Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

И Навални отруен со Новичок

jk1991/BigStock.com

И Навални отруен со Новичок

Тестовите што ги имаат направено во болницата во Германија, каде Алексеј Навални беше префрлен во коматозна состојба од Русија, без секакво сомнение покажува дека остриот критичар на Владимир Путин- е отруен со нервниот агенс Новичок- соопшти германската влада.

Во соопштението на владата се вели дека тестовите направени од семплови, земени од телото на Навални, во болницата во Берлин, покажале присуство на овој агенс, што прв пат е произведен во времето на поранешниот Советски Сојуз. За тестовите се вели дека се правени и во специјализирана воена лабораторија, за потребите на германската армија, за бојни отрови, каде исто така потврдиле присуство на хемискиот нервен агенс од групата Новичок.

Најсмртоносен нервен агенс

Истиот овој агенс, претходно беше употребен за да се ликвидира поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал кој сега живее во Британија. Врз него и врз неговата ќерка, тројца припадници на руската разузнавачка агенција ГРУ (што британската истрага успеа ги идентификува, уловени од уличните безбедносни тв камери), извршија напад користејќи Новичок, во англискиот град Солзбери, во март 2018 година.

Експерти за отрови и за оружјата за масовно уништување, објаснуваат дека станува збор за еден од најсмртоносните нервни агенси, што досега биле произведени.

Алексеј Навални (44) на 20 август, наеднаш се пожалил дека не му е добро и се онесвестил во авионот со кој летал од сибирскиот град Томск, за Москва. Пилотот на авионот тогаш побарал и добил дозвола да слета во Омск, каде Навални кој веќе бил во кома, итно бил префрлен во една локална болница.

Берлин ќе ги извести ЕУ и НАТО

После долги преговори, пазарења и развлекувања со официјален Кремљ и со лекарите во болницата во Омск, кои пред тоа, на два пати ги менуваа заклучоците за неговата состојба, како и за причините за наглото влошување на здравјето на Навални, сепак, на крајот се согласија тој да биде префрлен на натамошно лекување во Берлин, во една тамошна болница, со посредството на една германска НВО.

Германската влада, преку својот портпарол објави дека владата во Берлин ќе ги извести сите свои партнери во ЕУ, како и во НАТО за конечните наоди околу труењето на рускиот дисидент и најгласен политички противник на рускиот претседател – и за тоа дека уште еден остар критичар на Кремљ е отруен со Новичок.

Од сојузниците и партнерите, Германија ќе побара мислење за тоа каков да биде заедничкиот одговор кон Русија за овој инцидент. Претходно, Берлин ќе почека да ја слушне реакцијата на Москва и руското објаснување за труењето на Навални.

Обид за убиство

Уште додека Навални беше во болницата во Омск, официјалните руски власти и Кремљ ги отфрлаа тврдењата на неговите најблиски соработници и на неговата сопруга дека тој е отруен и дека не е прв пат, врз него да се изврши ваков напад.
Но, за германската влада и за канцеларот Ангела Меркел, сега е сосема јасно дека станува збор за обид за убиство.

За нервниот агенс Новичок се знае дека е создаден и ставен во воените резерви на СССР, уште во времето меѓу седумдесеттите и осумдесеттите години на 20 век. Наречен е по рускиот збор „новичок“ што во слободен превод значи нешто ново, односно нешто ново што прв пат се појавува.

Постои како мошне фин прашок, поретко и како гас, но и во форма на пареа. Во човечкото тело навлегува, најчесто, преку вдишување. Но, може да навлезе и преку храна (хранлива течност), или преку кожата.

Чај за труење

Во случајот со Навални се знае дека до наглото влошување на неговата здравствена состојба, претходно има испиено само шолја со чај, во аеродромското бифе во Томск. За тоа постои и една фотографија. Претпоставка е дека агенсот бил ставен во чајот.
Експертите велат дека новичок го напаѓа нервниот систем на луѓето и го блокира со спазнични напади.

Со отров ставен во чајот, во октомври 2006 година во Лондон, во бифето на еден тамошен хотел, беше убиен и Александар Литвиненко, поранешниот руски разузнавач, а потоа политички дисидент, од опкружувањето на сега покојниот Борис Березовски.

Тој меѓутоа, беше убиен со уште пострашен агенс- со радиоактивниот изотоп Полониум-210. За бруталното убиство, британската истрага обвини тројца Руси кои се сретнале со Ливиненко, непосредно пред тој тешко да се разболе.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе