Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија се брани – Германија бара санкции

Stanislav71/BigStock.com

Русија се брани – Германија бара санкции

Официјална Москва, како што можеше и да се очекува, ги отфрли обвинувањата што и се упатуваат од Германија и од Европа, поради труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, што сега е на лекување во една болница во Берлин.

Неговата состојба и натаму е мошне тешка и тој останува во одделот за интензивна нега, по нападот врз него со нервниот агенс Новичок, што најверојатно бил ставен во неговиот чај, што го испил во бифето на аеродромот во сибирскиот град Томск, пред да влезе во авионот за Москва.

Песков ги брани руските лекари

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјавил дека „нема ниедна причина за обвинување на Русија во врска со овој случај“.

Тој уште рекол дека Москва е подготвена за „дијалог со Берлин и Европејците“ околу прашањето поврзано со Навални, но побарал од Западот да „не носи избрзана одлука“.

Песков уште еднаш се бранел дека руските лекари немаат откриено ниту една токсична супстанца, кога нападнатиот бил прегледан во болницата во Омск.

Москва тврди дека руската страна од Германија нема примено никакви информации за анализата што ја имаат направено германските лекари.

-Не мислам дека труењето на ТОА ЛИЦЕ може некому да му користи- грубо реагирал портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, на соопштението од Берлин за тоа дека во случајот на Навални станува збор за обид за убиство.

Најавен состанок на НАТО

Германската влада, претходно, соопшти дека серијата тестови кои биле направени, потврдиле дека Навални, остар критичар на Путин, бил отруен со Новичок, слично како што тоа беше направено пред 2,5 години со поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал, кој со овој нервен агенс беше нападнат во англискиот град Солзбери, каде сега живее.

Берлин соопшти дека за наодите и за случајот ќе ги извести своите партнери во ЕУ и сојузниците во НАТО, за да се види како да се договори заеднички одговор на нападот со оружје за масовно уништување, врз еден политички противник на Кремљ. Колку што се знае, договорен е специјален состанок на НАТО за случајот Навални, додека од ЕУ порачуваат оти Брисел нема да брза со санкционирање на Москва.

Германскиот политичар Норберт Ротген, меѓутоа, смета дека ЕУ и Западот не смеат да го одмолчат овој инцидент и да не реагираат.

ЕУ мора да реагира кон однесувањето на Русија, зашто во спротивно ризикува да остане маргинален фактор во меѓународните односи, без никаков респект. Според Ротген кој е претседател на одборот за надворешна политика во Бундестагот, Европа уште еднаш, е сведок на бруталното однесување на режимот на Путин.

Трамп молчи за Навални

„Русија е веќе сместена во Сирија, се инсталира во Либија и навлегува во Белорусија, прашање е дали Европејците сето тоа ќе го гледаат без да реагираат“ – рекол Ротген за германските медиуми.

Овој политичар смета дека Берлин треба да го преразгледа и договорот со Москва за снабдување со гас, за т.н. „северен поток“, затоа што „станува опасно Германија да стане зависна од руската енергија“.

САД остро се противат на изградбата на овој гасовод и се закануваат со санкции кон фирмите кои би учествувале во неговото комплетирање, но Вашингтон засега целосно молчи околу случувањето со Навални. Демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден остро ја осуди Москва, додека Доналд Трамп воопшто нема реагирано, како што тоа го прави изминатите години, не критикувајќи јавно ниту една постапка на Владимир Путин.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе