Драч ги скара Тирана и Белград
Заедничката седница на владите на Република Албанија и Република Косово, во Тирана, на која албанскиот премиер Еди Рама има речено дека „Драч (Дуреш) ќе биде и косовско пристаниште“ – предизвика размена на жестоки соопштенија, твитер изјави и прес конференции. Во албанскиот главен град, во Приштина, како и во Белград, каде преку напишана порака, се огласи (се уште актуелниот) српски министер за одбрана.
Рама дури побара од српскиот претседател Александар Вучиќ да се огради од министерот (Александар Вулин) и да го прекори за навредливата реторика – и кон премиерот на соседната земја и кон Албанците воопшто.
„Ништо не се менува“
Во Приштина, актуелниот претседател Хашим Тачи изјавата на српскиот министер ја означи како „доказ дека во Србија ништо не се менува“.
Според него, изјавите на Вулин, но и на Ивица Дачиќ, во кои ги навредуваат албанските жртви од војната на Косово, во времето на режимот на Слободан Милошевиќ, покажуваат дека Србија не ја сменила својата, како што рекол, фашистичка политика.
Таквите изјави, смета Тачи, му наштетуваат на дијалогот Приштина-Белград и ги поткопуваат настојувањата за измирување.
Во реакцијата на претседателката на косовскиот Парламент Вјоса Османи се бара од владата на Косово повеќе да не преговара со министри (каков што е Дачиќ), а со протестна изјава се има огласено и владата во Приштина.
А, Вулин, за кого во Белград се смета дека нема да остана во новата влада на мандаторот Ана Брнабиќ , ја предизвика целата нервоза, откако грубо се има нафрлено врз албанскиот премиер, критикувајќи ја изјавата околу албанското пристаниште Дуреш (Драч).
Во своето соопштение, направено во стилот на реториката од времето на Милошевиќ, што инаку е ставено на страницата на министерство за одбрана на Република Србија, тој уште Албанците ги ословува и како „Шиптари“.
Голема Албанија и Обединети Срби
Ми се згадува од човекот (Рама) кој создава „Голема Албанија“, а во исто време зборува за мир-
…рекол Александар Вулин, во својот веќе добро познат, кавгаџиски стил, што го користи кога треба да се пресметнува со политичарите, од српското соседство, сите од поранешната ЈУ федерација и од Албанија.
Овој (се уште) висок српски функционер, го обвинува албанскиот премиер дека (наводно) заговара и создава „Голема Албанија“, но при тоа, му порачува дека ваквиот „ проект“ – ќе „може да го спречат само Обединетите Срби“!
Патем, во сличен стил тој се има нафрлено и врз еден хрватски министер, а така реагираше и по изјавата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, откако во интервју за еден белградски весник, тој се спротивстави на идејата (од Белград) за поделба на косовската територија, како решение за ситуацијата на Косово.
Колку за потсетување, Вулин е човек кој е изграден и излезен од времето на Милошевиќ, тогаш како млад политичар, понесен од идеологијата и политиката на партијата ЈУЛ, на сопругата на тогашниот српски „вожд“, Мира Марковиќ.
Рама: Мислев дека е шега
Ивица Дачиќ е од сличната матрица и од истото време. За него се уште не се знае дали ќе остане министер за надворешни работи и дали неговата СПС (Социјалистичка партија на Србија), од времето на Милошевиќ, ќе остана коалициски партнер на владејачката СНС, иако важи за најблизок до Москва. Но, тој и натаму продолжува со сличната реторика да му создава непријатели на Белград во регионот. Сега , го обвинуваат дека ги омаловажувал косовските (цивилни) жртви.
Во интервју за српската националистичка телевизија Хепи, мошне блиска до власта, Дачиќ меѓу другото рекол – „Има Срби кои им откриваат на Албанците и на Хрватите „разни глупости“ за тоа каде биле (тајно) погребувани Албанци (по косовската војна) низ територијата на Србија“. Тој обвинил и луѓе од српското Обвинителство за воени злосторства, дека „соработуваат со Албанците“.
После сето ова, албанскиот премиер, во една бурна изјава во Тирана, реагирал за зборовите на српскиот министер за одбрана Вулин, велејќи дека „му се згадило“ од она што го слушнал.
„Си помислив, прво, дека изјавата е шега, или дека е извлечена од контекст. Помислив дека не е можно, еден член на влада, во 202о година, да има толку раскалашена уста и толку помрачен ум“, но излезе дека се е така како што е речено и напишано – рекол Рама во изјава што ја пренесуваат тамошните медиуми.
Драч е албанско пристаниште
Во таа прилика тој потсетил и дека токму воените сили на режимот на Милошевиќ, имаат спроведувано етничко чистење (на Косово) и дека со помош на српските тенкови, е создавана етнички чиста територија, а дека виновниците за тоа и натаму се кријат и живеат во Белград.
И, конечно, прашањето за Драч. Според објаснувањето на албанскиот премиер, дадено во интервју за една косовска телевизија, излегува дека тоа е сосема погрешно интерпретирано.
За Рама, Дуреш (Драч) е во Албанија и е албанско, а не српско пристаниште. Тоа значи дека може да биде користено и од косовското стопанство и за косовските потреби. Но, дека тоа веднаш не значи и еднострано тргање на границата меѓу Албанија и Косово.
Одговарајќи им, притоа, и на косовските тврди националистички политички кругови, како и на оние во Тирана, албанскиот премиер има речено дека кога се зборува за тргање на граничните бариери, тоа не може да се направи, еднострано и без еден регионален договор.
Прво, затоа што, без таков договор, тоа веднаш би се протолкувало како создавање на „Голема Албанија“, а второ, затоа што ќе се спротивстават ЕУ и САД, како и Белград.
Балкански мини-Шенген
„Едноставно , не може, туку така да се тргне граничната бариера. Никако без еден регионален договор.
Но, има луѓе кои не сакаат да разберат едноставна работа, а тоа е дека тргањето на трговските бариери, слободното движење на стоки и на луѓе, како и албанско-косовското поврзување, се дел од балканскиот мини-Шенген, а токму тоа е составен дел од она што се нарекува „историски договор“ од Вашингтон, потпишан во Белата куќа“ – рекол премиерот Еди Рама.
Пораката од Тирана е дека станува збор за процес кој , доколку се направи да функционира како регионален и за него сите се договорат, ќе може тогаш да се зборува и за билатералното спогодување, во правењето поцврсти контакти.
На таа линија, во Тирана, после сите овие кавги и по размена на навредувања, во понеделникот, Рама разговарал и со претседателот на Стопанската комора на Србија.
Не е јасно зашто за реализацијата на мини-Шенгенот, се разговарало токму сега, во една ваква атмосфера. Уште повеќе што нема влада во Србија. И, конечно, зашто гостинот имал толку висок третман, па бил на средба со албанскиот премиер.
Во Белград за тоа не се зборува. Но, во „белиот свет“, оној надвор од Балканот, после ваквата нервоза во соседската комуникација, би било нормално, првиот човек на српската комора да пренесе порака од Белград, а потоа и да однесе друга, од Тирана за белградското државно раководство.
(Д.Б.)