Државни пари за „замолчување на критичарите“
Подолго време во јавноста на Република Србија се провлекува аферата Телеком, во која власта се обвинува дека користела државни пари за, како што се вели, замолчување на критичарите – односно на медиумите кои биле премногу критични.
Во Белград се верува дека аферата отвара и цела низа други прашања, кои ја отсликуваат политичката ситуација во земјата. Станува збор за моќта на претседателот на државата, положбата на медиумите што во ЕУ се почесто се истакнува како проблем за Србија на нејзиниот европски пат, како и правењето сомнителни договори во вредност од стотици милиони евра, што пак го отвора прашењето и за моќта на домашните тајкуни и конечно, за борбата за власт.
Државна фирма и богат тајкун
Аферата ја покрена една од партиите на опозицијата, а ја турка во јавноста опозициска пратеничка, инаку поранешна новинарка, па на сето тоа власта одговара само со груба дисквалифакција на фактите што се презентираат, како и на луѓето кои ја отворија аферата во домашната јавност, користејќи ги медиумите кои се во служба на власта.
Опозицијата преку случајот со Телеком-Србија обвинува дека власта (се тврди дека тоа е токму претседателот), користејќи ја државната компанија Телеком, има воведено медиумска диктатура во државата.
Како главни актери во таа операција се посочуваат оваа фирма и богатиот српски тајкун Игор Жежељ, инаку најголемиот издавач во земјата – сопственик на повеќе компании и фирми за кои се тврди дека биле вклучени во спорните трансакции што ја сочинуваат аферата.
Купување на таблоидот „Курир“
Се тргнало пред две години, кога Телеком и компанијата „Ваерлес Медија“ на споменатиот тајкун, склучиле договор во вредност од без малку 38 милиони евра – наводно за пропагандни услуги.
Опозицијата сега тврди дека станува збор за „обичен параван“ за да се прикрие вистинската намера. А, таа била, од сметката на државната компанија Телеком да му се префрлат тие пари на Жежељ, за да го купи најтиражниот српски таблоид „Курир“ – со чија дотогашна уредувачка политика, власта на Србија не била задоволна.
Истражувањето на опозицијата открило дека тајкуниот за десет милиони ја купил компанијата која го издава „Курир“ (Адрија Медија Група). На тој начин, сега формален сопственик е веќе споменуваниот тајкун, неформален е Телеком, но како вистински газда се споменува српскиот претседател- затоа што од тогаш весникот има видливо и драстично различна уредувачка политика.
Сега е во функција на власта и токму „Курир“ грубо се пресметува со покренувачите на аферата.
Фиктивни трансакции
Опозицијата уште открива и дека во целото тоа фиктивно купување – продавање, Телеком му има платено на тајкунот за наводната услуга, за да потоа тој самиот на себе си ги префрла парите – на сметката на една друга негова фирма од групата компании кои ја сочинуваат „Ваерлес Медија“.
За префрлање државни пари, за да може власта да ги „купува“ медиумите за кои смета дека и создаваат, или може да и создаваат, проблеми, со пласирање на независни новински прилози, требало да се донесе одлука на Управниот одбор на компанијата.
А, опозицијата, пак, уверува дека таквата „пречка“ лесно било совладана, затоа што во одборот на Телеком седат само луѓе кои се врзани за владејачката Српска напредна странка (СНС), партија на српскиот претседател.
Стравување во Загреб
За аферата, се огласија и во Загреб, а тамошниот весник „Јутарњи лист“ има направено опширна анализа на сите овие случувања. Весникот предупредува дека случувањата од Србија може да се префрлат и во Хрватска, затоа што компанијата на Жежељ (Адрија Медија Група) е присутна и на хрватскиот пазар со неколку изданија, како и во Словенија.
Загребскиот весник тврди дека овој српски медиумски тајкун е човек од најголема доверба кај претседателот на Република Србија.
Во секој случај, цели 15 години токму неговата фирма го одржува порталот на Телеком-Србија. Сега Жежељ воведува два дигитални ТВ канали кои како се најавува, веднаш ќе ги откупи Телеком за својата кабловска телевизиска мрежа. Загребскиот весник, констатира дека богатиот и моќен српски тајкун, на тој начин, одново ќе добие државни пари за раширување на своите бизниси- во служба на власта во Белград.
(Д.Б.)