Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Стив Банон обвинет како – измамник

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, Steve Bannon (32289717844), CC BY-SA 2.0

Стив Банон обвинет како – измамник

Поранешниот советник во Белата куќа, Стив Банон, главниот архитект на претседателската кампања на Доналд Трамп, на изборите во 2016 година, е уапсен и обвинет за измама!

Ваквото кривично дело е поврзано со прибирање пари за изградбата ѕид на американско-мексиканската граница, што беше едно од првите големи ветувања на актуелниот претседател на САД, во неговата пресметка со миграцијата.

Според американските медиуми кои се повикуваат на соопштението на Министерството за правда, Банон и три други лица измамиле стотици илјади лица кои донирале пари за кампањата – Да изградиме ѕид- која се искачила до 25 милиони долари.

Мрачниот идеолог

За Банон се вели дека има земено „најмалку еден милион долари“, но на првото судско рочиште обвинетиот се изјаснил дека не е виновен.

Во текот на кампањата на тогаш политичкиот новак Трамп, дотогаш познат само како мошне богат Американец и водител на една телевизиска програма, Стив Банон беше можеби најважниот во тимот за победата на (тогаш) политичкиот аутсајдер со наметнување на крајно-десничарската, анти-мигрантска идеологија, преку која се разви трамповата популистичка кампања „Америка на прво место“ (America First).

Банон бил уапсен на една луксузна јахта, долга 45 метри, што е сопственост на контроверзниот кинески милијардер Гуо Венгуи.

Минатата есен, американските медиуми открија дека Банон, веднаш по заминувањето од Белата куќа, каде беше дел од првата администрација на Трамп, почнал да работи за Кинезот, како специјален советник, велат, за мошне висок хонорар.

Тоа се случувало во времето кога односите на Вашингтон со Пекинг беа максимално коректни, па дури и пријателски.

Обвинети советници

Стив Банон е шестиот по ред екс висок советник на Трамп кој се соочува со кривична одговорност. Овој, за обична, криминална измама – за извлекување лична полза, во пари.

Пред него, обвинети и осудени беа Пол Манафорт, поранешен директор на изборната кампања на Трамп, па Роџер Стоун, искусен политички кампањер, Мајк Коен, поранешен адвокат на Трамп, Рик Гејтс, екс заменик директор на изборната кампања и Мајкл Флин, бивш советник за национална безбедност на претседателот кој е осуден уште пред две години, но се уште не му е изречена казната!

Претседателот Доналд Трамп изразил „тага и жалење“ на веста дека неговиот некогаш близок соработник, е уапсен, но притоа инсистирал дека тој во ниту еден момент не бил дел од донаторската кампања.

Како и да е, ѕидот на границата со Мексико беше клучното ветување на Трамп во неговата претседателска кампања на која се „залепија“ многу од гласачите од сојузните држави кои ја делат конзервативната и десничарска идеологија, на која Банон и го прикачи популизмот, нетипично за САД и крајното десничарење.

Пари за лично богатење

Но, клучно за случајот и за неговото апсење е што според американското обвинителство, Банон и другите три обвинети лица, имаат измамено многу луѓе уверувајќи ги дека – парите што ги даваат, како донација за специјално направената фондација – целосно ќе се потрошат за изградбата на ѕидот.

Банон и другите тројца кои ги прибирале парите, ги употребиле за лично трошење, за богато и раскошно живеење.

Оваа измамничка „четворка“ има правено лажни фактури и сметки за „перење“ на донациите и за прикривање на својот криминал, притоа, како што има изјавено обвинителот што го води случајот, не водејќи сметка за повредата на законот, за неговото непочитување, за вистината и за моралот – измамувајќи толку многу луѓе.

Токму Банон ја покренал ваквата шема- за донација за ѕидот- во декември 2018 година. На луѓето им зборувал дека парите ќе се користат само за градбата на ѕидот на границата, прикривајќи ги вистинските цели на фондацијата, на тој начин што ја прикажувал како НВО (против кои инаку како ултрадесничарски идеолог – јавно – војува).

Падот на Банон

По првото сослушување бил ослободен со кауција од 1,75 милиони долари, за да се брани од слобода, како и со блокирање на неговиот имот. Освен тоа тој не смее да патува, не само во странство, туки и низ САД.

Американските медиуми пишуваат дека станува збор за „срамен пад“ на Стив Банон (66), еден од главните идеолози на ултра-десницата во САД, како и креатор на „Црната крајнодесничарска алијанса“ која се обидуваше да ја наметне и во Европа.

Како противник на либераланата, непопулистичка, демократска Европа, во ЕУ и во нејзиното ширење, тој и неговите истомисленици гледаат „закана“ за „црната“ и мрачна идеологија – на национализам, расна и верска омраза и анти-мигрантска политика.

Патувајќи низ Европа/ЕУ тој настојуваше да создаде силна база (практично) за растурање на ЕУ. Својата идеологија им ја нудеше како некаква ултра-десничарска алтернатива на Унијата, па затоа свои истомисленици бараше и наоѓаше таму каде европската ултрадесница и самата веќе работеше по една таква шема.

Во Италија, со помош на Матео Салвини, во Франција со Марин Ле Пен, во Холандија, во Унгарија каде Виктор Орбан е единствениот ултрадесничар во ЕУ на власт, но и во земји како Србија и Македонија, во времето на режимот на избеганиот затвореник, екс премиер – осуден за криминал.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе