Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Белорусија кон Европа, или назад во СССР

mazzzur/BigStock.com

Белорусија кон Европа, или назад во СССР

Три недели веќе, народот на Белорусија е на улиците на Минск, на протести и исто толку време, режимот на последниот европски диктатор, Александар Лукашенко, настојува да воспостави контрола, за да продолжи и натаму да владее, како што тоа го прави во изминатите 26 години, откако во 1994 година, стана претседател.

А, тоа значи да ја има оваа поранешна советска република, целосно, под своја контрола, да мисли дека тоа што го прави е „за доброто на народот“ и да верува дека никој друг, освен тој и неговите послушници, треба да владеат додека се живи.

Тоа, уште, значи – Белорусија која и до сега беше пример за заборавена и изолирана држава, да продолжи да стои во место, за да остане таква каква беше- сама и слепо лојална само на Москва.

Комунизам и патриотизам

Лукашенко на власт е дојден по хаосот што настана по распадот на СССР во 1991 година. Откако е претседател, тој настојува да задржи елементи од поранешниот советски комунизам. Најголем број од фабриките и стопанството се под државна контрола.

Медиумите и посебно тв станиците се ставени во положба да и се целосно лојални на власта. Дури и моќната, белоруска тајна полиција се уште се нарекува КГБ.

Од друга страна, Лукашенко се обидува да се прикаже пред своите сонародници како тврд националист кој ја брани земјата од „штетните“ странски влијанија, за да остане „национално чиста“, што треба да го направи (кај националистите) единствен гарант за стабилноста и опстанокот на земјата.

Мрачна, популистичка техника која ја применуваат сите деспоти и сите режими, каде и да се, посебно на Балканот, која, за жал, се уште пали кај дел од масите.

Вака позициониран, тој успеваше секогаш да има база за да остане на власт и да ги има државата и гласачите секогаш под своја контрола. Особено што немаше ниту силен противник во неединствената и неопределена (што воопшто сака) домашна опозиција.

Затоа и Белорусија никогаш до сега нема организирано и изведено слободни, демократски и фер избори. Без протести поради тоа.

Водка и сауна

Ако и имаше протести во изминатите години, тие главно, беа врзани за незадоволството од корупцијата и сиромаштијата, но никогаш не нудејќи алтернатива, ниту себе си, спротивставена на власта.

Дури и во услови на глобалната пандемија, Белорусија и режимот во Минск се однесуваа како да се на некоја друга планета.

Лукашенко, прво и не прифаќаше дека постои вирус, иако тој „шеташе“ по Европа, одземајќи човечки животи како ниту една пандемија во изминатите 100 години.

Подоцна, даваше совети и нудеше „лекови“ за борба со коронавирусот – со пиење на водка, со користење на сауна и со многу, тешка работа!

Работите наеднаш се изменија по последните претседателски избори, на кои Лукашенко се кандидираше – по шести пат.

Се мислеше дека и овие избори (4 август) ќе поминат како и сите претходни.

Надворешни посматрачи сметаат дека доколку не направеше тоа што го направи, вечниот претседател лесно ќе поминеше и низ овие избори. Но, изгледа дека тој за прв пат, во изминатиот четврт век се исплаши за себе и за својата власт.

Трите жени на опозицијата

Уште рано ги поапси сите претенденти на изборите, од редовите на опозицијата, или ги дисквалификуваше нивните кандидатури – како незаконски. Но, наместо расуло на опозиционерите, како што се очекуваше, улогата на опозициски кандидати-политичари, ја презедоа три жените на уапсените опозиционери.

Улогата на предводник ја презеде Светлана Тихановскаја (37) професорка по англиски јазик, без никакво политичко искуство, која за кусо време го постигна она што нејзиниот затворен сопруг не успеа- да ја обедини опозицијата и да тргне во кампања низ Белорусија.

И, што е многу важно – зборувајќи за прв пат, во името на сите кои бараат крај на диктатурата и заминување на Лукашенко.

Тихановскаја и две нејзини сојузнички во кампањата имаат истакнато политички барања- за економски и секакви други реформи во државата, за ново, демократско раководство. Приврзаниците на режимот, на контра протести, продолжија со она што го прават со години – да тврдат дека без Лукашенко ќе ја немало Белорусија.

