Лондон со обвинување за руската тајна служба
Официјален Лондон бара од Москва да одговори на сите прашања што произлегуваат од нападот врз рускиот опозиционер Алексеј Навални и посебно за користењето на нервниот агенс Новичок, при обидот тој да биде убиен.
Во Британија се убедени дека зад нападот стојат припадници на руската разузнавачка агенција. Ваквото уверување во Лондон се заснова врз претходните два слични напади.
Литвиненко и Скрипал
Првиот, при убиството на дисидентот и поранешен руски разузнавач Александар Литвиненко, во есента 2006 година, кој беше убиен во британскиот главен град, со отровниот радиоактивен изотоп Полониум 210.
Вториот, изведен во англискиот град Солзбери, врз поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал кој сега живее во Британија, со агенсот Новичок.
Скрипал и неговата ќерка, која исто така беше нападната, го преживеаја нападот, но настрада една Англичанка, жителка на Солзбери.
Таа се попрскала со нервниот агенс, ставен во шишенце од женски парфем, кое нејзиниот партнер го нашол фрлено во градскиот парк и го однел дома. И тој беше затруен, но остана жив, со трајни последици по неговото здравје.
Во двата случаи, истргата што ја спроведе британскиот Скотланд Јард покажа дека зад нападите стојат припадници на тајната служба на Русија.
Напад со хемиско оружје
Во случајот на Скрипал тројката за ликвидација беа уловени на уличните безбедносни камери, додека забрзано заминуваат од Солзбери.
За убиството на Литвиненко беше подигнато и формално обвинување против еден поранеше припадник на тајната служба кој работел порано со убиениот, затоа што тој и уште други двајца беа последните што се сретнале со Литвиненко, во едно лондонско хотелско кафуле, по што Русинот падна тешко болен.
Во изјава во Вашингтон, по средбата со американскиот државен секретар, шефот на британскиот Форин Офис, Доминик Раб побара од руската влада да го објасни целиот случај, околу нападот на Навални.
Според Раб, апсолутно е недозволиво и неодржливо за да се толерира- еден политички противник да се нападне со хемиско оружје за масовно уништување, за каков се смета Новичок.
Лекување во Берлин
Британската страна смета дека не може да има никаков друг заклучок кој стои зад нападот и кој би можел да го изврши, затоа што овој нервен агенс, произведен во седумдесеттите години на 20 век, во тогашниот СССР може да го поседува и да го користи само државата и нејзини оперативци.
Навални, како и Скрипал го преживеа нападот и тој во вторникот за прв пат станал од болничкиот кревет, во болницата во Берлин, каде беше префрлен со одобрување на руските власти.
Претходно Навални беше итно префрлен во болницата во градот Омск во Русија, каде беше сместен откако нагло му се слошило за време на авионскиот лет од сибирскиот град Томск до Москва.
Навални сака дома
Лекарите во болницата во Омск манипулираа со лабораториските наоди за тоа што е причината за „болеста“ на Навални, но Кремљ, сепак, дозволи најостриот критичар на рускиот претседател да се префрли на лекување во Германија.
Две германски и уште две други, странски лаборатории потврдија дека Навални бил затруен со Новичок, ставен во чајот што го испил на аеродромот во Томск – единственото нешто што го има примено како течност или храна, пред да му се слоши.
Москва продолжува да ги отфрла сите обвинувања дека е замешана во нападот.
Русија инсистира дека сите залихи на Новичок биле уништени и дека нема залихи од ова хемиско оружје. Навални, пак, кој има изјавено дека сега одново може да диши без машините, соопшти дека по целосното опоравување, сака да се врати во Русија.
(Д.Л.)