Западнобалкански избори во Америка
На четириесетина денови пред претседателските избори во САД, кампањата се повеќе наликува на западнобалканска, отколку на американска! И тонот на таквата атмосфера, ја дава токму актуелниот претседател, а не неговиот противкандидат, што би изгледало поразбирливо, барем за гласачите на Балканот.
Изненадувањето (ако тоа воопшто е изненадување, кога е Доналд Трамп во прашање), потекнува од долга и демократска традиција на американските избори – да бидат фер и да протекуваат во ред, дури и во вонредни ситуации- како изборите што беа одржани во текот на Втората светска војна, на пример.
Претседателот и неговата администрација, кога, како оваа година, се во трка по вториот мандат, редовно се мирни во кампањата, тргнувајќи од тоа дека за изборите се подготвувале, практично, од првото влегување во Белата куќа, но и затоа што обично, се во предност и важат за фаворити, во однос на противкандидатот.
Особено кога зад себе, од првите четири години на власт, имаат создадено политички капитал за да се појават пред гласачите. Обично го имале досега.
Грешката на Трамп
Го имаше дури и еден Ричард Никсон, пред да ја направи својата катастрофална грешка – самиот предизвикувајќи ја аферата Вотергејт. Во предност беше и Роналд Реган, пред вториот мандат, како и Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, пред нивниот реизбор за претседатели на САД.
Од таму доаѓа и впечатокот дека американската изборна кампања наликува на западнобалканска, иако тоа изгледа како нешто неверојатно, па дури и претерано. Едноставно, сегашниот претседател нема таква предност и тој го знае тоа.
Па, онаков каков што е според својот карактер и онака како што ја водеше својата администрација и државата, уште од самиот почеток, влезе прв во кампањата уште минатото лето, што обично никогаш не го прават оние кои се во Белата куќа.
Уште тогаш покажа нервоза и несигурност, како и неверување во себе, иако во тој момент неговите позиции кај гласачите (не само кај оние, неговите од крајната десница и од конзервативниот табор) беа сигурни и стабилни.
Потфрлање со пандемијата
И тогаш (иако не и прв пат) погреши. Отвори груба офанзива против Џо Бајден кој тогаш не беше ниту фаворит за номинација кај демократите, предизвикувајќи самиот афера против себе, затоа што во кампањата за изборите вовлече и странски државник, што е противзаконски.
Го вовлече украинскиот претседател, барајќи да му помогне во клеветењето на Бајден (и неговиот син), практично уценувајќи го со испорака на американската воена помош. За тоа заработи постапка за отповикување (импичмент), а го спасија неговите (републикански) сенатори во Сенатот кои гласајќи партиски, спречија Трамп да биде првиот претседател што бил набркан од Белата куќа.
На негативното конто, потоа, се навлече кризата околу пандемијата со коронавирусот, неснаоѓањето и над се неподготвеноста на една земја каква е САД, со уреден, богат и развиен здравствен систем, што целосно потфрли на стартот од епидемијата.
Уште повеќе, со контроверзните изјави на претседателот околу тоа дека вирусот не е пострашен од еден грип, па потоа со вината за Кина и неверувањето во експертите, инаетењето со маските за лице и делењето „стручни“ совети – какви лекови да се користат – за да сето тоа заврши со признанието дека цело време сокривал од Американците дека вирусот е смртоносен.
Остро противење за гласање по пошта
Сето тоа само ја покажува колкава е голема неговата суета и навиката (како бизнисмен) дека се што мисли и зборува треба да се прифати како вистина и дека според неа треба и да се постапува.
Меѓутоа, изјавите дадени во изминатата недела, во типичен западнобалкански стил кои ја шокираа демократска Америка, покажуваат дека за Трамп и коронавирусот беше дел од кампањата, за што тој ја врзува и својата политичка иднина, па затоа сега настојува, по секоја цена да се забрани, или некако да се спречи гласање по пошта.
Станува збор за одомаќена пракса во Америка (се смета за големо постигнување на демократијата), за која ни тој самиот не се противеше за изборите во 2016 година, кога победи, но која сега ја смета за наводно големо „зло“ што е уперено само против него!
А, така мисли затоа што повеќето сојузни држави најавија дека ќе го интензивираат, а некои и дека ќе ги насочат гласачите тоа да биде и единствен начин за гласање, само поради раширената пандемија со короната, која никако не се смирува, а која досега мошне скапо ја чини Америка – според бројот на заразените и на починатите.
Трамп едно време ова лето сугерираше дури и одлагање на изборниот процес, за следната година, што беше остро отфрлено и од неговите републиканци.
Сега, пак, раширениот Ковид и определбата за широко користење на гласање по пошта- за да се спречи експлозија на пандемијата – го користи како орудие во кампањата изразувајќи сомнежи во изборните резултати.
