„СПЦ е инструмент на српскиот национализам и на Русија“
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ изјави дека Српската православна црква (СПЦ) е инструмент на големосрпскиот национализам и на руските интереси на Балканот и дека пример за тоа се последните црногорски случувања.
Во интервју за загрепски „Јутарњи лист“, Ѓукановиќ рекол дека „СПЦ беше непримерно, директно вклучена во изборите во Црна Гора. И тоа како политички актер“.
„Српската црква е во континуитет инструмент на големосрпскиот национализам, како и на руските империјални интереси на Балканот. Овој пат, СПЦ работеше (на тој план) сосема отворено” – рекол црногорскиот претседател.
Црна Гора пред политичка криза
Тој тврди дека сето тоа го има потврдено еден од гласноговорниците на СПЦ, признавајќи ја политичката активност на црквата, на тој начин што по изборите има речено дека таа ќе се повлече од политиката.
„Но, тоа не им се допадна на врвовите на СПЦ, па тие одлучија кој ќе биде носител на таа и таква политика, што инаку го има признаено и мандатарот Здравко Кривокапиќ“ – рекол Ѓукановиќ за весникот, инсистирајќи при тоа дека Црна Гора мора да остане граѓанска и секуларна држава, со демократија и европски вредности.
По изборите и неуспехот на неговата Демократска партија на социјалистите да освои поуверлива победа, за да формира влада, Црна Гора се соочува со политичка криза и кохабитација.
Но, новоформираната владејачка коалиција, иако идеолошки и политички „шарена“ – навестува дека наместо кохабитирање со, се уште актуелниот претседател, би сакала да се пресмета со него и да го тргне од функцијата.
Ѓукановиќ, меѓутоа, смета дека земјата може да ја издржи сегашната ситуација. Според него, по 30 години на власт, позицијата треба да учи да дејствува како опозиција, а опозицијата која никогаш не била власт, сега треба да покаже дека умее така да се однесува и да дејствува.
Тој не ја прифаќа тезата дека на изборите, минатиот месец, се бранале државата Црна Гора.
Белград бара компензација за Косово?
За загрепскиот весник рекол дека црногорската државност е одредена пред 14 години, но дека ако некој од внатре, или од надвор, смета дека промената на власта треба да значи и загрозување на државата, тогаш таа ќе биде бранета онака како што била бранета со векови.
Црногорскиот претседател предупредува дека сите големосрпски интереси „не се до крајот одсонувани“ и тоа го објаснува со отсуството на било каков демант од Белград.
Во тек е процесот за влез на Косово во ОН, па оние кои негуваат големосрпски амбиции, може да побараат компензација за Косово – пред се, во Република Српска и во Црна Гора. А, такви илузии постојат.
Конечно, Србија му дава логистика на големосрпскиот национализам кон Црна Гора. Таму постојано зборуваат за загрозени права на српското малцинство во регионот – рекол за „Јутарњи лист“, Мило Ѓукановиќ.