол дека е спремен за нова дебата, која сега треба да се одвива во поинакви услови.

Ништо, меѓутоа, засега не е јасно. Трамп продолжува, демонстративно, да не носи маска. Претходно се закануваше дека ќе има дебата, но без нови правила, а од неговиот штаб не откриваат дали дебатата воопшто ќе ја има.

Бајден, пак, во разговорот останал на својата позиција – дека се погрешни изјавите што ги дава претседателот околу тоа дека луѓето не треба да се грижат за короната.

„Не може да се негира, или да се омаловажува заканата од она што предизвика смрт на над 210 илјади луѓе во Америка“ рекол Џо Бајден.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе