„Антицрногорска коалиција е создадена во Белград“
На 30 август во Црна Гора се одржуваат парламентарни избори, кои поради сложената внатрешно-политичка ситуација во земјата, распалените црногорско-српски меѓунационални страсти, како и константното мешање од надвор, ги прави не само значајни за државата и нејзината иднина, туку важни и за нејзиното соседство и за регионот.
Уште повеќе што и во земјата и во регионот се уште е во свежо сеќавање она што се случи пред безмалку четири години, кога на денот на изборите, беше направен обид за пуч во Црна Гора, што безбедносните сили го разбија пред да започне целата операција. Истрагата подоцна п0кажа дека зад планот за дестабилизација на државата и за насилно преземање на власта стоеле странски разузнавачки служби – српската и руската.
Свртување на Подгорица
Белград и Москва ги отфрлаа ваквите обвинувања, но властите во Подгорица открија дека осомничените организатори, откако виделе дека планот за пуч е разбиен, побегнале од Црна Гора во Србија, а од таму за Русија.
Оние што останаа и беа фатени од црногорската полиција, беа изведени на судење и осудени, освен едно лице кое во текот на судењето избега од зградата на судот и се сокри во амбасадата на Република Србија во црногорскиот главен град – каде се уште се крие. Објаснувањето на Белград е дека станува збор за српска државјанка, која, според српските закони, не може да биде екстрадирана, за да и се суди во странство.
Како и да е, обидот за пуч, уште и подржуван и помаган со странски разузнавачки оперативци, остави траги врз односите на Подгорица и Белград и целосно ги замрзна односите со Русија. Посебно, откако Црна Гора, наместо кон Истокот, се определи за свртување кон Западот, кон евроатланските интеграциски процеси, па во меѓувреме стана и членка на НАТО, а ги започна и преговорите за влез на земјата во ЕУ.
Казнување за „предавството“
Москва не може да и го прости на Подгорица ваквиот геостратешки пресврт, затоа што Русија, се чини, трајно остана исклучена од излез на Јадранско море, што е руска стратешка определба уште од империјалните времиња. Од тогаш врз оваа мала, поранешна ЈУ република се врши силен притисок и мешање во нејзините внатрешни состојби, како казна за земјата, секаде каде тоа Москва може да го направи. Сама, но најчесто и во сојузништво со официјален Белград.
Србија и онака, има некои свои сметки за казнување!
Прво, со тоа што не може да го прежали излегувањето на Црна Гора од „мини (српско-црногорската) федерацијата“, што ја замисли Слободан Милошевиќ, како замена за државата која со сите сили се трудеше да ја растури, затоа што не успеа да ја преуреди да биде според српскиот терк. Потоа, затоа што по прогласувањето на црногорската независност, во Подгорица почна да се инсистира на етничката посебност на Црногорците и да се повикува на историската државност на некогашното кнежевство.
Во периодот кога Србија го започнуваше својот европски пат, за членство во ЕУ, отворањето на овие, за Белград, тешки прашања, како идентитетот на луѓето во Црна Гора, мораше да се тргнат на страна, или барем за нив да се одбегнуваат јавни полемики и расправии.
Великосрпски позиции
Наместо политичарите тоа прашање им беше оставено на српските националистички кругови и, над се, на Српската православна црква (СПЦ) кои останаа на линијата на старата, великосрпска политика.
А, таа тргнува од тоа дека Црна Гора е „српска земја“, дека Црногорската нација не постои, туку дека станува збор за Срби кои се дел од српското етничко, национално ткиво кое (сега) живее во друга држава.
Цел еден дел од црногорската историја – од Берлинскиот конгрес во 1878 година, кога оваа мала држава беше признаена како независно и суверено кнежевство, па се до нејзиното претопување во Србија, при создавањето на Југославија, по Првата светска војна- и порано, но и сега грубо се негира, како воопшто и да не постоел.
Шансата за сите овие чувствителни прашања одново да се проговори, пласирајќи ја на сите начини српската теза за „српската“ Црна Гора, во Белград ја видоа, откако во Подгорица се најави нов закон за верските слободи и заедници.
Законот, во основа, претставува своевиден попис на имотот на сите верски заедници во државата, вклучувајќи ја СПЦ која од 1920 година дејствува на црногорската територија, како единствена (православна) црква.
Но, во Белград тоа беше искористено за отворање жесток напад врз властите во Подгорица, прикажувајќи го законот, донесен во една суверена држава, како – напад врз Србите во Црна Гора, па потоа и како напад врз српството во целина и посебно на српската црква, која државната територија на Црна Гора, ја смета како безмалку свој имот.
Обнова на автокефалната ЦПЦ?
Врз Подгорица, а посебно против претседателот Мило Ѓукановиќ, од Белград беше отворена силна кампања и таа трае и сега, непосредно пред изборите.
Во неа од страна, се вклучува и Москва, иако не руската држава, барем не јавно, но секако Руската црква која во СПЦ го има својот најлојален сојузник.
Тоа сојузништво е уште повеќе засилено, сега, кога по прогласувањето на автокефалноста на Украинската црква, што веднаш потоа беше признаена од Грчката православна црква – дојде до остар судар на СПЦ и на Руската црква, со грчката.
А, според официјална Подгорица, токму една ваква СПЦ се користи како орудие за белградската (и московската) државна политика кон Црна Гора.
Се верува дека хаосот што го прави СПЦ во земјата со организирање протесните литии, кои се обични политички демонстрации против власта, со носење свештенство (и верници?) не е воопшто за заштита имотите на СПЦ, што никој нема намера да ги одзема, колку затоа што Ѓукановиќ инсистира на обновување на Црногорската православна црква (ЦПЦ) и на нејзината афтокефалност, од годините на постоењето на кнежевството.
Тоа, според оценките во Подгорица, ќе значи заокружување на процесот на црногорската државност, но ќе и ги поткастри силно крилјата на СПЦ, за да не ја „растура Црна Гора и за да не биде паралелна власт“, зад која стои официјален Белград. Српската страна на тоа гледа како на „смртна закана“ за српската кауза во Црна Гора.
Црквата бара смена на власта
На една од последните такви литии кои сега, сместени во колони возила, шетаат низ земјата, еден од српските верски лидери отворено има побарано од гласачите – на 30 август да ја сменат власта во Црна Гора.
Претседателот Ѓукановиќ, на еден предизборен митинг, затоа и откри дека „опозициската, антицрногорска коалиција е веќе создадена и тоа во Белград“.
Како што има речено- таа коалиција, во секој случај не и мисли ништо добро на земјата. Таа коалиција е создадена, таа постои и нејзините припадници (и Белград) повеќе и не се сокриваат, ниту ги сокриваат своите намери.
„Видете ги овие карикатурални литии преку кои се сака да се пренесе антицрногорскиот набој врз што е можно повеќе граѓани на Црна Гора. При тоа, е покрената жестока медиумска војна против нашата држава и против нас. А, нивната понуда е истата и добро позната. Таа е Црна Гора да се откаже самата од себе, од својата европска иднина и да застане под чадорот на Белград и на Москва“- рекол претседателот на Црна Гора.
За овие парламентарни избори, тие антицрногорски кругови ја имаат додадено и идејата- СПЦ да ја раководи и да ја води државата, им порачал на гласачите Мило Ѓукановиќ.
(Д.П.)