Србија поставува ограда на границата со Македонија
Властите на Република Србија поставуваат висока жичана ограда на границата со Република Северна Македонија, во реонот на Прешево, наводно, за да се заштити од „бранот бегалци“, но и за да се оневозможи, евентуалното, помасовно илегално преминување на српско-македонската граница – јавува радио Слободна Европа, повикувајќи се на локалните власти во овој град во јужна Србија, со доминантно албанско население.
Засега нема никакви назнаки за нова мигрантска криза, како и за движење на некаков бран од бегалци и мигранти, особено што тие претходно би требало да ја преминат македонско-грчката граница и да минуваат низ македонската територија.
Прешево зборува за заштита
Нема ни ново навестувања дека бегалците се тргнати од камповите на грчка територија, како ниту дека Турција, одново, ја има отворено границата „за да се преплави Западна Европа“ со имигранти од Блискиот и Средниот Исток, за да има оправдување- Србија да се брани со жичани огради, како оние, на српско-унгарската граница што во 2015 година ги подигна унгарската влада.
Сепак, претседателот на општина Прешево, Шќиприм Арифи изјавил за Слободна Европа дека на границата се подига ограда и дека таа била дел од договор со ЕУ!
„Мислиме дека оградата е во функција на дополнително обезбедување на границите кои се надвор од Унијата, од бегалци и мигранти кои би можеле (евентуално) одново да тргнат по т.н. “Балканска траса“.
Арифи уште рекол дека оградата на „индиректен начин придонесува за процесот на евроинтеграцијата“, иако тој лично тоа не го одобрува.
Според оваа радио станица, никој од Европската комисија во Брисел ги нема потврдено ваквите информации на Слободна Европа од Прешево.
Белград (и Брисел) без коментар
Ниту за тоа дали знаат за ова, откако изминатите години токму Брисел го критикуваше подигнувањето огради на европските граници, ниту, пак, дали навистина Европската комисија била консултирана, пред да почне да се подига ограда на српско-македонската граница.
Засега нема било каков коментар ниту од српското Министерство за внатрешни работи, надлежно за една ваква операција на границата.
Од Скопје, македонското МВР има само изјавено дека од страната на Македонија не се гради никаква ограда.
Последните податоци на Комесаријатот за бегалци во Република Србија, од 20 јуни, не покажува никаков поголем раст на бегалци и мигранти на српската јужна граница. Во 18 азилантски и прифатни центри во оваа држава, имало 4800 лица.