Трамп намерно го потценувал коронавирусот
Американскиот претседател Доналд Трамп, од самиот почеток на избувнувањето на пандемијата, уште на почетокот од февруари, добро знаел за смртоносниот коронавирус, но намерно ја обманувал јавноста во Америка, одлучувајќи да ја потценува заканата од Ковид-19, пишува Боб Вудворд во својата најнова книга, направена врз основа на снимените разговори што авторот ги водел со претседателот на САД.
Вкупно 18 разговори-интервјуа биле направени во периодот меѓу декември 2019 и јули 2020 година. Сите тие сега се основата за книгата на Вудворд „Гнев“ („Rage”) од која првите извадоци веќе се појавуваат на страниците на весникот „Вашингтон Пост“ и во програмата на Си-Ен-Ен.
Од она што досега се појави во јавноста, излегува дека претседателот Трамп самиот себе си се осудува- за своите постапки и за своите зборови.
Навреди за Буш и афро-американците
Пред само два месеци, непосредно пред формалното номинирање за втор претседателски мандат, на конференцијата на Републиканската партија, Трамп на Вудворд му зборувал со големо омаловажување за поранешниот претседател на САД, во два мандати, Џорџ Буш, нарекувајќи го „глупавиот морон“.
Тогаш, студено му се потсмевал и на црнечкото движење наречено „Животите на црнците се важна работа“, создадено по убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, за почитување на расната еднаквост во земјата и против бруталноста на полицијата, од која Флојд и настрада. Признавајќи притоа дека „не чувствува некоја посебна љубов за црнечката заедница“.
Книгата „Гнев“ открива и еден непознат детал од 2017 година, дека САД, тогаш, биле сосема блиску до нуклеарна војна со Северна Кореја, иако во книгата има делови во кои Трамп признава дека го цени и дека има убаво мислење за севернокорејскиот диктатор.
Човек со две лица
Првиот впечаток на јавноста во САД и на сите политички коментатори, по појавувањето на првите издоци од книгата на Вудворд се дека Трамп е политичар избран на најважната функција во земјата, кој имал две сосема различни позиции и гледања во врска со пандемијата со коронавирусот – едно приватно, за сосема тесен и ограничен круг луѓе и другото, за американската јавност.
Без разлика што од епидемијата досега во САД се починати над 190 илјади лица, а блокадата на економијата и на бизнисот, што ја предизвика оваа пандемија создадоа најголема економска криза, по Големата депресија во триесеттите години на 20 век.
Едноставно, „Гнев“ открива дека претседателот уште од самиот почеток знаел дека станува збор за голема закана и дека вирусот е смртоносен, но во јавноста се однесувал како да станува збор за епидемија од грип, одбивајќи да се преземат поенергични епидемиолошко-санитетски мерки.
Непотребни жртви
Во книгата Вудворд открива дека советникот за национална безбедност, на 28 јануари го предупредил Трамп за тоа дека „Ковид ќе биде најголемата закана за американската национална безбедност“. Дури три денови подоцна, претседателот изданал наредба да се забрани патувањето за и од Кина, во време кога вирусот веќе беше во САД и земјата ги регистрираше првите жртви.
Експерти сега тврдат дека доколку претседателот и американската администрација реагирале на време, кога биле предупредувани од епидемиолозите и од лекарите, за тоа дека ниту е Америка не е подготвена за ваков силен налет на еден моќен и непознат вирус, би биле спасени најмалку 36 илјади човечки животи!
Во снимените разговори, што во делови ги емитува Си-Ен-Ен, може да се слушне и да се разбере дека Трамп освен што вулгарно го има навредувано Буш (само затоа што поранешниот претседател, од почетокот, беше против тоа Трамп да биде претседателски кандидат, а подоцна ги критикуваше некои од неговите потези како шеф на државата), го исмева и го омаловажува и својот претходник, демократскиот претседател Барак Обама.
Бајден – Излажани Американци
Откако, како претседател на САД ги поништи безмалку сите закони што ги донесе администрацијата на Обама и се повлече од сите меѓународни договори што тој ги имаше направено, Трамп во разговорите со Вудворд зборувал дека „Обама не е толкку паметен колку што се прави, а не е ниту голем оратор“.
Дури се открива дека Трамп дозволувал, на средбите со Ким Јонг-ум, севернокоеанецот да му се потсмева на поранешниот американски претседател.
Демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден изјави во Мичиген, каде е во предизборна кампања, дека сето ова што го има правено Трамп заслужува да се третира и како „кривично дело“.
-Тој (Трамп) знаел се за вирусот. Знаел за тоа колкава закана претставува, знаел дека е смртоносен и многу пострашен од грипот, а сепак, ништо не направил. Уште и ги лажеше Американците- изјави Бајден.
Со слични осуди се огласи и спикерот на Конгресот на САД, Ненси Пелоси.
Трамп-Политиканско подметнување
Таа смета дека Доналд Трамп, дефинитивно, е човек кој не знае да се справи со проблеми и со кризна ситуација, како и со предизвиците на САД. Друга работа е што тој постојано ја омаловажува стручноста и науката, како и знаењето на епидемиолозите, во случајот со коронавирусот.
Претседателот, во својата прва реакција, меѓутоа, во својот познати стил, ги отфрла наодите во книгата на Вудворд, тврдејќи дека станува збор за „политиканска работа“ и за политичко „подметнување“. Тој уште рекол дека околу пандемијата не сакал да создава паника во Америка.
Боб Вудворд (77) е на два пати наградуван со најпрестижната во САД награда за публицистика и новинарство – Пулицеровата награда.
Има напишано книги за дури деветмина американски претседатели.
Книгата за аферата Вотергејт, што ја има напишано заедно со колегата од „Вашингтон Пост“ Карл Бернстин, кога и обајцата беа само млади новинари во градската рубрика на весникот, предизвика оставка на тогашниот претседател Ричард Никсон.
Вудворд, претходно, за Трамп ја објави и книгата „Страв“.
(Д.В.)