Претседателот не прифаќа пораз!
Ова до сега во САД го нема направено ниту еден претседателски кандидат, меѓутоа Доналд Трамп, прво (уште еднаш) одби да потврди дека е подготвен за мирна, демократска транзиција на власта, доколку загуби на изборите.
Претходно, тој веќе има речено и дека нема да ги признае изборните резултати (ако не победи), што исклучително многу потсетува на мангуплаците и на валканите игри на западнобалкански политичари, пред изборите – без разлика какви се нивните изборни шанси.
Тоа го имаше на неодамнешните избори во Црна Гора. Таквите предупредувања, кои всушност се намерно предизвикување недоверба и дезориентација на гласачите се јавуваа и текот на јунските избори во Србија.
Сето тоа редовно го прават и македонските, крајно-десничарски, вмровски функционери и нивните активисти на теренот. Го имаше и пред и за време на јулските парламентарни избори, иако токму ова недемократско партиско друштво, редовно го прекршуваат изборниот процес.
Едно време со лажни гласачи и илегално делење лични карти на луѓе од соседството – за ситни пари, а овој пат со доведување на луѓето, насила, на избирачките места – да гласаат за нив. И, пак, по изборите на кои одново загубија – се изразуваат добро познатите дисквалификации – дека легално избраната власт била „ненародна“.
Вчудоневиденост кај гласачите
Македонски иселеници во САД во изјави за Скопје/Глобал потврдија дека она што сега се случува во нивната нова земја, на моменти, толку многу потсетува на „старата татковина“.
Тоа го зборуваат и оние кои, инаку, гласаат за републиканците, велејќи дека она што го зборува Трамп е „просто неверојатно да се слушне од еден претседател на САД“ и дека повеќе наликува на Русија, или на Белорусија, отколку на Америка.
„Апсурдно е овде (во САД) да се чуе дека актуелниот претседател нема да го признае (евентуалниот) пораз и со таквите пораки, да ги повикува гласачите да гласаат за него“ вели за нашиот портал еден етнички Македонец кој подолго време живее и работи во САД.
Според овој наш извор- излегува дека Трамп ако загуби ќе прави некаков пуч (!?) како оној македонскиот од април 2017 година. Овој извор се прашува – дали претседателот сака да остане во Белата куќа по секоја цена – откако изјави дека „изборите може да се случи и да не завршат на 3 ноември, па разврската да се бара пред Врховниот суд, откако претседателот ќе се жали за, наводно, нелегалните изборни резултати.
Бајден: Во која држава се наоѓам
„Прво ќе мора да видиме што ќе се случи на изборите“- рече Трамп минатата недела, оставајќи ја во шок демократска Америка, продолжувајќи притоа да зборува – без никакви докази- во нам овде, познатиот стил на домашната опозиција – дека на 3 ноември „се подготвува една масовна избирачка измама, со 10 милиони гласови“!
Неговите критичари, не само од таборот на демократите, жестоко се нафрлија на ваквите коментари на демократски избраниот претседател кој по секоја цена сака да остане уште еден мандат на власт.
На изјавата дека ако не се тргне гласањето по пошта, нема да има пренос на власта и НИЕ ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ да функционираме, кандидатот на американските демократи рекол дека „прв пат останал без зборови“.
„Што да се рече на ова. Па, каде тоа се наоѓам, во која тоа држава. Видете, тој човек зборува крајно ирационални работи“ изјавил Џо Бајден во Денвер, во сојузната држава Колорадо.
Во стилот на авторитарните режими
Сличен е и коментарот на републиканскиот сенатор Мит Ромни кој на „својот“ претседател му порачал – Основата на демократијата е мирното пренесување на власта. Без тоа, САД стануваат Белорусија, а секој обид да не се почитува оваа уставна гаранција, е нешто што не можам да го замислам, но е крајно неприфатливо – рекол овој сенатор од Јута.
Конгресменот Адам Шифт, претседател на Одборот за разузнавање во Конгресот, има речено дека најстрашното е што „она што Трамп го зборува, тоа и го мисли“.
Овој конгресмен побарал од целата администрација да си поднесе оставка- во знак на протест, поради навестувањата дека нивниот претседател е спремен да го гази и Уставот, за остане на власт во Белата куќа.
Во секој случај, она што се случува во САД е загрижувачко, не само за Американците и нивната демократија, која беше столбот за целата демократија во светот – пример за углед и за подучување.
Сега, со еден ваков претседател кој на сите страни се расправа со своите политички противници и се заканува во стилот на лидерите на авторитарните режими во Европа и во светот, ултра-десничарите добиваат сила. Затоа не е случајно што Доналд Трамп, онаков каков што е, стана идол на ултрашите на Западен Балкан и на неговото најблиско соседство.
(С.С.Г)