Ново судење на британската Иранка?
Назарин Загари-Ратклиф, Британка со иранско потекло, мажена за Британец со кого има и дете во Велика Британија, која веќе неколку години е во затвор во Техеран, обвинета за наводно „шпионирање“, се соочува со ново обвинување и ново судење – јавуваат западните агенции, повикувајќи се на нејзиниот ирански адвокат.
Тој бил повикан за нејзиниот случај во локалното обвинителство, што значи дека многу брзо Загари-Ратклиф би можела уште еднаш да се појави на суд. Засега не е познато кое би било новото обвинување, кога таа веќе ја има издржано најголем дел од првичната затворска казна.
Случај Загари-Ратклиф
Сето тоа се случува во моментите кога се очекуваше да биде ослободена и од домашниот притвор (кај своите родители, во иранскиот главен град) , откако пролетва беше пуштена од затворот, заедно со уште неколку десетици илјади други затворенци, во екот на пандемијата со корона вирусот, што тешко го погоди Иран.
„Случајот Загари-Ратклиф“ потекнува уште од април 2016 година, кога на техеранскиот аеродром, додека се подготвуваше да влезе во авионот со кој требаше да се врати дома, во Лондон. Во Иран таа престојувала во посета на нејзините родители, но иранските власти ја обвиниле за „ шпионирање“ и за навдоно подготвување заговор за соборување на исламската власт во земјата.
Сето тоа околу нејзиното апсење, обвинувањето и осудувањето на пет години затвор, уште од самиот почеток е крајно сомнително.
Прво, таа во Британија работи во хуманитарната фондацијата на агенцијата Томпсон/Ројтерс и второ, доколку била навистина шпионка, а властите имале сознанија дека таа прави заговор против државата, би била осудена смрт и многу брзо егзекутирана, како што тоа во Иран досега се случувало со осуденици за шпионажа.
Парите на шахот Пахлави
Наместо тоа, таа во време кога властите ги ослободија затворениците за да не дојде до ерупција на епидемијата со корона во Иран и уште поголема смртност, ја пуштија и неа, определувајќи да биде кај родителите со електронска белегзија на ногата, за контролирање на нејзиното движење. Сега, меѓутоа, би можела да биде вратена во затвор, отако одново ќе се појави пред локалниот револуционионерен суд, што ја судење и првиот пат, во 2017 година.
Новото судење би се случувало во време кога Лондон и Техеран преговараат за ослободување на блокираните 400 милиони фунти, ирански пари, што Британците ги имаат задрено повеќе од 40 години.
Станува збор за уплатата што ја има извршено уште владата на иранскиот шах Мохамед Риза Пахлави за купување на британски тенкови, што Британија никогаш ги нема испорачано, а по соборувањето на шахот и победата на исламската револуција, во 1979 година, со која исламистичкиот клер ја презеде контролата врз државата, парите останаа во Лондон, целосно блокирани.
Техеран сака пазарење?
И двете страни веќе демантираа дека има врска меѓу „ случајот Загари-Ратклиф“ со преговорите за враќање на парите, кои Иранците ги бараат со пресметување и на камата.
Но, британските медиуми потсетуваат на еден сличен случај од 2016 година, кога еден Американец беше ослободен од натамошно издржување на затворската казна во Иран, откако САД се согласија да деблокираат задржани ирански пари, од времето на шахот.
Најавата дека британската Иранка би можела да се врати во затвор, кога се мислеше дека ќе се врати кај својот сопруг и ќерката во Британија, предизвика гневна реакција на сите кои со години водат битка таа да биде ослободена, затоа што е целосно невина за она за што лежи во затвор.
Во Велика Британија се признава правото на двојно државјанство-иранско и британско – но, не и во Иран. за тамошните власти таа е само државјанка на Иран.