Сознанијата од теренот, меѓутоа, го исплашија актуелниот шеф на државата, па тој направи груб фалсификат со изборите со кој само покажа за каков политичар станува збор и каков е неговиот режим.

Натерана да си оди од земјата

Излезе дека за него гласале 80 отсто од Белорусите, а за опозиционерката Тихановскаја 10 отсто. Изборната комисија веднаш ги потврди резултатите, како конечни, а опозицијата и нејзината предводничка и кандидат за претседател, ги отфрли- прв пат гласно порачувајќи дека станува збор за изборен грабеж.

Таа побара и ново пребројување, но таквото барање беше отфрлено, а сите жалби на опозицијата Врховниот суд, едноставно, не ги ниту разгледувал, затоа што се прогласил за – ненадлежен!

Уште истата вечер дотогаш малку подзаспаните Белоруси, излегоа на улиците на Минск, да протестираат против изборниот грабеж.

Првата вечер протестираа три илјади, а втората околу четири илјади лица кои станаа жртви на бруталноста на белоруските специјални сили. Дури седум илјади беа уапсени, а за две лица се потврди дека биле убиени во текот на уличните немири.

Предупредени од делови на власта, безмалку целиот изборен штаб на Тихановскаја, уште првата ноќ побегна во странство. За неа подоцна се разбра дека била уапсена и одведена на сослушување. Била испрашувана седум часови, пред да ја натераат да замине од земјата. Таа се одлучува за Литванија, каде веќе претходно биле испратени нејзините деца, додека власта има објавено дека „побегнала“ од Белорусија.

Тихановскаја бара преговори

Од таму, Тихановскаја праќа прогласи во кои повикува да продолжи борбата против диктатурата.

Во егзил, таа со своите истомисленици имаат создадено Совет за координација на опозицијата, кој треба да преговара околу трансферот на власта. Во него има стари, искусни противници на режимот, луѓе од белоруските НВО, адвокати и правни лица, како и почитувани личности од домашната култура.

Преку видео порака од Литванија, таа објави дека е подготвена да ја води Белорусија и дека Совет бараат нови избори во земјата.

Лукашенко, како што и можеше да се очекува, реагираше непријателски- отфрли секаква можност за нови претседателски избори, а уште помалку преговори со опозицијата и нивниот Совет за координација.

Наместо тоа, власта објави дека сите се надвор од законот, дека нивната активност е незаконска и „прават пуч за преземање на власта“.

Случувањата во Белорусија, какви немало од распадот на Советскиот Сојуз, тука влегуваат во неизвесност, околу тоа што ќе се случува понатаму.

Режимот на Лукашенко смета дека, во основа, го има скршено отпорот. Уверувајќи се себе си и другите дека неговата земја не е Украина и дека кај него не може да се случи она што и се случи на Украина – да остане без Крим и да нема никаква контрола врз Донбас (Донецк и Луганск).

Рускиот фактор

Опозицијата можеби сега не е разединета, но е распрсната на повеќе страни, па прашање е дали во Белорусија има доволно сили и решеност да се истрае до крај и да се тргне диктаторот.

ЕУ го направи она што единствено можеше да го направи – да не ги прифати изборните резултати и да побара истрага за изборниот грабеж и за полициското насилство.

Уште и да побара (да ја предупреди) Москва работите да не ги разреши според стариот советски стил- со силата на оружјето. САД, пак, се на седумдесет денови до избори кои на Доналд Трамп му се поважни од било што.

Во овој момент, на Белата куќа најмалку што и треба е да отвора кавга со Русија и тоа за Белорусија.

Во ваква ситуација, останува да се види што тоа има на ум Кремљ – кога станува збор за иднината на земјата-сосетка. Од Минск уште од порано Русија бара локации за три воздухопловни бази и договор за подлабока (економско-политичка) ИНТЕГРАЦИЈА.

Не се знае што тоа значи, но не е тајна дека Владимир Путин уште од пред 20 години сака од Русија да направи нов СССР, на поинакви основи, велат, како нешто налик на „руска“ европска Унија.

Дали тоа значи дека Белорусија би била првата земја од која би почнала новата интеграција- со, или без Александар Лукашенко.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе