„Нема договор за ограда на српско-македонската граница“
Европската комисија ги отфрли како неточни тврдењата дека подигнувањето ограда од жица на границата меѓу Република Србија и Република Северна Македонија било дел од некаков претходен договор.
Портпаролот на Европската комисија, Ана Писонеро за радио Слободна Европа изјави дека Комисијата на своите партнери во Западен Балкан им дава значителна финансиска и техничка помош, кога станува збор за справување со миграцијата. За тоа, само за Србија во 2015 година се доделени 100 милиони евра.
„Тие пари, меѓутоа, не предвидуваат градење ограда, која како што погрешно има објавено радио Слободна Европа, па таа не е дел од било каков договор“ – изјави за ова радио портпаролот Писонеро.
Радио Слободна Европа, претходно, објави информација од Прешево, град на југот од Србија со доминантно албанско население, дека во реонот на градот, се поставува жичана ограда долж српско-македонската граница. Оградата (наводно) би требало да оневозможи масовно, илегално преминување на границата, за влез на српска територија, на пат кон земјите од Западна Европа.
Ваквата информација, оваа радио станица ја објави врз основа на разговорот со функционер на локалната власт во Прешево кој тврдеше дека подигањето на оградата е договорена со знаење на Брисел и на Европската комисија.
Но, никој од Белград, па ниту од надлежното министерство за внатрешни работи, во ова меѓувреме, се нема огласено со коментар, за да се потврди, или за да се демантира информацијата на прешевските локални власти.
Во Скопје, од министерството за внатрешни работи само е речено дека на македонската страна од границата, не се подига никаква ограда.