Израелците го признаа Косово на 4 септември
„Околу прашањето (што се уште се поставува во Србија) дали Израел (навистина) го има признаено независно Косово, нема никаква дилема. Ние го признавме уште на 4 септември” изјави во Белград, новиот израелски амбасадор Јахел Вилан.
Во интервју за една белградска телевизија, Јахел рекол дека „она што сега треба да направат Ерусалим и Белград е да не се случи, тоа (признавањето) негативно да влијае врз односите меѓу Израел и Република Србија“.
Амбасадорот Јахел, притоа, инсистира дека Израел нема ништо потпишано во Вашингтон.
Суверено решение на Ерусалим
„Ние не бевме дел од тој Самит (Трамп-Вучиќ-Хоти). Постои спогодба потпишана меѓу американскиот претседател и косовскиот премиер. Нашиот премиер (Бенјамин Нетанијаху) само го има поздравено меѓусебното признавање што го направија Израел и Косово“ рекол амбасадорот.
Тој сега открива дека на средбата што ја имал со српскиот претседател, при предавањето на акредитивните писма, Вучиќ не бил задоволен од таквото израелско решение и тој не го подржува признавањето.
„Но, Израел е суверена држава и признавањето на Косово како независна држава е наша одлука. За тоа нема никаква спогодба и тоа не е нешто што претседателот на Србија може (сега) да го измени”!
-Вилан уверува дека она што сега треба да се направи е да се работи на унапредувањето на израелско-српските односи, а не да се занимаваме со она што е веќе направено, мислејќи при тоа на косовското признавање.
„Тоа е веќе направено и е завршена работа“ – рекол амбасадорот на Израел.
„Храбра одлука на Белград“
Од друга страна, тој ја поздравува како храбра „одлуката на Белград да ја пресели српската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и на тој начин Република Србија да биде првата држава од Европа што тоа го има направено“.
За Вилан тоа, сепак, и „не е некоја голема вест“, затоа што е нормално една странска земја да отвори амбасада во главниот град на државата каде се наоѓа нејзината дипломатска мисија.
„Па, Ерусалим е нашиот главен град. Можеме да зборуваме за тоа, за кои делови од градот станува збор, но Ерусалим е нашата престолнина“ – порачал амбасадорот.
Јахел Вилан уште има речено дека сега во Србија и во тамошната јавност не би требало да се зборува (и очекува) – што тоа Израел ќе треба да даде- за возврат. Она на што работи израелската влада е прашањето на кој начин да го потпомогне развојот на Република Србија – изјавил амбасадорот.
(Д.Б.)